Живеев на различни места и секаде се чувствувам убаво. Албанија е особено блиска до мојот сензибилитет, таму имам оставено делче од моето срце. Но во Македонија постои нешто поради кое секогаш кога ќе ја поминам границата се чувствувам како да си доаѓам дома. Можеби тоа е семејната блискост и широко отворените врати што ги помнам од моето детство, можеби е мелодијата на јазикот, кој ме одушевува, а кој сè уште не го говорам добро. Можеби поради храната што ја сакам, иако, поради тоа што сум вегетаријанка, секако не поради скарата. Можеби, ја одбрав и поради приказните на луѓето што паѓаат како прашинка на вашите чевли додека се шетате низ улиците на македонските села и градови. Секогаш ќе се враќам во Македонија барајќи ја причината зошто овде имам чувство како да сум дома.
Дојдов во Македонија делумно случајно. Откако дипломирав, барав нешто што би ги комбинирало моите страсти за историја, антропологија, социологија. Тогаш родителите ме предизвикаа да го организирам семејниот одмор. Го одбрав градот Влора во Албанија. По пат застанавме во Скопје, а следниот ден и во Охрид. Не знаев ништо за Македонија и за Албанија. По враќањето од одмор, се фасцинирав од регионот и аплицирав за балкански студии. Потоа се случија неколку коинциденции. Мојот кус текст за Албанија беше објавен во многу познато полско списание за патувања. Една жена од Полска, која го читала ова списание, ме покани на летна практика во нејзината туристичка агенција во Албанија. Агенцијата, пак, следната сезона се разработи токму поради моите активности. Јас бев единствената вработена таму, освен двете мачки, кои беа постојани членови на тимот. Четири сезони им покажував на полските туристи места во Албанија носејќи ги редовно и на дневни патувања во Охрид и во Призрен.
Бргу потоа дојдов во Македонија за велигденските празници во 2016 година. Работев на мојата магистерска теза „Потенцијалите на туризмот за решавање конфликти“, сфатив дека овде можам да ги реализирам аспектите за кои пишувам. Зимата повторно се вратив и целиот семестар го поминав во теренско истражување, ја напишав мојата магистерска и... почнав блог. Токму тој блог во јануари 2020 година се претвори во мал бизнис. Така, веќе пет години јас сум постојано на прошетки низ Македонија.




Македонија ме научи дека луѓето можат да живеат со почит


Овде најмногу ми се допаѓаат меѓучовечките и соседските односи, особено во мултиетнички и мултирелигиозни региони, кои, за жал, ги има сè помалку. Луѓето во Македонија се отворени и гостопримливи. Ја гледам растечката изолација и поделбата на луѓето поради политички ставови, религија (што ја разликувам од вера) или етничка група, но Балканот, особено Македонија, ме научи и ми покажа дека луѓето можат да живеат едни со други со почит и во мир додека нешто не ги вознемири. Тоа „нешто“,обично е систем на моќ.
Луѓето знаат многу приказни за нивните предци или историја, за местото каде што пораснале. Не само постарите, туку и тие на моја возраст, знаат многу, можеби не историски факти, туку некои преданија, приказни што се раскажани од колено на колено - за најблиската црква, местоположба, локални народни приказни или легенди. Веројатно е поврзано со тоа дека генерациите не се изолираат едни од други, туку се во меѓусебен контакт и протокот на приказната е жив и природен.

Туризам што решава конфликти разговарајќи со луѓето, не за нив

За темата туризмот да решава конфликти се заинтересирав пред неколку години и изненадена сум колку малку е препознаена и користена во политичката наука, дипломатијата и во меѓународните релации. Има истражувања за туристичката нарација што се користи во Кина, кога туристот е воден за да види само тоа што треба да види за да му се наметне размислување, или во Палестина, каде што националноста на водичот нè поставува од другата страна на конфликтот. Во 2016 година ми се чинеше дека е одлична тема за учење на Балканот, особено Македонија: закон што не дозволува да добиеш лиценца за туристички водич, доколку не си Македонец, водичи што ја приспособуваат нарацијата во зависност од националноста на групата што ја водат, нарација што чепка во темите на меѓусоседски конфликти. Но, јас дојдов до други, иницијално незабележливи проблеми. Како може туристичката нарација да исклучи социјални групи, да ја премолчи културата на исламот, да ги избрише Албанците, Власите или да наметне идентитет? Како може музеите да ја одржуваат нарацијата на конфликт и да користат говор на омраза за да укажат на „непријателот“ од другата националност?

Од друга страна, верувам во туризам што гради мостови. Моето мото е „Треба да разговараме СО луѓето, не ЗА нив“. и „Ако приказната не е твоја, не можеш да напишеш нов крај.“ Сакам луѓето да можат да си ги вратат своите приказните и својот глас. Како? Со поткопување на стереотипите. Со среќавање луѓе и поминување време со нив. Да ги предизвикувам мислењата на луѓето што патуваат со мене затоа што овие мисли не се секогаш нивни, ова се механизми што ги користи нашиот мозок и се лесни за користење и за манипулирање на другите. И водат кон омраза. Но, тие можат да се искористат за да се изгради нешто ново. Договор.

(Авторката е туристички водич)

Прочитајте го целиот текст во 45-тиот број на Лице в лице