Одржливиот начин не е наједноставниот или најисплатлив од аспект на краткорочен профит. Но нам ни е поважно здравјето на сите наши сегашни и идни купувачи. Храната спакувана во стакло и храната спакувана во пластика го нема истиот вкус. Разликата е огромна. Состојките што се чувани во пластика не е можно да се соединат на истиот начин и токму затоа вкусот е многу поинаков, вели тимот на „Мелем од вкусови“, кој се грижи оброкот да стигне до нас на еколошки начин – со велосипед!

Приказна од мевлем од вкусови и од здрави и одржливи навики
Во 2020 година, не по наша желба, времето почнавме да го делиме пред и за време на пандемијата на ковид-19. Човештвото се соочи со предизвици, голем дел од нив беа важна лекција, но и инспирација за да се родат многу мали претпријатија.

Токму на овој начин почнува приказната за „Мелем од вкусови“, која гради здрави и одржливи навики.

-Идејата се роди спонтано. Имавме можност да видиме дека храната може да биде и лек, но само ако се подготви и се чува на соодветен начин. Животот е премногу динамичен за да имаме можност да бидеме целосно свесни за овој факт. Ние сакаме преку нашата приказна да изградиме здрави навики со здрави оброци - велат од тимот на „Мелем од вкусови“.

Слушајќи ги како зборуваат за нивната идеја, речиси е невозможно да не ја почувствуваме нивната енергија и да го визуализираме општеството - трансформирано и со свесни луѓе и кон себе и кон природата. Велат, би сакале во иднина да имаат голем ресторан што ќе дише во ритамот на вредностите што ќе ги градиме заеднички.
Замислете, да купуваме и консумираме здрави оброци од вредните раце на овој тим, а со тоа да поддржуваме локални земјоделци, кои, на природен начин, одгледуваат марула, рукола, краставица, домати. Дополнително, сите ќе бидеме одговорни за садовите во кои ни се спакувани оброците.

-Одржливиот начин не е наједноставниот или најисплатлив од аспект на профитот. Но нам ни е поважно здравјето на сите наши сегашни и идни купувачи. Храната спакувана во стакло и храната спакувана во пластика го нема истиот вкус. Разликата е огромна. Состојките што се чувани во пластика не е можно да се соединат на истиот начин и токму затоа вкусот е многу поинаков - дополнуваат од тимот.

Oсвен тоа што сите здрави оброци ги прават вредните раце на двете претприемачки Андријана Срчокова и Ана Јорданова-Дубровска, основачки на овој одржлив бизнис, тие самите и се грижат за оброкот да стигне до нас на еколошки начин – со велосипед!
Нивниот распоред го создаваат според нарачката и некои од оброците не се веднаш подготвени затоа што, велат,  убавината на оброкот е кога е здрав, но и свеж! Водени од ова мото, времето за транспортот и доставата на храната е пресметано и со подготовката, и со патот.
Менувањето на навиките е долг процес, а најважната состојка за овој рецепт е трпението. За некои од нас тоа е целосно нов и непознат пат, а некои, пак, се освестени за тоа, но им е потребна одредена поддршка во начинот како да се одржи.
„Мелем од вкусови“ е супер место и пример од каде можеме да почнеме сите!


Во новиот број прочитајте и за нутритивната вредност на наутот и рецепт за неодолива медитеранска салата :)