Доза вести

„Магијата на Преспа“: нова програма за одржлив туризам со уметност, работилници и велосипедски авантури

Магијата на Преспа - постер за дел од активностите

Проектот носи културни работилници, арт-терапија и инклузивни туристички искуства со цел да ја позиционира Преспа како автентична и одржлива дестинација

Преспа добива нова димензија преку уникатна програма што ветува поинакво туристичко искуство. Станува збор за прва интегрирана програма во регионот која обединува одржлив туризам, културно-уметничко изразување и социјална инклузија.

Активностите се дел од 12-месечниот проект „Магијата на Преспа“, на здруженијата „Икуалити“ од Скопје, и „Иднина на традицијата“ од Ресен, кој има за цел развој на нови туристички содржини, негување на природните и културните вредности на Преспа, подобрување на животниот стандард на локалното население и привлекување нови туристи, позиционирајќи го регионот како препознатлива и автентична дестинација.

Култура, традиција и креативност во фокусот

Во рамки на програмата ќе се реализираат две работилници посветени на културното наследство на Преспанскиот регион и изработка на рачни творби со техниката „бакрорез“. Дополнително, ќе се одржат и две арт-терапевтски работилници, кои преку уметнички израз и инспирација од природата ќе придонесат за ментална благосостојба и креативен развој.

Активен туризам и инклузивни искуства

Програмата вклучува и тридневен ритрит, настан насочен кон унапредување на менталното и физичкото здравје, преку активности за личен развој, зајакнување на социјалните врски и градење самодоверба. Љубителите на активен туризам ќе имаат можност да учествуваат во две велосипедски тури „Преспански авантури“, кои ќе се реализираат со стандардни и адаптирани handbike велосипеди, со посебен акцент на еднаков пристап до туристички содржини.

Отворени повици за учество

Во рамки на проектот веќе е отворен повикот за учество на првата работилница за бакрорез, која ќе се одржи на 16-ти мај 2026 година во Ресен, како и за првата арт-терапевтска работилница предвидена за 4-ти јули 2026 година.

Повиците за учество на овие работилници, како и дополнителните информации се достапни онлајн на овој линк.