Најдраго искуство – пишување книга

Средбата со младиот поет Горазд Кени се случи на нашето омилено место, во близина на Школка во Градски парк. Ни донесе интересни моменти и топла атмосфера, со која си заминавме со нови искуства. Ваквите активности со нив ги спроведуваме редовно, а целта е, освен да ги мотивираме, да ги вклучиме и во контекст во каков не биле порано, да ги поттикнеме да го увидат својот потенцијал и да научат нови работи. Учењето нови работи кај нив секогаш носи и луцидни забелешки и реакции, а неретко тие се и извор на информации. И јас самата секојдневно учам многу од овие вредни и чесни луѓе. 

Оваа средба беше малку поинаква од другите. Горазд го чекавме нестрпливо, со сета убавина што ја носи моментот на неизвесност.  

- Имам 27 години и тешко ми е кога треба да се претставам кој сум, што правам. Горазд Кени ми е уметничко име и претпоставувам дека тоа е идентитет што сам си го имам измислено. Како мал ми беше тешко да се вклопам во образовниот систем. Никако не можев да седнам и да го прифатам пристапот на учење. Ми требаше креативна енергија и сила. Нешто да ме движи. Решив дека имам одговорност сам да си го создадам тоа што ми треба. Така, заминав сам да живеам и работам надвор од Македонија. Едно од моите најдраги искуства е што почнав со пишување на мојата книга - раскажуваше Горазд, додека продавачите го следеа со голема љубопитност. 
Младиот Мемед Камбер се помести од столчето и се надоврза дека одлуката за лично дејствување е многу важна. 
- Тоа е многу важно! Нас понекогаш ни е многу тешко со продажбата, ама не смееме да се откажеме! Сме решиле дека ќе настојуваме да бидеме што подобри во ова - вели тој.

Нашата хероина, пак, Рамајана Реџепи, која, покрај училишните обврски, секој ден излегува и вредно работи, се насмевна и го потврди истото мислење, со говор на телото што покажуваше, „да тоа е и мојата приказна“! 



Играта со зборови спојува светови

Веќе во следниот момент, Горазд имаше своја изведба и вешто и со емоција ја пренесе енергијата што сакаше да ја почувствуваме преку неговите стихови.  Почнавме од личната приказна, а потоа, средбата премина во изведба, слем-поезија, пишување заедничка песна и рапување од страна на Мемед. Горазд го отвори бележникот ги покани продавачите на една несекојдневна игра. На неговите слушалки пишува „љубовпитен“, токму такви беа и нашите продавачи.
- Ќе напишам една реченица и ќе го оставиме тефтерот да кружи кај секој од нас. Да се обидеме да напишеме наша, заедничка кратка песна... или барем да ја почнеме – ги повика тој.

Клучните зборови во овој прв обид за поезија кај нив беа чесност, среќа, работа. 
Откако заедно ја напишавме песната, таа си доби читање од секој продавач посебно, што уште повеќе ја задвижи енергијата во нив. Мемед ги истакна своите вештини за рапување, па заклучивме дека ова е сосема негово поле, за кое претходно не сме знаеле. Кико и Рамајана, пак, го охрабрија упатувајќи им насмевки и поддршка. Средбата, дефинитивно, ни го покажа талентот на Мемед, па сега очекуваме тој кога ќе го нуди списанието, место да ви раскаже за што е бројот, да ви израпува дел од содржината.
Така мотивирани, си запишаа на лист планови за периодот пред нив...
Средбата заврши со договор дека заедно ќе продолжиме со уште многу други активности што будат и активираат. Со чекори што нѐ потсетуваат која е нашата желба и енергија, што сме, всушност, ние ако ги тргнеме општествените етикети, стереотипи и предрасуди. Оваа средба посеа семиња, чиишто никулци допрва ќе ги гледаме и слушаме. 

Се радувам дека овие фотографии ќе ги видат продавачите, објавени токму овде и дека ќе послужат за да ги видиме нивните лица, како изгледаат кога низ нив струи креативна енергија што движи! Исто како што тие ја придвижуваат промената, секој пат кога ги прегазуваат стереотипите дека маргинализираните лица немаат капацитети да работат!