Не е лесно за жителите да ја напуштат Газа, нивното право на слободно движење е ограничено и често е предмет на арбитрарни одлуки без соодветно објаснување. Тие знаат да се „пофалат“ дека живеат во најголемиот затвор на планетава, обесправени однатре од еден авторитарен режим, а блокирани однадвор – од окупаторот, кој со нив постапува безмилосно, под изговорот „во име на безбедноста на Израел“

Во должина од 40-тина километри, на источниот брег од Средоземно Море, во еден правоаголник со површина колку урбаниот дел на Скопје, живеат два милиона Палестинци – жители на Газа. Верувам, повеќето од вас слушнале за Газа, оној - Појасот Газа. Често ја имаше во вестите, уште во 1980-тите, во времето на Јасер Арафат, постојано претставена преку слики на униформа, војна и жртви. Таму често беше споменуван и Израел, по добро или по лошо – зависи кој ги читаше вестите.

Голем наталитет, ретки ресурси


Газа е едно од најгустонаселените места на планетава. Сепак, само 30-ина проценти од сегашните жители гордо велат дека потекнуваат од таму. Другите две третини се водат како бегалци - дојденци. Иако родени во Газа, мнозинството се потомци на семејства што биле присилно раселени за време на неколкуте конфликти и војни со Израелците меѓу 1948 година и 1967 година. Нивните поранешни живеалишта сега се наоѓаат во Израел. Сите што имаат статус на бегалци се под посебна заштита на UNRWA (UN Relief and Works Agency for Palestine Refugees in the Near East) и најчесто зависат од помошта на оваа агенција, која работи од 1950 година.

Жителите на Газа се едно од помладите населенија во светот. Повеќе од 40 проценти од населението е помладо од 15 години, а само три проценти надминале 65 години. Наталитетот е голем, а ресурсите за нормален живот сѐ поретки. Според изјави на високи претставници на Обединетите нации дадени во последнава декада, Газа станува место каде што нема услови за живот.   

Главниот административен центар, Газа Сити, е најразвиеното подрачје во појасот. Плански изграден во блокови со дотраена инфраструктура, потсетува на запуштена југословенска провинција во 1990-тите години. Покрај него има уште неколку урбани центри, помали градови со асфалтирани улици во општините по должината на појасот. Камповите со бегалци ги има насекаде. Низ годините, привремените шатори и колиби се претворени во збиени населби од цврста градба, најчесто пренаселени згради од сива тула без фасада и со импровизирани прозорци. Оваа сива „архитектура“ е најчестата глетка во појасот. Невработеноста во Газа во 2019 година достигна 45 проценти, вклучувајќи 70 проценти од младите, a повеќе од 30 проценти од луѓето живеат во сиромаштија. Со последните рестриктивни економски мерки преземени поради ковид-19, овие проценти се во пораст.  

Газа се протега на 365 квадратни километри и последните официјални податоци од 2014 година укажуваат дека има 1.816.000 жители. За илустрација, урбаниот дел на Скопје има 337 км2 и четири пати помалку жители. Извор: Center for Disease Control, United States of America


Правото на слобода на изразување и асоцијација се сериозно ограничени, најчесто во спротивност со човековите права. Комуникацијата и соработката со Израелците се смета за сериозно кривично дело. Иако голем дел од населението не се согласува со политиката на власта, тие се конформирани, од страв за личната безбедност и за безбедноста на нивните најблиски.

На израелските граѓани со еврејско потекло им е забрането да влегуваат во кој и да е дел од окупираните територии. Така, можноста за комуникација и градење мир е оневозможена. Некој ќе помисли дека со ова некој смислено го одржува конфликтот.

Правото на здравје и ограниченото движење

Здравствениот систем во Газа нема капацитети да лекува посериозни заболувања или, пак, да врши потребни испитувања и дијагнози. За овие услуги е потребно да се отпатува до Рамала или Ерусалим, со претходно добиена дозвола од израелските власти. Поради долгите процедури се случува луѓе да починат чекајќи дозвола. Некои, пак, не ја ни добиваат поради „безбедносни причини“. Децата со потешки заболувања добиваат дозвола да се лекуваат надвор од Газа, но без придружба од нивните родители. Има случаи кога вашиот најблизок може да почине во болница во Ерусалим, без да го видите, да се поздравите. 

Тајни тунели до израелска територија

Замислете дека сте студент и сте добиле стипендија да студирате на некој реномиран европски или американски универзитет. Веќе имате виза за престој во земјата и уредна покана. Има само една пречка, како да добиете дозвола за излез од Газа? Од каде ќе полетате? Иако некои успеваат да се школуваат во странство, многумина млади ја пропуштаат својата шанса само поради тоа што не добиваат дозвола за движење
.
Поради лошата економска состојба, многумина се обидуваат да пребегаат во други земји или да стигнат до Западниот Брег, каде што имаат повеќе шанси да најдат работа. Поради малите шанси да се добие дозвола за излез, некои се решаваат да пребегаат преку оградата. Палестинците уште одамна имаат ископано тајни тунели, кои водат до израелска територија. Една од задачите на израелските безбедносни сили е да ги откриваат и затрупуваат тие тунели. Некои, пак, успеваат и да ја пробијат оградата ризикувајќи да бидат застрелани од снајперисти, стратегиски поставени од другата страна. Самото приближување до оградата носи ризик со себе. Забрането е движење во појасот од триста метри во близина на оградата. Само за тоа можете да добиете куршум во ногата, а не, пак, да се осмелите да ја преминете и да бидете фатени од другата страна.

Целиот текст е објавен во 44тиот број на Лице в ливе