Денес наставата преку „Зум“ е новото секојдневие, а „мутирај се“ е новиот поздрав меѓу професорите и студентите. Универзитетите ги префрлија своите предавања, полагања и студентски сервиси на интернет. 

Предизвиците од оваа промена се многубројни, исто како и придобивките, кои можат да се извлечат само доколку дигитализацијата ја гледаме како стратегиска определба. Но, за да се случи тоа, таа треба да дава резултати и да е соодветно приспособена на околностите во кои се реализира. Околности во овој случај значат увид во тоа дали дигитализацијата го дава саканиот ефект, дали ги постигнува предвидените резултати од учењето, дали го става студентот во центарот на образованието и го подготвува за иднината, за работните места од иднината и за одговорноста да биде дел од општеството, како и да изгледа во иднина.  Дали тоа што го гледаме денес е дигитализација на наставата  во вистинска смисла на зборот и е по мера на сите вклучени страни во високото образование?

Дигитализацијата е трансформација на економијата, владеењето и на општеството преку усвојување на постојните и на новите дигитални технологии. Дигитализирање на учењето, пак, значи засилување на процесите на учење со технологија.

Се предвидува дека дигитализацијата на високото образование ќе носи светла иднина, со образование достапно за сите, со подобар квалитет и пониски трошоци. Но, сето тоа ќе се постигне само доколку процесот е обликуван за да им одговара на сите засегнати страни. Не можеме да тврдиме дека дигитализацијата ќе донесе придобивки доколку е несоодветна за академскиот кадар и за студентите, па и доколку менаџментот и администрацијата на универзитетите не се подготвени за неа. Не можеме да гледаме како големите риби во морето се движат и да го копираме нивниот пат, притоа испуштајќи ја нашата храна. 

Од март 2020 година, Универзитетот Американ колеџ - Скопје го трансформираше начинот на учење и на предавања. Сите програми се реализираат на хибриден начин. Веб-платформите Мoodle и CISCO Webex се користат за наставата. Курсевите и внатрешните акти за функционирање на наставата и на универзитетот биле приспособени и променети соодветно за да ги адресираат промените во начинот на реализација на наставата и сите стандарди и критериуми за квалитет во високото образование. 

Универзитетската библиотека е дигитализирана со корисни материјали достапни во електронска форма, кои прават бази на податоци. Базите на податоци се состојат од организирани колекции на податоци што овозможуваат повеќе од една употреба на материјалите и од дигитални библиотеки што содржат колекции организирани во електронски форми, достапни преку интернет и на цеде. 

Сите студентски сервиси се дигитализирани, вклучувајќи ги и центрите за кариера и клубот за туторско асистирање на студентите. 

(Авторката е проектен менаџер во Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21 и експерт во обезбедување квалитет во високото образование. Информациите користени за текстот се дел од две нејзини студии на случај направени како дел од нејзина иницијатива, како член на Македонско-Американската Алумни Асоцијација). 


Читајте го целиот текст во новиот број!