Децата ќе го спасат универзумот

„Колку сме отворени за нови, чудни, невообичаени луѓе и доживувања? Колку е нашиот ум отворен да влеземе во еден необичен, поинаков свет од нашиот, а многу едноставен, реален и секојдневен за некој друг. Колку сме подготвени да го разбереме светот на едно исклучително интелигентно дете, Исак, кое е главен лик во книгава, или, пак, светот на неговата пријателка Махута, која, како што вели авторката во книгата, „е дете од друг ѕвезден систем“. Или, пак, можеби да го разбереме секојдневието со кое се соочува детето Оги од книгата „Чудо“ на Р.Џ. Паласио, кое е родено со вродена аномалија. И дали, можеби, би поминале барем еден ден со Игор, лице со Даунов синдром, кој е продавач на „Лице в лице“ во „Порака Нова“, со цел да влеземе барем накратко во неговиот свет и да се видиме себеси преку неговите очи, како ние го доживуваме него.

Ако порано за некој да беше слушнат, разбран и прифатен требаше да биде возрасен, образован, со големо искуство и изграден авторитет, денес баш и не е така. Сведоци сме до каде го донесовме светов од слушање авторитети и со ископирано реплицирање на нивното искуство, без притоа да внесеме барем трошка сопствена иновација. Дојдовме до степен планетата да нѐ моли да ја спасиме, а куршуми и пискотници да ни се единствената музика што ја слушаме. Исклучителните деца мораа да ја преземат работата во свои раце. Така се појави Малала, која на 14 години, борејќи се за образование за женските деца во Пакистан, беше застрелана од Талибанци. Така се појави Грета Тунберг, која од дете е меѓународно позната по тоа што ги предизвикува светските лидери да преземат итни мерки против климатските промени. Вакви исклучителни деца ќе се појавуваат секојдневно.

И, си велам, Исак, сигурно, ќе најде исклучителни, невообичаени, чудесни, волшебни, посебни, чудни, срамежливи деца, кои ќе имаат слични интереси, да внесат значителни промени во светот. Нивните социјални иновации, дигиталната трансформација, прифаќањето и разбирањето повисоки духовни вредности, ќе внесат суштински општествени глобални промени.


Последната порака што Мери и Кики ја испраќаат преку мајката на Исак е дека децата ќе го спасат универзумот, а јас верувам во тоа“, истакна во своето обраќање промоторката на книгата, Анита Гаговска.

„Сребрениот дух на езерото сонува“ е резултат на проектот „Нов бран детски книги“ на ИНКА од Струга. Радост е што текстот го гледам меѓу корици, тоа е исполнување на еден дамнешен сон за своја книга за деца. Во неа се вплетени доживувања од детството, кои, и од оваа перспектива, сѐ уште се инспиративни. Исак и Махута, носечките детски ликови, суптилно ја навестуваат мојата идеја за другите светови, утопијата, што е мудроста... преточени низ текстот и низ магичните илустрации на Христијан Томаноски, вели Исмајлоска заблагодарувајќи му се на „Лице в лице“ за можноста книгата да допре до повеќе читатели.

Мамо, страв ми е.

Од што мило?

Сонував повторно, истиот сон, го сонував духот на езерото, тој за кој ми кажуваше дедо.

Исак душо, тој дух, кој спие со планктоните стари еден милион години и кој ги сонува соништата на езерото. Тој дух не е страшен.

Но, мамо, тој и изгледа како планктон. Ме плаши неговиот изглед и приказните што ми ги раскажува. Кажува дека, многу многу одамна сонува со езерото. Тој е и стар колку езерото, што значи многу многу стар, меѓу најстарите. Ги знае сите негови тајни. Дедо вели дека само посебните можат да ги разберат тајните. Не ме плашат толку тајните, туку тоа што значи да си посебен. Мамо, јас не знам што значи да се има пријател. Чуден сум им на децата од училиште зашто ги сакам духовите и ѕвездите. Ме плаши, но и ме привлекува сребрениот дух на езерото.

Мило мое, ајде да цртаме. Нацртај ми го духот, а потоа со својот цртеж ќе се фалиш на дедо ти. Сигурно ќе го стави и на ѕид.

Исак го зеде блокот, својот омилен дрвен молив и нацрта: исак.



Мајка му го гледаше тоа. Ѝ личеше на некаква рипка од друга планета, но никако на нешто од Земјата. И тогаш се сети. На приказните што нејзиниот татко ѝ ги кажуваше како дете. И си помисли, сега и нему му ги кажува, на Исак. Тоа ѝ донесе насмевка на лицето. Исак, дете, му рече, тој дух не е страшен, ти велам, го познавам. Исак набрзо сфати дека не го плаши толку духот и неговиот изглед, колку што го плашат другите деца кога им раскажувам за него. Затоа веќе не сакам да го сонувам, ќе му го кажам тоа следниот пат.



(Извадок од книгата „Сребрениот дух на езерото сонува“ на авторката Мерсиха Исмајлоска, издание на „Бата прес“ . Илустрации: Христијан Томаноски.
Делото може да се најде во книжарниците на „Литература.мк“, или да се нарача преку интернет на: kupikniga.mk)