Во „Барка“ дојдов поради потребата да искусам нешто што никогаш претходно не сум го работела и да се обидам да се вклопам во поле во кое хуманоста е првобитна карактеристика. Ста­ну­ва збор за непрофитна, хуманитарна, добротворна организација што им овозможува на ко­рис­ни­ци­те дневна нега, работилници за развој на вештини и на интереси, институционална грижа. Ов­де тие живеат заедно со волонтери и со асистенти.
„На­ша­та мисија е да му ги претставиме на светот даровите на лицата со интелектуална по­пре­че­ност и да работиме заедно кон создавање похумано општество. Нудиме дом и работно оп­кру­жу­ва­ње каде што нивната единственост и разлика се гледаат како дар, а не како товар“, се вели на сај­тот на организацијата, која произлегува од француската „L’Arche“, создадена во 1964 година, ко­ја сега има повеќе од 130 заедници низ целиот свет и каде што луѓето со и без интелектуална по­пре­че­ност живеат во заедница. 

Во­лон­те­ри­те и работниците доаѓаат од целиот свет за да обезбедат поддршка на лицата со ин­те­ле­кту­ал­на попреченост. За „Барка“ е впечатлив принципот на еднаквост - сите вработени се ед­на­кви со корисниците, лица со интелектуална попреченост. Така се и третирани, не како поинакви, ами како луѓе што се уникатни и функционираат на свој начин. 

Поглед на свет низ очите на децата

Ма­рин­ка е една од лицата што многу брзо ми прирасна за срце. Таа секогаш, кога и да ме види со своите очи од кои блеска светлина, вели: „Ооо, лепа млада пунца“, или во превод на ма­ке­дон­ски: „Ооо, убава млада девојка“. Јас ѝ одговарам на тоа со: „Маринка ти си лепа“, а таа со својата нај­и­скре­на насмевка бликнува од среќа, среќа на каква што јас, навистина, ретко наидувам. По­доц­на, пак, комплиментите од нејзина страна стануваат уште почести. Без разлика каков ден да сте имале, доволно е само да го погледнете нејзиното лице и сфаќате дека таа ја има сета чистина на светот.
Сфа­ќам дека овие луѓе не умеат да осудуваат, гледаат на светот со очи какви што имаат децата - не­ви­ни, без знаење дека таму има толпа, маса луѓе што се дели, склона е да осудува, а, веројатно, не­ма соодветно објаснување зошто го прави тоа.

Повеќе ние учиме од нив, отколку тие од нас


Не­ве­ро­јат­на е желбата и мотивацијата за безрезервната поддршка на овие луѓе, кои постојано ра­бо­тат со лицата со попреченост. Веројатно ја црпат од самите лица што престојуваат овде затоа што самата работа со нив за нас претставува благодат, инспирација и постојано може нешто да се на­у­чи од нив, од нивниот начин на функционирање, нивните размислувања и од специфичноста на нив­но­то битисување и присуство. 
Ов­де постојано учам дека ние сме тие што учиме повеќе од нив, отколку спротивно. Вработените и ние, волонтерите, често се прашуваме за своите постапки и тежнееме постулатите на ме­ѓу­себ­на­та комуникација да ги базираме на почит и на исклучително разбирање за другиот. Да се помага зна­чи да се има чувство за другиот,  а со суштествувањето за другиот сме поблиску до надв­ла­де­ју­ва­ње на колективното добро.

(Автор­ка­та е волонтерка и преведувачка по шпански јазик и книжевност)


Прочитајте го целиот текст во 46-тиот број на Лице в лице.