Неисцрпна е темата работна интеграција и секој пат има да се додаде нешто ново бидејќи овој процес е учење и за менторите за работна интеграција (социјалните ментори), тие што работат со лица што тешко можат да се вработат. Сега ќе тргнеме од трансформацијата! Ако сакаме да постигнеме трајни промени, важно е да сме трпеливи и истрајни бидејќи тие се случуваат секојдневно – тивко и скромно. Исто каков што е и нашиот соговорник Самир. 
Малите промени кај него се важни:

- Уживам во Градски парк во Скопје. Запознавам луѓе на кои не им пречи моето присуство. Дури и возев тротинет! Понекогаш, по добро поминат ден, се честам со вакво задоволство, па изнајмувам тротинет од кај Јове во „Рент а бајк“ и среќен сум – вели тој.




Самир Џаферов е дел од продавачите на уличното списание што поминува низ процесот на социјалноменторство. Тој доаѓа од Дневниот центар за деца на улица – Шуто Оризари, а со него од самиот почеток работи Ирена Велкоска, омилената наставничка, како што вели тој.
Социјалната менторка Магдалена Чадиноска-Кузманоски работи со него на засилување на индивидуалните капацитети преку  средби на кои се проценува прогресот, или, пак, потребните интервенции.

- Пристапот секогаш треба да биде индивидуален и чекорите да бидат смислено планирани во согласност со знаењата, алатките и искуството што го добивме низ обуката што ја поминавме. Треба да се направи соодветно планирање на целите, мерење на резултатите и постојано охрабрување и мотивирање на лицето со кое се работи. Со Самир работиме на препознавање на капацитетите и на талентот и на нивно ставање во функција, градиме работни навики и меѓусебна доверба, па затоа некогаш решаваме и љубовни дилеми – вели Магдалена за промената што ја гледа, додавајќи дека нејзината улога е да ги замени сите тие позначајни улоги во животот што секој ги заслужува, но не ги добива.

Пренесуваме разговор со Самир, момчето што често ќе го сретнете низ уличките на Скопје, Градски парк, но и во Дебар Маало и на улица „Македонија“. Често е заедно со неговиот верен другар, кој е и активен продавач на „Лице в лице“, Мемет Камбер, па така дојдоа заедно и на оваа средба. Одвреме-навреме Мемет се вклучуваше за да му преведе и поедностави на ромски јазик. Тимски играчи се, а ние сме горди што нивното ривалство во продажбата се развило во пријателство, кое се поттикнува.



Ако ги прашаме луѓето од Шуто Оризари што те знаат од мал, што би кажале за тебе?

- Јас од многу мал сакам да работам и да помагам. Ако поминете на пазарот во Шуто Оризари и ги прашате луѓето таму, ќе ви раскажат колку помагав и во исто време учев како да продавам. Најмногу сакав да продавам женски тренерки! Жените сакаат да прашуваат и да разгледуваат, а јас да им нудам различни модели. 

Што мислиш, каде ќе беше денес ако не беше продавач на уличното списание „Лице в лице“? 

- Ако не постоеше „Лице в лице“, поради кое секојдневно излегувам и работам во центарот на Скопје, сигурен сум дека ќе продолжев да питам. Тешко ми е да го кажам ова. Сега, луѓето ме гледаат поинаку и ме поддржуваат. Порано бев детето што пита, а сега сум момче што работи - вели Самир со говор на тело што ја поддржува промената во него.

Како работниот ангажман го промени твојот живот? 

- „Лице в лице“ ми помогна да бидам препознаен по униформата. Во Шуто Оризари ме знаеја дека питам, но сега луѓето во Дебар Маало и во Центар ме познаваат по работата. Дури и луѓето кај кои помагав на пазар, кога ќе ме видат со полн ранец списанија ми велат: „Браво Самир, браво дете! Гледај колку е убаво кога работиш!“

Мемет, слушајќи го својот колега, со горда насмевка потврдува и вели:
- За сите нас се промени денот, многу! Некогаш ни е тешко да станеме рано, но тука сте вие, Магде, Ема и Ирена да нè искарате :) 

„Маа“ тишината сведочи дека тројцата размислуваме за тоа што го кажа Самир, по што тој гласно заклучува: 
- Подобро ми е да работам, отколку да просам! 

Раскажи ни интересна случка од терен! 
- Еднаш седнав да се одморам на убавото сонце, во едно од кафулињата, а бев во униформата. Еден човек дојде, купи списание и ми го плати кафето што го пиев. Си помислив, навистина постојат добри луѓе! 

Што е последното нешто што измами насмевка кај тебе?
- Свадбата на мојата сестра. Многу бев среќен што можев да се дотерам и да ѝ однесам подарок. 

Веднаш го извади мобилниот телефон и ни покажуваше фотографии од свадбата. Самир изрази желба да ни нацрта нешто и изненади со неговите уметнички потези! Нацрта цвет и раскажа дека цветовите го прават среќен и го потсетуваат на паузите во парк. На негово инсистирање,  тој ни ги покажа и другите фотографии од неговиот телефон, кои тој ги фотографирал додека продава „Лице в лице“. Фотографиите прикажуваат негова перспектива на Скопје, која зрачи и како да ни кажува: „Среќен сум што работам и што го гледам светот со поинакви очи!“ 
Разговорот го продолживме охрабрувајќи ги вредните продавачи и потсетувајќи ги на промената што ја движат во нашето општество. Пример се за многу идни генерации што гледаат како животот може да се промени ако ги земеме работите во наши раце.