Илустрација: Лирим Хоџа

Промените може да се случуваат само со заеднички напори. Историјата ја потврдува оваа лекција:
Маршаловиот план
 беше класичен пример за тоа како глобално партнерство на голем број засегнати страни резултираше со обновување на економијата и на инфраструктурата на западните земји разурнати во Втората светска војна. Ова стимулираше инвестиции и создавање работни места во Европа. „Маршаловиот план“ се смета за голем успех затоа што придонесе за значителен пораст на домашниот бруто-производ (БДП) во западноевропските земји што беа вклучени во него и придонесе во обновата на хемиската, машинската и на челичната индустрија.
Ваквите партнерски платформи често бараат партнерства кај тие што, инаку, тешко би седнале на иста маса.

Партнерството носи придобивки за сите вклучени страни

- Да замислиме партнерство меѓу бизнис и граѓанска организација. Фактот дека секој од овие ентитети оперира во својот меур сугерира дека е сосема можно секој од идните партнери да има некоја своја интерна перцепција за намерите на евентуалното партнерство - објаснува Небојша Илијевски, консултант за партнерства и за одржлив развој.
Според него, бизнисот често е со перцепција дека сѐ што прави надвор од конкретните деловни акции е, всушност, неговиот придонес кон општеството – неговата општествена одговорност. Граѓанските организации, пак, се често на другиот крај на овој однос и чувствуваат дека некој им прави некаква услуга низ ова партнерство.

- Целисходното партнерство има заедничка намера. Таа се наоѓа надвор од двата круга со кои симболично ги опишуваме меурите во кои одделно дејствуваат бизнисот и граѓанските организации. Намерата што овие партнери треба заеднички да ја усогласат му служи на системот или на актерите во системот – на локалната заедница или на маргинализираните или на екологијата, на пример, а придобивки имаат сите вклучени страни - вели Илијевски.



Глобалните партнерства како клучни фактори за Агендата 2030


Гиб Булок е автор и светски познат поборник за одговорноста на приватниот сектор во создавањето одржливо општество, кој пред неколку години, како говорник на Форумот на добри компании, беше во Скопје. Во интервјуто што го даде тогаш за „Лице в лице“, посочува:
- Ако сакаме да го менуваме светот преку бизнисот, тогаш мора прво да размислиме како најдобро да го промениме бизнис-светот. Општествените проблеми можат да бидат нови бизнис-можности. Ако бизнисот се вклучи во решавањето на овие предизвици, тоа може да биде голем исчекор. Новите дигитални технологии и иновативни механизми на финансирање ќе помогнат да се катализираат нови, хибридни бизнис-модели што ќе ја комбинираат ДНК на најдоброто од приватниот сектор, со способностите и искуствата на граѓанскиот и на јавниот сектор.
Агендата 2030 на Организацијата на обединетите нации (ООН) претставува амбициозен план за постигнување 17 клучни цели на одржливиот развој (ЦОР или SDGs), кои во себе инкорпорираат 169 посебни точки. Целите се интегрирани меѓу себе и нераздвоиви балансирајќи ги економските, еколошките и социјалните димензии на одржливиот развој. Тие се и меѓузависни, а глобалните партнерства се клучните фактори за нивно остварување. Затоа и токму партнерствата се една од 17 цели во Агендата 2030 на ООН. Без партнерства, не е возможно да се оствари ниту една од преостанатите 16 цели на одржлив развој.

Владите, компаниите и граѓанскиот сектор не можат поединечно да придонесат кон ефективно спроведување на Агендата и кон остварување на ЦОР. За сите да имаат придобивки, секој мора и да придонесе во нивното реализирање.

Успешни партнерства произлезени од борбата против пандемијата


Платформата за споделен превоз (ride – sharing) Didi од Австралија, во 2020 година направи партнерство со издавачот на содржини за животен стил, Urban List, при што лансираа кампања за поддршка со наслов „Make it a date“, со цел да ги охрабрат Австралијците да се поврзат повторно со своите пријатели и роднини, истовремено поддржувајќи го локалниот бизнис погоден од кризата предизвикана од ковид-19.
Партнерството се фокусираше на препораките направени од Urban List за врвни социјални дестинации поддржани од искуството на возачите и на патниците. Листата опфаќа места и настани (популарни барови, најразлични курсеви, локални атракции и сл.) што луѓето може да ги посетат и да се социјализираат.
Листата од локации произлегла од 1.000 препораки направени од возачите и од патниците. Од Didi објаснуваат дека како што се намалувал притисокот од пандемијата и продавниците пополека се отворале, сакале да го стимулираат повторното дружење на луѓето, а со тоа да им помогнат на локалните претпријатија, кои претрпеле голема штета поради рестрикциите.


Извор: www.cmo.com.au

Прочитајте го целиот текст во број 48