На минатогодишниот Светски економски форум (The World Economic Forum), се претстави иницијатива преку која на една милијарда луѓе би им било помогнато со технолошки / дигитални знаења и вештини до 2030 година. Иницијативата е насловена „The Reskilling Revolution“ и има цел да овозможи промена на кариерата, но и дополнителна едукација, во насока на подобра конкурентност на пазарот на трудот. Покрај помошта на самиот поединец, ваквата иницијатива им помага и на работодавците, како творци на работните места, да очекуваат технолошки, дигитално и креативно предизвикувачки позиции.

Ваквата иницијатива покажува резултати уште во првата година од примената. Педесет милиони луѓе веќе ги промениле своите работни места, но и се доедуцирале во полето на дејствување.

Покрај индивидуалната поддршка, податоците на WEF  проценуваат дека ваквиот модел поставува предвидување за зголемување на БДП од 6,5 трилиони долари до 2030 година.

Од ваквите иницијативи поттикнати од состојбите со кои се соочува светот, може да се каже дека приспособливоста е клучна за да се зборува за иднината на работните места, но во исто време да не се продлабочат нееднаквостите што во минатото ги истакнуваа економските разлики.  

Дигитализација да, но само ако подразбира и инклузивност

Овој камелеон момент е нешто што колективно мораше нужно да го научиме. За да ги задржиме работните места, треба да имаме предвид дека вештините се вредност. Доколку замислиме ситуација во која личност работела како угостителски работник, според светската статистика, шансите за промена на работната позиција во техничка поддршка на корисници се 71 процент. Истиот сет вештини дава можност од 47 проценти за директна работа во продажбата преку интернет.

Овие процентуални прикази се базираат на достапноста на платформи и на организации како

Млади хаб, LinkedIn Learning, FreeCodeCamp, Udemy, Coursera, Acumen Accademy итн., кои овозможуваат пристап до ресурси што во минатото биле помалку експонирани и помалку достапни. Со тоа луѓето имаат можност да се здобијат со вештини кога сакаат, каде сакаат и со темпо што им одговара.

 Покрај континуитетот на образованието, секогаш мора да се внимава и на културата на една организација. Културата овозможува инклузивност на различностите, а тоа значи прифаќање и адаптација на комуникацијата, како основа за добра работна средина. Иако културата нема директно забележлива врска со иднината на работните места, токму дигитализацијата и дигиталните простори ни дадоа до знаење дека може да соработуваме со кого било, каде било. Но, ова ќе се оствари само ако воспоставиме атмосфера на инклузивност, која ќе поттикне уживање на различностите и со тоа придонес во целото работење.


Овие две нишки на сегашноста ме тераат да го охрабрам и поттикнам секој да размислува за иднината од перспектива на опслужување на личните и на работните потреби преку континуирано учење, но и градење култура на еднаквост и на прифатеност. Само преку континуитет во учењето може да се надеваме дека ќе разбереме и ќе бидеме разбрани.

Моја лична практика, дури и на професионално поле, е споделување информација.

Токму тој момент на споделување информација ми остави посебен впечаток изминатата година, а е поврзан со иницијативата #ДонирајКомпјутер. Почна на социјалните мрежи и им помогна на многу лица и семејства што беа принудени да се приспособат на новиот образовен процес, преку донирање компјутер и компјутерска опрема. Дополнително, мојот став за континуирано учење може да се поткрепи со тоа што телефоните стануваат основен комуникациски уред и со тоа секоја содржина прво се приспособува на нив, а потоа и на другите (лаптоп, паметен ТВ).

Секој што мисли дека не може да се приспособи на новите дигитални предизвици, може само да се праша дали пандемијата некого предупреди дека комуникацијата со роднини и со пријатели нужно ќе се одвива преку мобилни апликации ?


(Авторот е ентузијаст за подобро утре, во општествен и во технолошки контекст)

Илустрација: Мартина Талевска