- Научив дека улогата на социјалниот ментор е да биде како птица. Таа може да зумира и да одзумира. Таа е врската меѓу небото (можностите) и земјата - вели социјалната менторка Ема Тодоровска од Aсоцијацијата за истражување, комуникации и за развој „Паблик“, која работи со продавачите на „Лице в лице“.
Нејзина колешка од Косово Арлинда Заими споделува дека социјалните ментори се агенти на промени, додека Ајка Ровчанин од Босна и Херцеговина нагласува:
- Социјалното менторство значи менување на перцепциите за потребите на другите луѓе во општеството.
Овие жени, освен што доаѓаат од соседни земји на регионално ниво, се меѓу десетте од првата генерација што поминаа обуки за социјално менторство на „Паблик“ и на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ).

Индивидуализиран пристап што ветува резултати

Нивните впечатоци по шестмесечните обуки се свежи, и, пред сѐ, ветувачки. Научиле вештини, собрале искуство, но, уште поважно, тие дел се од процес што дава поддршка при работна интеграција на ранливите групи. Овој пристап е иновативен и индивидуализиран во комбинација со соработка со бизнис-секторот за да се развиваат соодветни социјални услуги.- Кога почнав со обуката, веќе работев со лица со попреченост. Но, сега знам дека не треба да направиме промена само во еден сегмент, туку во целиот систем. Научив како функционираат претпријатијата, а преку соработката, согледувам и како можеме да придонесеме кон демократско општество со еднакви можности за сите – вели Јелена Станковиќ, социјален ментор од Србија.
Луљета Нухија од Косово работи со лица со Даунов синдром. Бенефитите од социјалното менторство се големи, вели таа, а сега се чувствува многу посилна, но и полезна. Посебно со фактот што успеала да вработи две лица.
- И тие се посилни. Ова е процес, мост на соработка. Сега јас сум мостот – вели гордо таа.

Од ГИЗ, друштво што работи на социјални права на ранливите групи на Западен Балкан, сметаат дека социјалното менторство треба да ни ги отвори очите. Особено за ранливите луѓе.
-Не само со социјална помош преку субвенционирање на ранливите групи, туку со поддршка за реинтеграција на ранливите групи во работниот живот. Тука сме усогласени со целите за одржлив развој на глобално ниво - вели Давид Оберхубер, директорот за Косово и за Северна Македонија во ГИЗ.

Социјалното менторство е методологија што ја разви „Паблик“ во соработка со ГИЗ, чијашто цел е интеграција на пазарот на труд на лица што тешко можат да се вработат тргнувајќи од афинитетите на поединецот. Таа преку своите алатки овозможува индивидуалците да го препознаат својот потенцијал, кој ќе биде ставен во служба на потребите на компаниите. Во исто време, методологијата подразбира подготовка и на компанијата за соодветна интеграција на лице што тешко може да се вработи.

За природата на процесот на социјално менторство раскажува и Денис Шиљак, менаџер на СОС детското село од БиХ. Тие најчесто работат со деца без родители или со млади луѓе од ризична група, за кои постои можност да изгубат родител или старател. Тој сподели податок на УНИЦЕФ дека постојат 120.000 луѓе од оваа категорија од БиХ.
- Бројката, можеби, не е изненадување, но е огромна! Ние им помагаме во социо-економската интеграција во секојдневното живеење и, воопшто, на локалните заедници - нагласува тој.
За нив, социјалната интеграција е поврзана со економско окрупнување и унапредување на можноста за вработување на младите луѓе. Затоа почнале програма за поддршка на млади луѓе за градење на нивните вештини според методологија што потекнува од Холандија. 



Најчесто се обидуваат да им најдат место каде што ќе имаат можност да бидат практиканти. Ова, вели Шиљак, е важно, ако се знае слабиот пазар на труд и дека дури 45 отсто од младите луѓе наоѓаат работа на сивиот пазар, изложени на ризици, без потребно искуство за да најдат нормална работа.
-Ако прескокнам куп проблеми од пандемијата, се соочуваме со ситуација во која владата дава субвенции за одредени категории луѓе, но тоа крпи одреден период, а потоа луѓето ги губат работните места. Лична аспирација ми е ваквата методологија да биде официјална бидејќи обезбедува персонализирана работа. Тоа е нешто што треба да го прифатат агенциите за вработување, а не само невладините организации – констатира тој.



Анет Скопета, земеник-директорката на Европскиот центар за социјална политика од Австрија,  укажува на тоа дека не треба да се има предвид само социјалниот аспект, туку и образованието и економската состојба на целната група, квалитетот и одржливоста на работните места. Не е важно само да се креира, туку и да функционира и во иднина. Зборува и за иновациите како приспособување и редизајнирање на работните места (job carving и job crafting).
- Приспособувањето се однесува на практика за преуредување на работните задачи во компанијата. Да сe креираат работни места во согласност со талентот, потребите и силните страни на вработените.  На пример, како Малта. Таму Агенцијата за вработување имаше ментори во компаниите, кои вршеа обуки и работеа поединечно со вработените. Од април 2018 година беше овозможено да се креираат 278 работни места погодни за луѓе со попречености – вели Скопета нагласувајќи дека социјалните иновации се широк поим, но вклучуваат нови решенија што функционираат.


Илустрација на Мартина Талевска


Прочитајте го целиот текст во 45тиот број на Лице в лице!