Филозофијата на управување на синџирот на снабдување динамично се менува. Развива полиња на дејствување во согласност со актуелните трендови на пазарот. Кога еколошките проблеми се закануваат дека ќе го променат начинот на животот на луѓето, се развиваат т.н. зелени иницијативи.

Во време кога се искористуваат сите природни ресурси што ни стојат на располагање, со своето однесување и намера, го доведуваме во прашање опстојувањето на деловното опкружување, но и на самото човештво. Правењето купишта отпад, како и негово несоодветно згрижување, несомнено е голем проблем за иднината на бизнисот и на човекот.

Зелениот синџир на снабдување ги содржи сите елементи на традиционалниот синџир на снабдување, но го отфрла традиционалниот пристап „од крај до крај“ и го усвојува т.н. кружен синџир на снабдување, односно од линеарна во циркуларна економија.

Управување на зелениот синџир на снабдување

Во практиката среќаваме два начина на управување на зелениот синџир, во зависност од типологијата на деловниот ентитет. Првиот начин опфаќа зелени потрошувачи, управување ресурси, зелено производство, зелен дизајн, зелен маркетинг и услуги и проширена одговорност на производителот. Вториот начин ја опфаќа најдобрата практика. Овде наведуваме неколку.

Зелена набавка подразбира придобивки што се однесуваат на редуцирање на изворот на загадување и на рециклирање на материјалите, како и намалување на минимум на производствениот отпад, особено на тој што се однесува на опасни материјали и супстанции.

Зелено производство значи примена не еколошки одобрени методи за производство. Корисна практика во ова поле се рециклирање, намалување на трошењето на енергија и на ресурси, намалување на минимум на емисијата на штетни гасови, примена на биоразградливи и нетоксични материи.

Зелена дистрибуција и логистика опфаќа практика на зелениот транспорт, намалување на вибрациите и на вревата, набавка на транспортни средства што можат да користат алтернативни горива, формирање збирна пратка, како и постигнување оптимум на маршрутите.
Среќаваме и проблеми што го отежнуваат спроведувањето на зелените синџири на снабдување. Такви се неприфаќањето од страна на врвниот менаџмент, недоволна едукација, противење на вработените, како и недостиг од искуство, кое е еден од главните проблеми.

Одомаќинувањето на зелените синџири на снабдување мора да биде поддржано од врвот до дното на менаџментот. Затоа, при спроведување на зелените синџири на снабдување мора да постои вкрстена функционалност во работењето.

Практика на зелениот маркетинг

Истакнуваме практикување на зелениот маркетинг.
Зелени производи – производство на еколошки прифатливи производи
Зелена амбалажа – која може да се рециклира.
Зелени цени – иако корисниците се подготвени да платат повисока цена за екопроизвод, зелениот производ не смее да биде карактеристика за формирање висока цена на пазарот.
Зелена комуникација – практика на избор на енергетски ефикасни комуникациски и мрежни технологии, односно намалување на минимум на употребата на ресурси во домен на маркетингот.

(Авторот е магистер по економски науки во областа на логистиката на бизнисот)

Прочитајте го целиот текст во број 47 на Лице в лице: