Илустрација: Лирим Хоџа

За­ед­но со слободата на говорот, слободата на мислата е еден од основните постулати на демократијата. Еден од неславните трендови на денешнината е токму тоа што про­сеч­ни­от човек сѐ помалку ја користи оваа слобода и сѐ помалку размислува. Се пре­тво­ра во несвесен консумент на сето тоа што му се пласира.
Сло­бо­да­та на мислата може да се гледа како поседување суверена контрола на чо­ве­кот врз своите мисли, ставови, идеи и емоции. Таа е основа на човековото достоинство, па оттука е и клучна за градењето на човековиот идентитет и на неговите ин­ди­ви­ду­а­ли­стич­ки вредности како единка.

Слобода на мислата значи ослободеност од стегите

Сло­бо­да­та на мислата, во својата основа е, просто, слобода или, подобро, ос­ло­бо­де­ност. Таа подразбира ослободеност на човековите мисловни капацитети од стегите на вла­ста, општеството, медиумите и на другите луѓе. Ја врзуваме со природата на чо­ве­кот како разумно суштество. Со други зборови, слободата на мислата, значи човекот ка­ко единка да биде слободен да може самиот да расудува, да размислува и да изгради сопс­твен суд и став за актуелните прашања. Слободата на мислата е олицетворение на авто­но­ми­ја­та на човекот, а оттука и главна сила што го детерминира неговото оп­штес­тве­но поведение.

Прифаќаме доминантни ставови како што ни се сервираат

Но зошто целата расправа за слободата на мислата? Обичниот човек сѐ помалку ја ос­тва­ру­ва оваа своја слобода. Брзото живеење, достапноста на информациите, по­пу­лиз­мот, пропагандата, лажните вести и модерните трендови тукуречи ја заробија чо­ве­ко­ва­та мисла. Живееме во ера, во која луѓето сѐ помалку размислуваат со сопствениот мис­ло­вен капацитет.  Ги прифаќаат доминантните ставови така како што им се сер­ви­ра­ат, без правилно да расудуваат или воопшто да расудуваат. Човекот на 21 век како да под­за­бо­ра­вил на својата разумна природа, величена уште од антиката, а како сѐ по­ве­ќе да дејствува непромислено и несвесно. Тоа се забележува низ секојдневните по­ли­тич­ки случувања: образованието, медиумската писменост, изборите, граѓанската ини­ци­ја­ти­ва, а уште повеќе отсуството на секаква јавна дебата во однос на значајните оп­штес­тве­ни прашања.  Тоа што е неопходно за да се изгради квалитетно општество зас­но­ва­но на здрави постулати се луѓе што мислат. Тоа значи да престанеме слепо да ги при­фа­ќа­ме тезите што се наметнуваат од политичката, социјалната или економската ели­та само поради нејзината позиција на моќ. Значи и да градиме медиумска пис­ме­ност, да се бориме против популизмот... Да не заборавиме дека слободата на мислата ни е загарантирана. Да бидеме вистински разумни и автономни општествени битија.

Мислата – како движење на човековото постоење

Низ историска и филозофска призма, слободата на мислата се согледува низ концептот на слободна волја. Тој ги опфаќа манифестните форми на дејствување, но и тие што се слу­чу­ва­ат внатрешно: контролата над расудувањето. Почнувајќи од античка Грција, Пла­тон во „Четвртата книга на Републиката“ говори за т.н. трипартитност на човекот пла­си­рај­ќи ја тезата дека човековата душа има три дела: чувствен, волев и разумен; при што токму разумниот треба преку капацитетот на човекот да мисли, да го движи це­ло­то негово постоење. Аристотел во „Никомаховата етика“, ги карактеризира луѓето ка­ко разумни суштества што може да мислат и, врз основа на тој внатрешен капацитет, да расудуваат.
Дви­жеј­ќи се со брзина од неколку векови, може да се прелета низ средниот век, каде што во тезите на Тома Аквински, свети Августин и нивните современици, слободата на мис­ла­та е врзана во религиозните и догматските стеги за да се стигне до модерната фи­ло­зо­фи­ја каде што ги среќаваме главните заговорници на слободата на мислата и сло­бо­да­та воопшто: Лок, Волтер, Декарт и Мил. Џон Лок во „Есејот за човековиот раз­ум“ ја утврдува тезата дека не постои можност повисокиот авторитет да го натера чо­ве­ка да верува или размислува на одреден начин бидејќи човековата совест и свест нема да го дозволат тоа. Рене Декарт, пак, човековата слобода ја гледа токму низ призмата на слободата на мислата и слободата на волјата, човекот го прави слободен токму мис­ла­та, размислувањето, капацитетот да се заземе и да се изрази одреден став. Оттука и не­го­во­то Cogito ergo sum (Мислам, значи постојам) најдиректно го врзува човековото по­сто­е­ње во физичка, но и епистемолошка смисла токму со размислувањето, со мис­ла­та. 

(Автор­ка­та е студент на правни и политички науки)


Читајте во број 47 на Лице в лице: