Добар начин на поттикнување и на развивање на емпатијата кај учениците е преку разговор и дискусија за теми што се значајни за човековиот живот. Ова може да се прави во кругот на семејството,  но и во училиште. Дискусии за тоа како се чувствува некој лик во филм или литературно дело, кои се негови аргументи за одредена тема и сл. можат да го поттикнат тинејџерот да ја забележи перспективата на другиот, што е директно поврзано со емпатијата

Што е емпатија?

Емпатијата е способност да се разберат и споделат нечии чувства до степен да можеме да замислиме што мисли или чувствува другата личност и на тоа да одговориме соодветно и со внимание. Таа е основа за  успешна комуникација во сите сфери на животот. Тоа е во основата на способноста на  детето да биде љубезно и сочувствително и од суштинско значење за создавање и одржување пријателства. Емпатијата е и важен фактор во академскиот успех, успехот во кариерата и моќна лидерска вештина.



И бебињата покажуваат емпатија

Емоционалната емпатија се јавува најрано, уште новороденчињата почнуваат веднаш да ги рефлектираат емоционалните состојби и изрази на тие околу нив. Благодарение на огледалните неврони, доенчињата на возраст од 18 часа често покажуваат одредена реакција на други новороденчиња во неволја. Ние не ги учиме бебињата како да го прават тоа. Тие се родени оспособени за да ги бележат искуствата на другите во својот мозок. Раните емоционални искуства меѓу бебињата и тие што им даваат нега се клучни за развојот на емпатијата.
Бидејќи негувателите негуваат и се грижат за новороденчињата, бебињата прават клучни асоцијации меѓу позитивните човечки интеракции, системите за наградување и чувството на смиреност и на безбедност.
Децата што се чувствуваат безбедно, сигурно и сакано - се почувствителни на емоционалните потреби на другите. Психолозите оваа врска меѓу негувателите и бебињата ја нарекуваат „приврзаност“, а истражувањата покажуваат дека квалитетот на приврзаноста е предвидувач за емпатија и за сочувство подоцна во животот. Децата што не доживуваат ваков вид интеракција имаат ниска самодоверба, тешкотии во управувањето и регулирањето на емоциите, а понекогаш и нарушен капацитет за емпатија. Доколку возрасниот е крут и одбивен во односот, детето ќе има проблеми со препознавање на своите сопствени емоции, како и на емоциите на другите.


Девојчињата се поемпатични од момчињата?


Како што се развиваат децата, когнитивните компоненти на емпатијата почнуваат да се појавуваат и ги надополнуваат емоционалните обрасци што ги формирале во текот на првите години од животот. До предучилишните години, децата стануваат сè посвесни дека другите луѓе имаат посебно тело, чувства и искуства. Тие развиваат „заземање перспектива“, што е основа за  способноста да застанат во туѓи чевли и да се грижат за тоа како се чувствува другата личност. Разликата меѓу себе и другите созрева брзо во текот на раното детство. На пример, ако едногодишно дете види дека некој негов другар е вознемирен, може да ја натера својата мајка да го утеши другарот, додека две и полгодишно дете во иста ситуација ќе оди да ја повика мајката на неговиот другар затоа што сфаќа дека неговиот другар би сакал да го утеши сопствената мајка. Некаде околу  шест или седумгодишна возраст  детето е поспособно да ја забележи перспективата  на друго лице и да понуди решенија или помош кога ќе забележи дека некој е во неволја.
Овие вештини и однесувања се развиваат различно кај децата и зависат и од контекстот. Обично предучилишно дете што се чувствува безбедно и сигурно на почеток на учебната година може да биде подготвено да биде емпатичен пријател. Во овој период  емпатичноста се учи низ воспитување за искажување грижа, моделирање, раскажување приказни, комуникација, играње, тренирање емоции и цела стрпливост. Некои истражувања покажуваат дека девојчињата се поемпатични од момчињата.


(Авторката е психолог)
Илустрација на Лирим Хоџа.


Прочитајте и за тоа како се практикува емпатијата и како може да доведе до исцрпеност доколку не се балансира - во 45-тиот број.