Фотографија „Мозаик“

Новите трендови во туризмот, предизвикани од ковид-19, покажуваат оддалечување на туристите од масовниот туризам и свртување кон активниот туризам фокусирајќи се првенствено на домашните туристи како прва фаза на закрепнување на секторот. Се очекува овој тренд да продолжи и во 2022 година и полека регионалните патници да почнат да доаѓаат како втора фаза на закрепнување на секторот. 

Глобалните препораки за обновување на туристичкиот сектор во периодот по ковид-19 вклучуваат засилување на промоција на дестинацијата и консолидирање на довербата на потрошувачите за безбедносните и здравствени стандарди и протоколи. Ова треба да биде клучен приоритет на Македонија во наредниот период со долгорочна цел да се стави поголем акцент на одржливиот развој на туризмот. Всушност, актуелната состојба може да се претвори во позитивна можност за понасочено создавање нови туристички производи и за интензивно промовирање на вредностите на активниот туризам и на потенцијалот на Македонија да ги задоволи ваквите пазарни потреби и трендови.

Неодамнешната студија за брза процена на понудата и на побарувачката за дојдовен туризам во периодот по ковид-19, реализирана од домашни и од странски експерти, со поддршка на двете швајцарски програми - Програмата за зголемување на пазарната вработливост и Програмата за промоција на извозот, ги потврди овие трендови. Беа идентификувани три главни типови туристи, кои може најмногу да ги очекуваме во Македонија: 
Љубители на културата - туристи што ги истражуваат културата, историјата и локалната традиција;
Авантуристи -  кои се во потрага по активен одмор во природа и 
Љубители на храна - туристи што ја истражуваат локална кујна. 
Потребно е локалната понуда да се приспособи за да може најдобро да одговори на интересите и на приоритетите на посетителите. 

Развој на активен туризам кај нас

На глобално ниво, активниот туризам е еден од најбрзорастечките туристички сектори во светот, во последните две години расте, а помалку познатите дестинации привлекуваат сè повеќе туристи. Активниот туризам создава поголеми економски придобивки бидејќи овој тип туристи остануваат подолго, пред сè, во руралните дестинации и трошат повеќе во корист на локалната заедница. Иако нашата национална статистика не ги разликува статистичките податоци за туризмот врз основа на видот туристи, според домашните туристички оператори што нудат дојдовен туризам и давателите на услуги во секторот за активен туризам, тој полека, но сигурно, расте. Македонија има неспорен потенцијал за развој на активниот туризам во текот на целата година. Може да понуди зимски спортови, а подолгата летна сезона дава можности за пешачење, велосипедизам, активности на вода, качување по карпи, параглајдерство, кањонинг, јавање коњи итн. Близината и директните летови од многу европски земји, конкурентните понуди, богатото културно наследство и кулинарските понуди ја прават Македонија потенцијално конкурентна дестинација во овој сегмент од туристичкиот пазар.  За да се искористи овој потенцијал, потребни се инвестиции за подобрување на понудата и за унапаредување на промоцијата. 

Безбедност и сигурност – основа за активен туризам

Кај подобрувањето на понудата на производите, особено е важно воспоставување системи за управување на безбедноста и на сигурноста бидејќи тоа е една од трите основни претпоставки на кои се заснова овој вид туризам - забавно, чисто и сигурно (Fun, Clean and Safe). Иако активниот туризам во Македонија покажува постојан пораст во последните пет до седум години, тој сè уште не е очигледен приоритет во развојната политика и сè уште не постои специфична национална програма за поддршка на овој вид туризам.

Швајцарската поддршка за активен туризам во Македонија 

- Значајниот потенцијал за одржлив активен туризам, комбиниран со придонесот за подобрување на квалитетот на живот на локалното население, како и заштитата на животната средина, се причината зошто Швајцарија од 2012 година континуирано го поддржува развојот на овој сектор во Македонија – вели Сибил Зутер, амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија. 





Програмата за зголемување на пазарната вработливост финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, во полето на активен туризам се фокусира на засилување на капацитетот и на промоцијата на Македонија како врвна дестинација за пешачење, велосипедизам, зимски спортови, параглајдерство и качување по карпи, во комбинација со храна и вино и агротуризам. Обезбедува поддршка во развивање нови производи и диверзификација на понудата, сертификати за водичи, воведување меѓународни стандарди за безбедност, поддршка во промоција преку учество на саеми за туризам, B2B средби и дигитален маркетинг, како и зголемена видливост на земјава како дестинација за активен туризам на светската мапа.