Фотографии: „Genuine Experiences”, „Mustseedonia“, 

Дали сте го знаеле податокот дека повеќе од седум милиони луѓе годишно доаѓаат во парискиот музеј „Лувр“ за да ја видат со свои очи „Ла Џоконда“, попозната како „Мона Лиза“, фамозната слика од Леонардо да Винчи? Ако претпоставиме дека музејот е отворен секој ден, тоа значи повеќе од 19 илјади посетители дневно, или 800 луѓе на секој час доаѓаат на својата планирана романтична средба со ренесансното ремек-дело. 

Можете да замислите колку романтика останува на крајот по подвигот да успеете само да ја фотографирате фамозната слика пробивајќи се низ толпата што се создава пред нејзиниот пулт опкружен со безбедносно стакло. Слични разочарувања доживуваат и десетици милиони други туристи што секоја година навалуваат во светски познатите дестинации имајќи си во главата план за совршено патување, кое најчесто се претвора во морничава трка по водичот на групата во Њујорк, километарска редица за билети во Ватикан или турканица за незаборавно фотографирање пред Таџ Махал. 

Прекумерен туризам (оvertourism) или како што National Geographic го нарекува„too much of a good thing“ (во слободен превод: премногу убавина не е на арно), феномен на премногу туристи на едно место, од жаргон типичен за туристичката индустрија во светот премина веќе во секојдневна употреба. Налет убавините на Париз, Рим или грандиозноста на  Кинескиот ѕид, кога замислата за хедонистичко искуство се претвора во мачење и за туристите, и за локалните жители што треба секојдневно да го издржат тоа, но, остава трајни последици и врз животната средина и локалното културно и историско наследство. 
Градовите како Барселона, Амстердам  и Венеција се меѓу најпогодените светски дестинации од прекумерен туризам, што предизвика притисок да се преземе нешто кај локалната власт од страна на жителите незадоволни од последиците што ги прави огромниот наплив на туристи. Во Барселона во 2017 година дури имаше и протести од локалните жители со транспаренти на кои пишуваше „Туристи, одете си дома“. Нервоза од задушувањето со туристи почнал да чувствува дури и Рејкјавик, метрополата на Исланд, островската земја за која, поради нејзината географска оддалеченост и релативно тешка пристапност, ретко кој би помислил дека се соочува со  прекумерен туризам.



Одговорниот туризам ги намалува на минимум негативните влијанија

Светските влади, како и Светската туристичка организација (СТО), сфатија дека е време за вклучување на алармот и дека развојот на туризмот како светска економска гранка што остварува годишен приход од речиси 1.500 милијарди долари (податок за 2019 година) мора да се стави во поинаков колосек. Па така, беше дефиниран терминот одржлив туризам, чијшто натамошен развој треба да биде во согласност со усвоените глобални цели за одржлив развој на Обединетите нации (Sustainable Development Goals – SDG). Според СТО, одржлив  туризам  подразбира оптимално користење на природните ресурси. кои се, всушност, клучен елемент во туристичкиот развој, почитување на социолошко–културната автентичност на заедниците домаќини, зачувување на нивното културно наследство и традиционални вредности, обезбедување социо–економски бенефити за сите засегнати страни што се фер распределени, вклучително и стабилни можности за вработување и за остварување приход, како и социјални сервиси насочени кон заедниците домаќини и придонес кон борба против сиромаштијата. 

Со оглед на тоа што терминот одржливост,  како што вели  канадската консултантка и универзитетски професор Рејчел Додс, често се употребува во погрешен контекст и не е доволно разбран, воведен е терминот одговорен туризам, кој денес широко се користи во контекст на туристичкиот сектор. Наједноставно кажано, одговорен туризам е секоја форма на туризам што може да се практикува на одговорен начин и тој ги намалува на минимум негативните социјални, економски и еколошки влијанија. Во исто време, создава поголема економска корист за локалните заедници, ја зголемува благосостојбата на заедниците домаќини, ги подобрува работните услови и ги вклучува локалните луѓе во донесувањето одлуки што влијаат врз нивниот живот и можности во животот, позитивно придонесува за зачувување на природното и на културното наследство почитувајќи го диверзитетот, обезбедува поголемо уживање за туристите преку подлабоки конекции со локалната заедница, како и поголемо разбирање на локалните културни, социјални и еколошки теми. Но, и обезбедува пристап за луѓе со попреченост, културно е сензитивен, ја охрабрува почитта меѓу туристите и домаќините и ја подигнува самодовербата и гордоста на членовите на локалната заедница. 

Накратко кажано, како што вели Катерина Василеска од платформата  „Genuine Experiences“ од Охрид, одржлив пристап во туризмот значи користење на постојните ресурси штедливо и на начин што истовремено ќе ги задоволи нашите потреби,  без притоа да се загрози опстанокот на следните генерации. 

- На пример, ако денеска имаме потреба од повеќе хотели за да сместиме повеќе туристи и да имаме поголем приход, може да изградиме уште 100 нови хотели во Охрид што ќе ни овозможат да го оствариме тоа што го сакаме, ама ќе им го загрозат животот и секојдневието на идните генерации -нагласува Василеска.
Слично како и во светот, и во земјава постојат предизвици за промена на парадигмата на развој на туризмот во иднина. Василеска смета дека масовниот туризам, кој е доминантен во моментов во Македонија, е сосема неодржлив и дека, освен профитот за мал број луѓе на врвот на компаниите, нема никакви други придобивки.

- Македонија е мала земја, без излез на море, и ние немаме друг избор, освен одржлив туризам. И тука, како пример, треба да ја земеме Словенија, која тоа многу успешно го изведе. Државата треба да дава јасна поддршка за бизнисот што промовира одржлив туризам, место да носи инвеститори од типот на „Сахара холдинг“, за кои знаеме какви неодржливи мегаломански идеи имаше. Државата треба да мисли и на локалното население, а не само на инвеститорите, па по секоја цена да им се додворува нудејќи ги локалните жители како евтина работна сила, како и природните  ресурси на распродажба за прениски цени. Истото важи и за локалната самоуправа, треба да биде многу поактивна и ангажирана за да поддржи и привлече добри инвеститори и да помогне за развој на претприемачка локална култура - смета Василеска. 



Македонија со огромен потенцијал за одржлив туризам 


Од разговорите што ги направивме и со другите претставници на туристичката фела во земјава ангажирана во развој на одржливиот туризам, заклучокот е дека Македонија има голем потенцијал за развој токму на типовите туризам што се препознаваат во руралниот туризам, екотуризмот, адреналинскиот, спортскиот туризам итн. 

Лефкија Гажоска, од Платформата  за развој на туризмот во Крушево, вели дека со помош на нивната веб-страница и страница на „Фејсбук“ нудат неколку видови локални туристички продукти, кои покриваат повеќе сфери на интерес на гостите – од култура, традиција, гастрономија, обичаи на влашката заедница, доминантна во Крушево, природни убавини, па сѐ до спортски и адреналински активности. 
- Секоја тура на крајот е зачинета со традиционална крушевска храна според рецепти на нашите мајки и баби. На овој начин направивме туристичка понуда во која се вклучени, пред сѐ, членовите на нашите три организации во соработка со локалните занаетчии, локалните мали претпријатија, туристичките сместувачки капацитети и домаќинките што подготвуваат органски екопродукти, како што се разни видови слатко, чаеви, лековити сирупи – вели Гажоска. 



Таа своевремено била и од страната на донесувачите на одлуки и на политика, како градоначалничка на Крушево од 2005 година до 2009 година, кога градот, поддржан од холандската развојна агенција, донел стратегија за развој на туризмот. Вели дека системската поддршка е минимална, соработката меѓу локалната и централната власт тешко оди низ бирократските процедури, но дека поради сѐ поголемиот интерес на самите туристи на локално ниво побрзо се приспособуваат на нивните барања и потреби, од што го прави тоа државата со своите механизми. 

- Мој предлог од поодамна е место Агенција за поддршка и промоција на туризмот, да имаме посебно министерство за туризам поради обемот, значењето и големината на услугите што ги покрива туристичкиот сектор во нашата држава. Секако, треба да се работи на создавање подолгорочни стратегии за одржлив туризам, како алатка за искористување и инклузија на сите потенцијали на локално ниво – вели Гажоска. 


Новата нормална состојба придонесе за пораст на авантуристичкиот туризам

Александар Донев од  „Mustseedonia“, организација за промоција и за развој на одржливи патувачки искуства и одговорни активности на отворено, вели дека сме сведоци на сериозни  промени на трендовите што ја обликуваат големата туристичка индустрија, која вработува еден од десет луѓе на светско ниво. Почнувајќи од какви искуства и начин на патување се практикуваат и бараат, истражувањето и донесувањето одлука каде и како се патува, односно какво ќе биде искуството што ќе го имаат, колку е тоа одржливо и одговорно кон животната средина и локалната заедница, па сѐ до начинот на кој дестинациите комуницираат со потенцијалните туристи и промоцијата што самите туристи ја прават на нивното патување за дестинацијата што ја посетуваат (социјалните медиуми и содржината што се објавува). 
- Оваа промена се гледа и во фактот дека вообичаениот туризам има пораст од пет проценти на годишно ниво, додека автентичниот - авантуристичкиот туризам расте со повеќе од 65 проценти во последните седум години. Во новата нормална состојба овие бројки се уште поголеми и сите анализи и предвидувања се во корист на авантуристичкиот туризам и покажуваат дека повеќе од кога било туристите даваат приоритет на одржливата и одговорна практика во туризмот и на престојот во природа, во мали групи и сакаат нивното искуство да има што помал импакт на животната средина, да биде автентично и да ѝ помогне на локалната заедница што ја посетуваат – вели Донев. 
Природните и културните богатства, можностите за активен туризам, како и традицијата што нашите предци ја развивале со векови се предности што можат да создадат голема додадена вредност за локалните заедници и економија доколку се организираат, промовираат и понудат на начин што соодветната целна група го препознава, сметаат нашите соговорници на темава. 

- Вреди да се нагласи дека овие целни групи и тип на туристи се многу ценети поради вредноста што ја имаат за локалната заедница и за економијата. Анализите на Светската туристичка организација  покажуваат дека високи 75 проценти од средствата од овие туристи остануваат во локалната економија и тоа директно кај најмалите фактори на стопанството (микро и фамилијарни претпријатија како хостели, автентични места за преспивање, мали ресторани, водичи, превозници и даватели на различни мали услуги во руралните региони), наспроти ниските пет-десет проценти што е случај во вообичаената практика во туризмот поради сопственоста на големите туроператори, превозници, хотели и слично – објаснува Донев.
Тој дава и пример за компарација. 

- Колку за споредба, Охрид се продава за цена од 199 евра за седум дена во Западна Европа на целна група туристи што се најмалку почитувани во индустријата поради тоа што малку трошат и нивните активности се сведени на минимум и локалното население нема речиси никаква корист. Субвенциите, за жал, ги користат токму овие туроператори иако истражувањата покажуваат дека овие туристи се повеќе штетни, отколку корисни за една дестинација. Последниве години ова е тема на дискусија иницирана од локалното население во Охрид. За споредба, малку поинаква неделна тура, која вклучува активности во природа и престој во автентични и рурални места и опфаќа неколку локалитети, традиционална храна и обичаи вреди 1.300-1.800 евра и поголемиот дел од тие средства завршуваат кај локалното население.
Василеска од „Genuine Experiences“, во овој контекст, истакнува дека интересот на туристите за уникатните доживувања е огромен и очекува тој да расте уште повеќе. 

- Странците се особено заинтересирани за работилниците што ги нудиме (на пр. за рачно произведена хартија во Охрид), за ателјеата за производство и за продажба на филигран, копаничарство, бакар, книговез, икони итн. Ние работиме на 30-ина такви приказни што се наменски создадени и со примена на сите начела на одржливоста. Посебен интерес постои и за кулинарските доживувања, за нашите занаети, традиција... Домашните гости, пак, најголем интерес пројавуваат за гастрономските искуства – вели таа. 

Прочитајте го целиот текст во 46-тиот број на Лице в лице.