„Ненормален, ретардиран, ментален, идиот, имбецил, нездрав, будала, за гревота...“
Ова се само дел од зборовите што ги користиме во секојдневната комуникација без трошка совест дека ќе повредат некого. На работа, во маркет, на улица, во секојдневната комуникација „во живо“ и на интернет, лицата со попреченост често се среќаваат со говор на омраза. Од некои намерно, од други, пак, сосема случајно се употребуваат зборови што можат да допрат до нивните емоции.

Речиси редовно се однесуваат на лицата со попреченост. Искажани кон нив, несомнено означуваат говор на омраза.

Говорот на омраза носи психолошки предизвици

Во земјава говорот на омраза води кон кривично дело што се казнува со затвор од една до пет години, но, во практика, ваквиот начин на однесување е прифатен како нормален. Говорот на омраза самиот по себе не е кривично дело, но е регулиран од кривичен аспект, според повеќе елементи пропишани во Кривичниот законик. Има неколку кривични дела што се поврзани со говорот на омраза – загрозување на сигурноста, предизвикување омраза, раздор, нетрпеливост врз основа на која било дискриминаторска основа, каква било дискриминација, вклучително и врз интелектуална или телесна попреченост итн. 

Зошто да премолчуваме навреди?

Триесет и двегодишниот Игор Шајноски од струшкото село Радожда е лице со Даунов синдорм, коe ѝ е добро познатo на јавноста по уривањето рекорди во продажбата на уличното списание „Лице в лице“. Вработен е во Центарот за подобрување на квалитетот на животот на лицата со интелектуална попреченост „Порака Нова“. Шајноски смета дека граѓанската свест за говорoт на омраза треба да ја кренеме на повисоко ниво. 
- Сакам да им покажеме на сите дека вистински работиме и сме способни за работа! Со продажбата на уличното списание јас придонесувам во семејниот буџет и среќен сум што работам. Им порачувам на политичарите да работат на намалување на говорот на омраза, не само кон ранливите, туку и, воопшто, кон сите граѓани - вели Игорче.
Кога го продава списанието, тој учтиво претставува дел од содржината. Но, вели, често наидува на непријатни ситуации. Некои веднаш го бркале да не им се приближува, со изговор дека е пандемија, други, пак, дрско и навредливо се однесувале кон него. Дали овие луѓе ќе се однесуваа вака и со лице што нема забележлива попреченост?  



Игор нагласува дека многумина сакаат да се фотографираат со него или, пак, да испијат пијалак заедно. Тие го мотивираат и го тераат да продолжи да работи.  Во непријатните ситуации, кога кон него се нафрлаат со говор на омраза, вели дека премолчува и се повлекува од местото, но имало и моменти кога не можел да го потисне бесот. 
- Кога некој ќе ми се обрати дрско, јас упорно зборувам со цел да ме ислуша што нудам. Некои луѓе го купуваат списанието, но има и такви со тврд став, кои ме навредуваат. Во такви ситуации само со трпение се контролирам да не им возвратам и удирам на списанието или на маса за полека да го испуштам бесот - раскажува Шајноски.



Анита Гаговска, секретар во „Порака Нова“, појаснува дека, иако несвесно, сите ние во секојдневната комуникација користиме навредливи зборови, кои може длабоко да допрат до лицата со попреченост. 
- Да се освестиме самите ние кои термини ги користиме кога разговараме со роднини и со пријатели, но и со луѓе што не ги познаваме. Ненормален, ретардиран, идиот, се термини што непосредно се однесуваат на лицата со попреченост. Најверојатно се произлезени од нашиот традиционален говор и се останати како едно негативно наследство, но се многу подлабоки и носат далекосежни последици – вели Гаговска. 
Работејќи со лица со попреченост, и самата се соочила и била сведок на говор на омраза.
- На социјалните мрежи има ситуации во кои родители на лица со попреченост се толку гласни и навредуваат, што користат говор на омраза кон другите граѓани. Дури и ние, лицата што работиме со нив често сме нападнати со говор на омраза од семејствата на лица со попреченост - забележува Гаговска.

Прочитајте го целиот текст во актуелниот 47ми број на Лице в лице, купете ТУКА.

Фотографии: Кристина Затуровска