Младите луѓе денес имаат значително помал фокус од младите пред пет или 10 години, имаат поинакви навики, интереси, учат на поразличен начин, живеат поинаку. Младинските работници, доколку сакаат успех во создавањето подобри прилики за младите, неопходно е да се постават во овој контекст, и вистински да ги препознаат своите компетенции во однос на младите. 
Доколку како младински работник не сте вешти во виртуелниот свет, сега е вистински момент тоа да станете. Не затоа што пандемијата ќе трае уште долго, туку затоа што младите веќе одамна се во виртуелниот простор каде создаваат, промислуваат, имаат и создаваат проблеми, ама и делуваат. Подоброто разбирање на дигиталниот свет и како младите го доживуваат, отвора многу простор за работа со нив.

Со дигитални алатки до остварување на целта

Некои од дигиталните медиуми кои младите секојдневно ги користат имаат милионски корисници. Еден дел од нив е креиран токму од младите. За да го разбереме тоа, доволно зборуваат и следните бројки: Фејсбук е создаден во 2004 година и има 2, 8 милијарди активни корисници месечно, Инстаграм е креиран во 2009 година, и има една милијарда активни корисници месечно, а ТикТок, иако создаден во 2017 година, има 689 милиони активни корисници во еден месец (податок на Statista.com)
Ваквата работа со младите, еднакво, ако не и повеќе, е изложена на процесите кои им се случуваат ним, но, и во целото општество. Причина за тоа е достапноста на информациите и комуникацијата со врсниците, но, и генерално, можностите за комуницирање со кого било, каде било, за што било. За ова треба да биде свесен секој младински работник што креира активност за младите. Исто, како и во други околности, дигиталната работа со младите бара од младинскиот работник да создава и спроведува програми кои ќе им овозможат да работат самостојно или во групи, ќе им пружат прилики за еманципација, но, и услови да се чувствуваат сигурно во средина која е поддржувачка и времето го поминуваат со одредена цел. Овие програми ќе овозможат зајакнување на младите луѓе во походот да креираат промени кои се потребни на нивното непосредно опкружување и на заедницата, ќе ги охрабрат да носат одлуки и ќе им понудат развој на неопходните вештини и знаење низ неформално образование. 

Вклучување во заедницата и во општеството


Доколку последнава година, како младински работник сте креирале содржина за млади низ дигитална работа, без земање предвид на гореспоменатите насоки, вие, всушност, не сте спроведувале активност на работа со млади. Веројатно, само, сте креирале уште еден  дигитален состанок во низа, или „Само уште  еден Зум“, како што би рекла бабата на Илина. 
Исклучително е важно младинските работници да развијат пристап кон групи, да ја разберат групната динамика, но, и да бидат подготвени да одговорат на потребите на поединците во онлајн опкружување. Важно е, секоја нова активност и во онлајн светот, да ги учи младите како да бидат вклучени, активни во правецот на примени кои им се потребни лично ним, но, и во општеството во кое делуваат и во заедницата во која живеат. Младинските работници, како и вообичаено мора да иницираат, да ги повикуваат и да ги вклучуваат младите во процеси кои имаат долгорочно влијание. Тоа не значи дека треба на секое вклучување на микрофонот на состанокот на Зум веднаш да реагираме, туку значи дека треба да осмислиме активност со која на младите им се праќа порака дека се видени, препознаени, почитувани и повикани на одговорност и дејствување
Важно е, кога ќе го исклучиме тој дигитален простор, да остане комуникацијата со младите, да работиме со нив и во живо, да им делиме информации, да ги мотивираме, поддржуваме во идеите и во прашањата кои и сами ги креираат. 


Создавање искуства низ кои младите учат


Дигиталната работа со младите не е метода само за себе, туку таа може да биде вклучена во скоро сите облици на работа со младите. Овој приод се реализира со иста етика, вредности и принципи на работа со младите и како кога не користиме диигитални алатки, социјални мрежи и нови технологии.
За креирање и спроведување активност во дигиталната работа со млади, потребни се повеќе вештини кои младинските работници веќе ги имаат, како што се: јасно дефинирање цели, познавање на контекстот во кој работиме, групна динамика, фасилитаторски вештини, добри вештини на комуникација и разбирање на разновидноста и еднаквоста, важноста на вклучување на младите во општествените процеси, како и основно познавање на политиките кон младите. 
Она што прави разлика во дигиталната работа со млади е агилниот пристап на младинскиот работник. Работата со млади, генерално, а посебно дигиталната, бара подготвеност за нови работи, креативен одговор на пристапот во учењето, создавање искуства низ кои младите учат, креирање алтернативни вредности за нив и за заедницата. Организациите кои спроведуваат активности на неформално образование и работа со млади, треба да развијат свој осмислен пристап, во насока на создавање влијание во заедницата.
Тоа, секако, не е едноставно, и бара професионално усовршување, за кое треба време, посветена работа и постојана вклученост на младите. 

Како младински работници, исклучително ми е важно дека низ дигиталната работа со младите водиме и грижа за нашата и нивната сигурност. Тука не мислам на маските за заштита од вирусот и протоколите, туку на создавање безбедно дигитално опкружување во кое младите сакаат да учествуваат и придонесат, каде нивните права се почитуваат, а тие ги почитуваат другите, а младинските работници ќе го задржат својот простор, интегритет и можности за личен и професионален развој. 



Дали го можеме тоа? Дали умееме? Сакаме ли во онлајн светот да имаме свет во кој ќе креираме вредности за младите?


(Авторката е раководителка на одделот за политики кон младите и работа со млади во Институтот за развој на млади „Култ“, Босна и Херцеговина)