Новогодишниот период и декември се како седмиот ден на крајот од една долга недела. Вообичаено, го поминуваме во комфор и се навраќаме на изминатата недела. Декември е и период кога правиме осврт на годината што поминува, а ги поставуваме и плановите за следната. И овој декември гледаме дека оваа година на пандемија сме поминале многу лекции за истрајност, отпорност, солидарност, заедништво.
Љубопитноста да ѕирнеме како им е на другите, пак, нè насочи да се прашаме како гледаат на ова градските херои, кои смело и храбро ја придвижуваат промената во секоја временска околност и непогода, продавачите на „Лице в лице“.

Нова година преку очилата на продавачите

Овој период ќе ги гледаме низ улиците и со новогодишните честитки, кои носат дополнителна радост за нив. Исто така, честитките нè потсетуваат и дека само заедничките заложби го прават системот силен. А зад нас оставаме година во која се изродија многу иницијативи со убава енергија, заедништво, солидарност и емпатија!
Сте се прашале ли како продавачите на „Лице в лице“ ја доживуваат новогодишната магија и што значи за нив радоста кога едвај чекате да ги сретнете на нивните локации?
Овде, дел од продавачите што ни доаѓаат од Дневниот центар за деца на улица од Шуто Оризари, „Порака нова“ од Струга, „Порака Неготино, „МКЦ Битола“, „Паблик“, лично ќе ви раскажат.


Мемет Kамбер





Рап за посреќна и повесела 2022 година


Секогаш насмеаното лице што грее! Неговата супермоќ е да создава рап и токму затоа напиша и кратка песна за новата година:

„Доаѓа  нова година 2022

Едвај ја чекав јас за да славам

Новата година ја сакам, ја чекам бидејќи од секоја страна има музика.

Музиката ми е рајот, музиката ми е среќа, музиката ми е сè!“

По рапот посака сите да живееме во поубава и повесела 2022 година и да читаме „Лице в лице“!

Армандо Реџепи




Да вежбаме стрпливост


Една работа што ја посакувам во 2022 година - стрпливост. Со неа можеме да надминеме многу предизвици и преку нив да пораснеме. Новата година ја сакам поради радоста на моите деца, се радуваат на светилките кога шетаме заедно низ градот.

Кристијан Марковски




Да се дружиме без страв и маски


Со целото мое срце посакувам пандемијата да престане! Сакам без страв и маска да се дружам и да го посетам брат ми во Холандија, заедно со мајка ми. Ми недостига безгрижноста!

Рамајана Реџепи




Само здравје!


Ако здравјето нè служи, имаме сè. Во новата година сакам сите да бидеме здрави и живи! Знам, само тогаш ќе ѝ се радувам на новата година со цело срце!

Мубија Милошевска




Да се вратат спокојот и радоста


Во новата година, пред сè, посакувам здравје и среќа за сите нас, но и крај на пандемијата за да се вратат спокојот и радоста. Многу ќе бидам среќна да ми се зголеми продажбата и моите сограѓани од Битола повеќе да читаат „Лице в лице“!

Игор  Шајноски




Бериќет и исполнување желби!


Во новата 2022 година посакувам здравје, среќа, бериќет и љубов. Новогодишните празници ги сакам бидејќи тој период се украсуваат градот и домовите, тука е и новогодишната елка под која се редат подароци и се нижат убави желби, кои очекуваме да ни се исполнат.

Љубов во големи количини




Анабела, Мариче, Кате, Горде и Пепи
, веселата петка што смело се врати во продажба по цела година пауза и на чиешто враќаме се радуваме сите! Тие велат: среќни сме, надвор е исполнето со светилки во разни бои! Посакуваме љубов во големи количини.

Валентин Ракип




Конечно, очекувам матичен број!

Јас се надевам дека конечно оваа  година ќе ми се оствари најголемата желба во животот, а тоа е да добијам матичен број и понатака сите останати документи, и јас, ама и моите браќа и сестри.