Седејќи тивко,

правејќи ништо,

пролетта доаѓа

и тревата расте сама од себе.

- Башо

Растењето блиску до природа имаше огромно влијание на мене и на мојата (сега средовечна) генерација, која со воздишки се сеќава на едно безгрижно детство пред години, без надзор и многу насоки. Игри на улица до вечера. Возење велосипед низ маало. Измислување игри. Берење камилица покрај река. Барање светулки по зајдисонце. Детски караници и смирувања. Гребаници од капинки, правење свирчиња од жито и џебови полни со камчиња, џамлии... и спомени.

Сега кога јас сум родител, одговорноста ми е поголема. Светот е сега поинаков и потешко е да се постигне слободата на детството и едноставноста на живеењето. Чекорите треба да бидат похрабри и визијата поширока.

Тежнеењето по едноставно детско живеење во согласност со природата се манифестирало на многу различни начини, насекаде низ светот. Концептот на шумските градинки што започнале во Скандинавија во 50-тите години од минатиот век брзо се проширил насекаде во Европа, особено во Германија, а потоа и во Америка. Постулатите се дека секое дете најдобро учи директно од природата, преку сите негови сетила. За децата да развијат здрав однос кон природата, да напредуваат академски и социјално, важно е да се поттикнат да се вљубат во неа и да ја интегрираат како дел од себе почнувајќи од рана возраст. Постојат многубројни истражувања, особено во Германија, кои покажуваат дека децата излезени од германските шумски градинки имаат јасна предност во однос на своите врсници од редовните детски градинки и покажуваат подобри резултати во развојот на когнитивните и на физичките способности, како и во креативноста и во социјализирањето.

Примерите на неформалното учење во природа во урбани и во приградски средини се особено инспиративни затоа што децата се приспособуваат на околината во која се наоѓаат и, како некој вид „герила самостојно учење“ ја постигнуваат до максимум поставената цел – да израснат во здрави, љубопитни и способни деца преку програми што поттикнуваат ризик, експериментирање и слобода преку самостојна игра.


Една таква програма е и „Тинкергартен“, со активности дизајнирани да им помогнат на децата низ игри на отворено да развијат низа основни физички, когнитивни и социјално-емоционални вештини. Со нив децата подобро учат, напредуваат и стануваат отпорни и подготвени на сè. Активностите на „Тинкергартен“, од кои многу се достапни за преземање на нивниот сајт www.tinkergarten.com, имаат цел да инспирираат чудa, да ги активираат сетилата и умот, да се осврнат на вековната мудрост на природата и да го поттикнат талентот на нивната посветена мрежа воспитувачи, родители и негуватели.
Многу можеме да научиме и од примерот на „play: groundNYC“, несекојдневно игралиште за авантура и за неструктурирана игра во Њујорк во кое е забранет пристап за возрасни, а децата имаат на располагање вистински ресурси, материјали и алати да истражуваат, создаваат и да пресоздаваат свои сопствени светови, притоа (самостојно) учејќи како да ракуваат со алатите, како да соработуваат и како да се соочуваат со ризиците. Таа навидум хаотична средина овозможува развој на длабока самосвест и перцепција за сопствените желби, потенцијали, одлуки, како вистинска подготовка за животот и за заедништвото низ креативна игра.

Некои групи родители самите се организираат и користат ресурси на мрежи, како на пример „Децата и природата“ за почнување клубови во природа за семејства - старо-нова форма на социјално, природно вмрежување, која има потенцијал да донесе значајни културни и општествени промени. Семејството има важен придонес во постојната ситуација на „затворено детство“, каде што децата се исклучени од природниот свет. Ако ние возрасните можеме некако да го промениме тоа, вреди барем да се обидеме. Ако веќе се стремиме да направиме радикална промена во воспитувањето и во образованието, што би било порадикално од тоа да го поедноставиме начинот на кој децата го впиваат светот околу себе.

Не знам дали и како кај моето дете ќе се манифестира благодатот од неговото сегашно опкружување. Тоа што гледам е дека во светкавите очи му ја препознавам онаа возбуда на доживувањето на природата на која се сеќавам од моето детство, радоста на мигот и леснотијата на сплотувањето со поголемата целина. Тоа ме бодри зашто наѕирам дека тој веќе има солидна основа за соочување со сите идни еколошки перипетии и планетарни неволји бидејќи ја познава и чувствува природата како дел од себеси.

„Колку побавно дрвјата растат на почетокот, толку се поздрави во срцевината и мислам дека тоа важи и за човечките суштества“. 

- Торо


(Авторката е обучувачка, пермакултурна дизајнерка, младинска работничка и дел од тимот на Transition Network)


Прочитајте го целиот текст во актуелниот број

https://kupi.licevlice.mk/p/44...