Илустрација на Лирим Хоџа

Човековото здравје е одраз на односот со светот

Современата психологија потврдува дека луѓето со хронични физички заболувања од секаков вид – од малигни заболувања или автоимуни состојби како што се ревматоиден артритис или улцерозен колитис, состојби како што се егзема и псоријаза и невролошки нарушувања како што се мултиплекс склероза, Паркинсонова болест, па дури и деменција – се карактеризираат со одредени емоционални обрасци на соочување со животните околности.
Многу често, воспитниот модел поттикнува потиснување негативни емоции, наметнато чувство за должност, улога и одговорност, непотребна грижа за емоционалните потреби на другите игнорирајќи ги сопствените  и верување, повторно несвесно, дека некој е одговорен за тоа како се чувствуваат другите луѓе и дека никогаш не смее да ги разочара другите. Многу луѓе веруваат дека мора постојано да ја докажуваат и оправдуваат својата достојност, да потврдуваат дека се „доволно добри“.

Луѓето се биопсихосоцијални суштества, чиешто здравје или болест го одразува односот со светот во кој живееме – вклучувајќи ги сите  варијабли на семејството, општеството, полот и родот, политичкиот статус и природата од која сме дел.

Поделената одговорност меѓу личноста и општествената организација

Од една страна, личноста не може да е одговорна за своето потекло, генетика и семејните услови, односот што постои меѓу родителите, но е одговорна за следење на своето ментално здравје, сопствениот пораст и развој, функционалноста, нивото на изложеност на стрес и сл. Тука спаѓа и  одговорноста за изборот да се побара помош и третман, доколку има потреба од тоа.
Најдобра превенција на менталното здравје е работење на себеспознавањето, самодовербата, релациите во општеството и реализација на потенцијалите што ги поседува личноста.
За жал, нашето воспитување во семејството и образованието многу малку нѐ обучуваат да развиваме вештини за личен развој и стратегии за соочување со преплавувачки емоции или здрави обрасци на однесување и грижа за себе.

Добрата состојба и менталното здравје на граѓаните се изразува преку чувството на среќа и на задоволство од животот. Изминатава деценија се зголемува свеста за важноста на среќата и на задоволството од животот, како кај поединците во едно општество (граѓаните), така и кај креаторите на политиката.

Одговорноста на општеството, системот, како е организиран, создаден, како функционира и има капацитети да ги следи и задоволува потребите на индивидуата - е основниот критериум за здравје на неговите граѓани.  Доколку едно општество е перманентно под стрес, притисок, неизвесност, тоа, секако, ќе активира емоционални обрасци кај граѓаните, кои постојано се во ситуација да се соочуваат со кризни и неизвесни ситуации. Колку што повеќе трае кризата во едно општество, толку повеќе силите за соочување на граѓаните се исцрпуваат. Ова е основа за појава на болест, и ментална и физичка.

Ваквите граѓани, исцрпени и со истрошени механизми за справување, го создаваат и одржуваат системот и општествените организации. Дали можат да создаваат и одржуваат здрав систем кога и самите се пред предизвикот на исцрпеност на сопствената ментална сила? Секако дека не. Така, нефункционални граѓани (ќе) одржуваат нефункционален општествен систем.
(Авторката е психолог)


Прочитајте го целиот текст во број 48.