Ако Дебар маало и Градскиот парк се меѓу вашите омилени места во Скопје, сигурно сте ја забележале младата продавачка на „Лице в лице“, која редовно, неуморно, вредно и чесно го нуди уличното списание.  Комуникативна, харизматична, храбра, упорна, искрена, се само дел од епитетите со кои би можеле да ја опишеме 17-годишната Рамајана.
Таа е ученичка во средното училиште „Шаим Јусуф“, а како продавачка на „Лице в лице“ доаѓа преку Здружението за заштита на правата на децата, кое ја дава основната поддршка и го координира нејзиниот работен ангажман. Рамајана, заедно со нејзиниот брат Рахман, кој е, исто така, продавач на списанието, се грижи за своето осумчлено семејство, во кое само тие двајца заработуваат.

Кога разговарате со Рамајана, ви доаѓа чувство дека зборувате со голем мудрец.
- Се сеќавам на првиот ден кога почнав да работам. Беше мрачен, со затворени локали и минувачи што итаат и ме одминуваат со брз чекор. Имав пет списанија и по долго кружење низ уличките во Дебар маало без да продадам ниедно, седнав на една клупа и исплашено размислував за периодот во кој решив да почнам да работам – се навраќа на своите почетоци Рамајана. 
Со замислен поглед прекинува да зборува, прави кратка пауза, па продолжува:
- За момент се сетив на татко ми. Се сеќавам дека ми беше криво дека ќе се вратам дома без ниту едно продадено списание. Тој не веруваше дека јас можам да го работам ова, па ќе беше во право. Си помислив, нема да дозволам да биде вака, ќе направам сè за да ги продадам списанијава! И кратко по оваа мисла, еден минувач ме препозна по униформата и ме викна, рече дека баш му е драго што нè гледа на терен. Се чини имаше лесна рака, па веднаш по него, во половина час ги продадов и другите списанија. Едвај чекав да им кажам на моите дома, но и на мојата најсакана наставничка Ирена - вели Рамајана.

Својата приказна како микропретприемач ја започна во екот на пандемијата, па најчесто од минувачите слушала „не фала, тргни се, пандемија е“.
-Научив дека ова ќе помине, а ние ја добиваме сета поддршка за да го издржиме овој период. Не бевме сами во ова. Вештините што ги учам како продавачка на „Лице в лице“ не само што ми носат нови познанства со случајните минувачи, туку и ми помагаат да бидам подобра личност со многу вредности. Многу сакам да комуницирам со луѓето што купуваат од мене! Секој пат кога ќе слушнам: „Браво, Рамајана, продолжи да работиш, да учиш и да си вредна! Еден ден ќе успееш!“ се охрабрувам и се мотивирам уште повеќе – вели таа.

Прочитај го целиот текст во новиот број и пиши ни на  licevlice@public.org.mk, или на „Фејсбук“ и „Инстаграм“ (@licevlice), доколку имаш порака или прашање за Рамајана.