Ја имаме привилегијата денес да читаме за настаните додека тие се случуваат, но, од друга страна, вестите станаа опасна информација и понекогаш кријат стапица. Денес се води битка против лажните вести и на овој фронт се чини како да губиме.  Другиот фронт е борбата против говорот на омраза. Медиумите треба да ја едуцираат пошироката јавност за различностите. Но дали го прават тоа?

Како да се избориме против овие појави, кои сериозно му пречат на демократскиот развој? Дезинформациите многу брзо го освојуваат медиумскиот простор и ги засенуваат фактите и вистината. Социјалните мрежи, пак, ги извадија на површина најретроградните ставови на луѓето, па често цел на навреди и на дисквалификации се различните и тие што се најранливи. 

Илустрации на Лирим Хоџа.

Кога говорот на омраза станува норма

Ретко се пријавува говор на омраза по основа на интелектуална и на физичка попреченост. На платформата „Говор на омраза“ поставена од Хелсиншки комитет за човекови права, од стотици поднесени пријави, во период од 2012 година до 2021 година, има само две пријави по основа на интелектуална и на физичка попреченост.
Зошто се занемарува говорот на омраза од овој вид? 

Членот 319 од Кривичниот законик предвидува затворска казна од една до пет години за тој што ќе користи говор на омраза по која било основа, вклучувајќи ја основата ментална и телесна попреченост.

Така, луѓето со попреченост понекогаш се и свесни дека институциите што треба да ги штитат ранливите категории, не го прават тоа. А навреди на нивна сметка има толку многу, особено на социјалните мрежи, што се чини јавноста е навикната лицата со попреченост да ги гледа како интелектуално подредени.

Законот предвидува начини за решавање на овој проблем. Ваквите појави треба да се пријават во Министерството за внатрешни работи. Но за да се постигнат промени во општеството, не треба да пријавуваат само засегнатите, кои често не можат да се заштитат самите себе, туку и обичните граѓани. 

- Граѓаните треба да имаат вештини да ја препознаат и разобличат нарацијата што содржи говор на омраза, предрасуди и стереотипи, без оглед на тоа кон кого е насочена, и да не учествуваат во одобрување, коментирање или споделување вакви содржини на социјалните мрежи. Децата уште од најрана возраст треба да учат за различностите во општеството, за прифаќање на другите, кои не се исти или слични со нив, да ги вградат овие принципи во својот вредносен систем - вели Весна Никодиновска, раководителката на проекти во Македонскиот институт за медиуми.

Лажната вест игра со човечките емоции

Новинарското перо може да има водечка улога во афирмирање на тие што се маргинализирани, но и обратно, во нивно обележување. Една од пријавите на платформата на Хелсиншки комитет е за пишан текст на еден  портал. За да се оцрни политички неистомисленик новинарот употребил зборови како аутистичен и ментално ретардиран. Ова е пример каде што медиумот ги става лицата со попречености во негативен контекст и придонесува за стереотипи.

- Лажните вести најчесто користат изрази што се вообичаени во говорот на омраза. Најефектната лажна вест игра со човечките емоции поттикнувајќи чувства на гнев, страв, неспокој, супериорност, но и вознемиреност - вели Младен Чадиковски од ЗНМ.

Емилија Петреска – Камењарова, помошничка–раководителката на Секторот за програмски работи во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), пак, додава дека медиумите треба „да известуваат за појавата на говор на омраза, но, им е забрането да го шират“. Но, медиумите често не ја препознаваат својата улога, а со појавата на порталите длабоко навлегоа во трката за „кликови“ и „лајкови“. Ова ни го донесе проблемот со лажните вести. 

- Мислам дека единствениот начин да се спротивставиме на дезинформациите е да бидеме добро информирани, да читаме различни спротивставени гледишта и да избереме кредибилни извори на информации. Понекогаш и да истражиме подетално доколку нè интересира одредена тема, пред да коментираме или да одобриме. Но, исто така, и да им веруваме на фактите, на науката, на тие што имаат долгогодишно искуство во работата во една одредена област, во која се стручни. Да истражиме, пред да одобриме! - смета Никодиновска.

Проверувај пред да поверуваш!

Емилија Петреска – Камењарова посочува дека во политиката за медиумска писменост на АВМУ, постојат четири компетенции што треба да ги имаат граѓаните.

- Критичка свесност, која подразбира свест за комерцијалниот и политички интерес што стои зад содржините на кои сме изложени. Таа се засилува со развивање на својот интегритет, етика, емпатија и праведност. Кога ги читаме или гледаме медиумските содржини од оваа позиција на критичка свесност, можеме да ги процениме;

- Свесност за улогата на емоциите со комуникацијата преку интернет, емоциите играат важна улога во ширење дезинформации, луѓе се вџасени од лажните вести, па споредуваат пред да проверат;

- Дигитална добросостојба, оспособеност на луѓето да ги користат и да владеат со новите технологии безбедно и сигурно, тие да ни бидат слуги, а не господари;

4 - Полноправно граѓанство, граѓани што активно учествуваат во граѓанското општество пријавувајќи дезинформации и споделувајќи ги сториите за проверка на фактите.

Прочитајте го целиот текст во електронското издание на Лице в лице тука.


Оваа содржина е поддржана преку регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција", што се спроведува со поддршка од Европската унија, од страна на партнерските организации од регионот: СЕЕНПМ, Македонски институт за медиуми, Албански медиумски институт, Медијацентар, Косово 2.0, Црногорски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет.

Содржините во текстот се единствена одговорност на авторот и на уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“ и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската унија.