Живееме во изобилство и сè што ќе посакаме ни е на само еден клик од нас. Научени сме вниманието и љубовта да ги искажуваме преку материјални купени продукти. Научени сме да купиме нова техника кога старата ќе се расипе, нова гардероба кога старата ќе се искине. Купуваме парчиња од брзата мода, кои чинат колку две векни леб, без да размислиме кој ја произведува таа облека, дали тие луѓе имаат доволно за задоволување на основните потреби, како тоа парче облека се транспортира до нашите бутици и како тоа место четири колекции во годината, модата се менува во 52 различни модни трендови.

Отпадот ни завршува само на депонии

Идејата за продавница со нула отпад ја видовме во некои од еколошки најсвесните градови во светот. Бевме фасцинирани, особено затоа што сите сегменти поврзани со нашиот отпечаток на Земјата, безрезервното трошење на Земјините ресурси и загадувањето на почвата и на воздухот заземаа огромен дел од нашето внимание.

Долго време сметав дека рециклирањето е решението на сите наши проблеми, но фактите поврзани со отпадот беа поразителни. Во светот се произведуваат 2,12 милијарди тони отпад секој ден и 300 милиони тони пластика од кои само помалку од 10 проценти навистина може да се рециклира.

Кај нас, пак, целиот отпад завршува на депониите. Имаме 54 општински и 300 нелегални депонии. Јавна тајна е фактот дека увезуваме отпад од странство и дека голем дел од тој отпад го согоруваме.

Отпад од една година – во една обична тегла

Во текот на периодот на карантин поради вирусот корона станав свесна колку отпад произведуваме само јас и мојот партнер. И покрај тоа што селектиравме дисциплинирано, сепак произведувавме солидна количина отпад. Купувавме кеси за ѓубре само за да ги фрлиме.

Така, ме заинтересира и содржината на отпадот што ја гледав секојдневно и почнав да се прашувам зошто при секое купување шампон за коса, гел за туширање или детергент за машината за перење, мора да ја купиме и пластиката во која доаѓаат. Зошто не би можеле да го купуваме само продуктот што ни треба, во старите пакувања, кои веќе ги имаме на располагање.



Додека зрееше оваа идеја меѓу мене и тимот составен од економистот Дејан и стоматологот во најава – Теодора, наидовме на Беа Џонсон и нејзината книга „Дом без ѓубре“, која е преведена и на македонски јазик. Беа и нејзиното семејство го имаат толку усовршено животот без отпад, што отпадот од цела година им го собира во една обична тегла.  Целиот концепт на нула отпад е повеќе од само продажба и купување продукти без или со реупотреблива амбалажа. Тоа е една цела филозофија, која се живее секој ден, и е целосна спротивност од моментните консумеристички струи.

Во суштината на овој концепт за нула отпад е човекот и животната средина пред профитот. Еколошко и за здравјето на луѓето, но и за околината. Зачувување на Земјините ресурси преку одговорно производство, одговорна потрошувачка, повторна употреба на продуктите и обновување на производите, амбалажите и на материјалите, без горење и без испуштање хемикалии на земјата, водата или во воздухот што би ја загрозило животната средина или здравјето на луѓето.

Социјално претпријатие што ќе нѐ изнесе од комфорната зона

Со оваа идеја во глава, го видовме повикот на Здружението за социјални иновации – АРНО за проектот RISE Journey, со кој се поддржуваа зелени социјални идеи што ќе направат позитивна промена во општеството. Аплициравме, го дадовме својот максимум и успеавме да добиеме почетни средства за да почнеме со прототип на нашата продавница за нула отпад преку интернет – www.zerowaste.mk, која во моментов е во изработка.

Продавницата ќе биде социјално претпријатие што остварува профит, но има и силна социјална мисија и ќе се фокусира на комплетно живеење на сите вредности на нула отпад, во секој сегмент од постоењето.

Тоа значи дека главната цел ни е да поттикнеме свесност и да ги едуцираме луѓето за сите заедно да го намалиме отпадот што го произведуваме секојдневно. Сакаме овие алтернативи да бидат достапни за луѓето, без агресивен маркетинг. Едноставно, продуктите се тука доколку поединецот е подготвен да излезе од сопствената комфорна зона и да се обиде со нешто поинакво.




(Авторката е коосновачка на „Skopje Goes Zero Waste“)



Прочитајте го целиот текст, купете тука: