Од Радожда до Свети Наум! Тоа е маршрутата на Игорче, кој вообичаено, летните месеци е најмотивиран за работа. Тимскиот дух на „Порака нова“ придонесува тој да може непречено да ги посетува местата на охридското крајбрежје уривајќи рекорди во продажба, но и во поминати километри на дневните релации од нивниот план. 

Продава самостојно и се дружи со поддржувачите, а планот за продажба и за дистрибуција го прави неговиот ментор Стефан, кој му ја дава и поддршката на Игор во патувањата кон Охрид и кон охридските плажи. Во овој синџир, алката што ќе ја надополни целата слика се токму читателите и поддржувачите на списанието. 

- Најубавите места на целиот свет се Струга и Охрид! Изобилуваат со најубави природни убавини и богатства. Имам чест да живеам и работам покај Охридско Езеро. Се надевам дека ова ќе биде уште поубав период за туризмот и за продажба на списанието. Уживам во разговорите со  многу туристи од Македонија, но и од целиот свет и верувам дека ќе запознаам уште многу нови луѓе додека го продавам списанието – вели Игор, горд радожданец. 

Неговите способности, но и поттикот, континуираната мотивација и поддршка да работи, да заработува и да напредува, се одлична приказна, која ќе мотивира многумина.  Така, дури е на теренска продажба, Игор ќе ги впива и реакциите на сограѓаните, кои потоа ќе ги сподели со тимот на проектот „Лице в лице со дезинформациите и говорот на омраза“, преку кој тимски, „Паблик“ и „Порака нова“ ќе понудат контранарација на овие негативни појави и соочување со лажните вести.
Во фокусот е градењето отпорност кај граѓаните и, особено кај младите, кон дезинформации, а преку овие активности „Лице в лице“ ќе понуди платформа што ги еманципира овие актери за активизам, соработка со медиумските работници и поттикнување позитивни приказни што ќе го намалат влијанието на лажните вести и на говорот на омраза врз публиката.  Освен тоа, ќе влијае и на засилување на капацитетите на локалните граѓански организации, локалните медиуми и медиумски работници и, општо, на граѓаните  во општина Струга за медиумската писменост и критичко размислување како клучни во оваа нерегулирана информациска и дигитална ера.