Неопходно е континуирано да зборуваме за предизвиците на лицата со попреченост ако сакаме да направиме реални поместувања во инклузијата и во квалитетот на нивниот живот. Сцената на која може да се дејствува е различна, јас ја одбрав уметничката. Сите заедно можеме да го скршиме оклопот на обележувањето.
Вака размислува актерката и режисерка Аница Бебиќ, чијшто потпис го носи документарната театарска изведба „Оклоп“, кој се занимава со прашања поврзани за секојдневието и за соништата на луѓе со телесна и со интелектуална попреченост. Во него, храбро и отворено, наши сограѓани ги раскажуваат своите лични приказни јасно посочувајќи дека, како заедница, имаме уште многу да растеме на патот на инклузијата. Тоа се приказни што недвосмислено покажуваат дека сѐ уште ни недостига подобро да се запознаеме и да се прифатиме меѓу себе. 

Место на сцена, на интернет

„Движењето низ Скопје е голем проблем за слепи лица. Сум добил и многу навреди кога ќе се обратам за помош, на пример, за да прашам за број за некој автобус... `Зар не гледаш колкава табла има? Можеш да видиш`, и слично. Но, свеста расте, има и луѓе што во секој момент ќе ви излезат в пресрет и тоа дава надеж дека работите одат на подобро. Нам, како слепи лица, проблем ни е и шетањето низ трговските центри, паркирањето... Паркираните автомобили на тротоари го оневозможуваат нашето движење. Потребна ни е тактилна патека, тоа многу би значело...“,  вели Зоран Костадиновски, кој е и страстен играч на шах и има постигнато високи резултати на тоа поле.  

Ова е само дел од интервју во документарниот филм, а на Костадиновски со своите ставови му се придружуваат и Радмила Периќ, Коце Димов, Томислав Атанасовски, Марија Филипоска, Нада Костоска, Ангела Чингоска и Зоран Мијалков, како и еден родител што посакал да остане анонимен. Некои од нив работат со лица со попреченост, некои се членови на нивните фамилии, а некои, пак, и самите се лица со попреченост – од повеќе градови низ земјава.
Изведбата дава одговор на прашањата: Како општеството гледа на лицата со телесна и со интелектуална попреченост? Како тие лица гледаат на самите себе? Дали немоќта на младите да влијаат на сопствениот живот е еден нов вид „социјална парализа“?
Авторката Бебиќ вели дека било предизвик да се подготви ова дело за кое првата замисла била премиерно да биде претставено на сцена, но пандемијата го сменила планот, па неговото прикажување, засега, е само на интернет.  И уметноста, поминувајќи низ фазата на здравствената криза, како сѐ повеќе да се свртува и кон дигиталниот израз. 
- Видеоформата на интернет се покажа како голема предност, со оглед на тоа што овозможи вклучување на повеќе лица со попреченост да ја раскажат својата приказна. Но, поголем е и бројот на гледачи што може да дознаат нешто повеќе за нив. Имавме замисли и за на сцена, кои, пак, за жал, останаа нереализирани – вели Бебиќ, која има и свој монолог во документарниот филм.

На прашањето: Колку македонската уметност, генерално, се занимава со инклузијата, режисерката вели: За жал, недоволно, и токму тоа ѝ било мотив да се задлабочи повеќе во темата.
- Инклузијата е често запоставувана како прашање, низ различни платформи, не само во уметноста. Постојат и медиуми што ги следат предизвиците на лицата со попреченост и известуваат за нив, но, сепак, сакам да верувам дека можеме многу повеќе. 

Се почувствува некоја емотивна катарза

Низ самиот процес на работа вели дека се уверила и во терапевтската моќ што ја има уметноста затоа што луѓето што биле дел од „Оклоп“ се чувствувале прилично среќни затоа што некој е тука за нив, тука за да ги ислуша. 
- Се почувствува некоја емотивна катарза, што укажува на тоа колку ни се неопходни вакви активности. Постојат и уметници и културни работници што работат во сферата на интеграција преку уметност (работилници и семинари), но ако се споредиме со светот, тоа е недоволно. Потребно ни е многу повеќе. Неопходни ни се многу повеќе луѓе како Тома Димовски, Искра Донева, Билјана Димитрова од „Колектив Ветерница“, Искра Ветерова... За да се зголеми бројот, важно е да не се плашат да го скршат оклопот што им се наметнува. Ништо повеќе. Неколкумина што ги запознав работејќи на изведбата го имаа направено токму тоа. Судејќи според моето искуство со „Оклоп“, ги охрабрувам родителите на децата со атипичен развој и попречености да ги поттикнуваат младите да бидат дел од ваквите случувања, а се надевам дека, наскоро, би имало повеќе такви и за возрасни - порачува Бебиќ. 

Како млад уметник, кому ова му е прва изведба од ваков вид, вели дека низ работата ѝ се потврдиле дел од ставовите што и претходно ги имала во поглед на тоа колку ги познава потребите на лицата со попреченост. Но, има нешта и кои пријатно ја изненадиле. 

- Не ми беше ново дека на нашите сограѓани со попреченост им пречи што имаме недостиг од соодветна инфраструктура, неинформираноста на луѓето, често и нивната некултура, за жал. Од друга страна, ме изненади колкумина чекаа да ја раскажат својата приказна, нивната отвореност и верба дека нештата може да се менуваат. 

Да ги поместиме барикадите!

Бебиќ се надева дека „Оклоп“ ќе има инспиративна моќ и дека ќе ги поттикнува луѓето својата попреченост да ја претворат во шарм, без оглед на мислењето на околината. 
- Ми беше важно да знаат дека не се сами. Луѓето со кои разговарав играат шах, пишуваат поезија, водат бизнис... И покрај тоа, тие живеат во земја во која се стигматизирани. Верувам дека „Оклоп“, преку актерските монолози и интервјуа ќе помогне да се поместат барикадите кај широката јавност и дека со тоа ќе го менуваме и сензибилитетот за инклузија – вели таа. 
Таа појаснува и дека со ова научила колку е важна поддршката што доаѓа од семејствата. 
- Но, и колку е важно да се сакаш себеси. Работејќи, пак, на мојот монолог, повторно научив да верувам во својата уметност. Си потврдив дека сакам да креирам уметност што ќе инспирира и ќе им помага на другите. 
Во изведбата „Оклоп“, чијшто монтажер е Бранко Блажевски, учествуваат и актерите Захарија Ангелеска и Филип Трајаноски, ликовниот уметник Тома Димовски и поетесата Искра Донева. Музиката е на Оливер Јосифовски, а Маја Крстеска е кореограф. Претставата е работена во организација на „Етна-арт фузија“ Крушево, со поддршка на Германската амбасада во Скопје и Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија (Оддел за промоција на човекови права).

Прикажувањето на интернет е проследено со превод на Анетка Копачева на англиски и на македонски јазик во аудио и во визуелна форма, како и со превод на Викторија Волак на знаковен јазик.  

Погледнете ги профилите на социјалните мрежи:
Facebook 

Instagram