Фотографии: Кети Талевска и Јована Лозановска

Да се консумира домашна, здрава и органска храна е можно само ако расте и се одгледува во бујна и незагадена вегетација. И ако го носи автентичниот мирис на природата. Ако, пак, е зачинета и со гостопримливост и срдечност на локалните жители, тогаш, навистина, љубовта доаѓа преку стомакот.

Домашно одгледуван зеленчук, овошје, тревки и зачини. Без никакви пестициди и строго наводнувани со чиста подземна вода, растени на здрава, богата и плодна почва. И сето ова во време кога квалитетната и здрава храна има непроценлива вредност затоа што – како сѐ повеќе да станува реткост…

Ваква приказна раскажува Демир Хисар преку ентитетот „Моја бавча“, што никого не остава рамнодушен. Ниту домашен, ниту странски турист.

Слатки води, квалитетна почва

Тајната за убавината на оваа органска храна лежи токму во домашната бавча. Одгледување производи како за сопствена душа, вели Александра Лозановска, главниот виновник за вкусот на традиционалните демирхисарски рецепти.

Нивната подготовка почнува уште од рано напролет, со сеење, садење, обработување на почвата, па сѐ до доцна есен кога се подготвува зимницата, која е и главен фокус на работата на „Моја бавча“.

– Секое годишно време си носи свои обврски, сепак, есенските денови ни се најисполнети бидејќи гледаме да одговориме на сите желби и побарувања и да го задоволиме сечиј вкус при приготвувањето на зимницата. Во работните активности е вклучено целото семејство и секој помага во тоа во кое е најдобар и највешт – вели Александра.



Природата се грижи за тебе, ти за неа

Најголемиот дел од посетителите на „Моја бавча“ биле странски туристи, но, во последно време, како што откриваат домаќините, се зголемува интересот и кај домашната јавност.– Расте свеста за тоа што значи да се јаде домашна, органска храна, и колку сета таа работа околу приготвувањето е макотрпна. Сепак, во моментов, нашите туристи се позаинтересирани за готовите производи, а помалку за присуство на едно вакво искуство, што, пак, е карактеристично за странските – вели Лозановска.

Македонија изобилува со природни богатства, особено демирхисарскиот крај, кој е карактеристичен за негување природни билки, чаеви, диво овошје, зеленчук… Но, нагласува Александра, досегашното нејзино искуство вели дека „освен тоа што не го цениме ова наше богатство, нашата грижа кон него е многу мала“.


За главните рецепти, „Моја бавча“ се инспирира од зачуваните рецепти на мајка ѝ, бабите, свекрвата на Лозановска.

– Нивните записи ми се главна документација. Го користам нивното искуство во приготвувањето на храната. Најчесто гледам да го употребам тоа што ми го нуди природата во Демир Хисар,  а некогаш подготвувам и по моја замисла, како пилот-производ, што прво го дегустираме со семејството.

Прочитајте вкусен рецепт и целиот текст во 47миот број на Лице в лице. Купете ТУКА.