Фотографии: Антигона Баџаку Идризи

Пет лица со Даунов синдром се вработени, имаат подобро животно секојдневие, уна­пре­ден статус во општеството и во опкружувањето.
Ова не се случи ниту преку ноќ, ниту стихијно, само од себе. Главната вина за ваквото по­ме­сту­ва­ње на положбата на ранливите граѓани во Косово ѝ се препишува на Луљета Ну­хи­ја – Лулу, социјална менторка, која преку здружението „Down Syndrome Kosova“ беше вклу­че­на во првиот циклус обуки на програмата Социјално менторство за работна ин­те­гра­ци­ја, пилот-програма од Асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој, „Паб­лик“, а поддржана од Германското друштво за интернационална соработка, ГИЗ.

Лу­лу, како што ја викаат пријателите и соработниците, е родена во Куманово, a во мо­мен­тов живее и работи во  Косово. Знаењата од програмата за социјално менторство на „Паб­лик“, чијашто цел е овозможување полесен влез и останување на пазарот на труд на ран­ли­ви­те сограѓани, особено на тие што се најдалеку од него, Лулу успешно ги преточува на те­рен.

Ве­ли дека нејзиното здружение, преку социјалното менторство, како социјална иновација  ја игра улогата на мост и на посредник за успешното вработување на лица со Даунов син­дром. Досегашното искуство потврдува дека со темелен пристап и структуирана под­др­шка можe да се направат големи поместувања кај овие лица. Во исто време, со­ци­јал­ни­от ментор е врската меѓу лицето со кое работи и бизнис-секторот, кој ќе треба да ја види важ­ностa од внесување различност меѓу вработените.

Ова беше повод да поразговараме со Лулу за патот низ процесот на работа, како и за впе­ча­то­ци­те на лицата со кои работи како ментор.

Дол­го време работите со лица со Даунов синдром. Можете ли да направите разлика  ме­ѓу поддршката што им ја дававте претходно на вашите корисници и оваа, откако ја по­ми­на­вте обуката за социјално менторство?

- Да, доаѓам од здружение што преку свои програми имаше големи обиди за обез­бе­ду­ва­ње услуги, како што се стручно оспособување и поддршка за вработување лица со Да­у­нов синдром. Иако беше многу предизвикувачки, „Down Syndrome Kosova“ успеа да ин­те­гри­ра некои поединци на отворениот пазар на труд, главно во приватниот сектор. По обу­ка­та за социјално менторство, овие напори добија форма на систематски механизам или пристап што служи како модел како да се води процесот на интеграција на пазарот на тру­дот на достоинствен начин, кој е заснован на факти.
 
Кол­ку соработуваат родителите и најблиската околина, како гледаат на потребата   нив­но­то дете да се вклучи на пазарот на труд?

- Род­ни­ни­те и родителите на лица со Даунов синдром, воопшто на лица со попреченост, од самото раѓање се загрижени за благосостојбата на своите деца и не го наоѓаат од­го­во­рот на големото прашање: „Што ќе биде со нив кога ние веќе нема да бидеме тука?“ Со нив­но интегрирање на пазарот на труд, се ублажуваат грижите на нивните родители за­тоа што нивното дете сега е независна индивидуа и е способно да ја обезбеди својата бла­го­со­стој­ба, дури и да биде активно лице што придонесува во општеството.



Ка­ква промена забележувате кај нив, кога од корисници стануваат активни актери во соз­да­ва­ње економски, социјални и културни промени во општеството?

- По­крај нивната лична исполнетост дека се способни да ги докажат своите вештини на ра­бо­та и гордоста што финансиски придонесуваат за семејството, тие, исто така, успеваат да из­бег­нат проблеми со менталното здравје, кои можат да произлезат од неангажманот и од не­ма­ње­то работен идентитет. Но, тоа не е сѐ. Вработените, преку претставување на сво­и­те успешни приказни, низ различни платформи, постојано се залагаат за остварување на сво­и­те права, а тоа се одразува на промените во економската, социјалната и во кул­тур­на­та сфера во општеството.

Ко­га ќе им се даде соодветна шанса, дали овие лица имаат потенцијали да одговорат на очекувањата на работодавците, како се приспособуваат на организациската култура и на работната атмосфера?

- Слу­ча­и­те што досега биле интегрирани, успеале да ги изненадат работодавците со нив­ни­от потенцијал и колку можат да бидат ефикасни на работното место во исполнувањето на обврските што им се доделени доколку постои адаптација на работното место на сите ни­воа, не само инфраструктурно. Благосостојбата и задоволството на вработените на ра­бот­но­то место станува важна тема и ги засега сите работници, не само тие со по­пре­че­ност.

Ка­кво е вашето искуство во однос на комуникацијата со бизнис-секторот? Колку ја сфа­ќа потребата од економска интеграција и инклузија на лицата со пречки во развојот?

- По завршувањето на обуката за социјално менторство, разработив акциски план. Нај­го­ле­ми­от предизвик ми беше комуникацијата со претпријатијата, па направив бележење на по­тен­ци­јал­ни  сериозни претпријатија што би можеле да ги вработат овие лица. Создадов ус­ло­ви за да им објаснам какви услуги ќе им понудам во процесот на работна интеграција На работодавците на компаниите многу им олеснува кога знаат каде точно може да по­ба­ра­ат помош кога ќе се соочат со тешкотии. Повеќето од нив  се свесни за важноста на инк­лу­зи­ја­та и на законот што обезбедува вработување на лицата со попреченост, но, како што споменав, страхуваат колку ќе можат успешно да ги интегрираат лицата со по­пре­че­ност. Јас како социјален ментор им ја давам таа услуга.