„МакеДокс“ од 20 до 27 август: 71 документарец, Шпанија во фокус и над 100 гости
Седумнаесеттото издание на фестивалот на креативен документарен филм носи филмска програма, мастеркласови, работилници, разговори и осмото издание на форумот МакеКоПроДокс.
Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ од 20 до 27 август ќе го донесе своето 17-то издание во Скопје. Филмовите и придружната програма ќе се одржуваат во Куршумли ан, Музејот на Македонија, Сули ан, Едукативниот културен центар „Лабораториум“ и Албанскиот театар, соопшти денеска фестивалската екипа.
Во осумте фестивалски денови ќе бидат прикажани 71 документарен филм, распоредени во шест програмски категории: Главна програма, Нови автори, Земја во фокус, Кратки документарци, Студентска програма и Програма за деца и млади.
– Горди сме што низ годините „МакеДокс“ израсна во фестивал на кој не се доаѓа само за да се гледаат филмови, туку и за да се остане по филмот – да се разговара, да се запознаат авторите, да се разменат идеи и неколку дена вистински да се живее документарниот филм. Годинава имаме и една од најопширните дополнителни програми досега, надвор од самите филмски проекции – со мастеркласови, разговори, панели, работилници, програма под смоквата и индустрискиот сегмент МакеКоПроДокс. Токму тоа сакаме да биде „МакеДокс“ – место на средба. Меѓу филмот и публиката, меѓу домашната и меѓународната документарна сцена, но пред сè, меѓу луѓето – оние сонувачи кои сè уште веруваат дека сонот може да стане стварност – рече Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.
Годинашното издание ќе се одржи под мотото „Само сонот е стварност“, инспирирано од песна на Тин Ујевиќ и истоимената книга на македонската филмологинка и филмска критичарка Илинденка Петрушева. На фестивалот се очекуваат повеќе од 100 гости од странство.

– Оваа година за нас не претставува само уште едно издание на фестивал. Тука сме да се потсетиме зошто воопшто ни е потребен филмот, зошто ни е потребен сонот. Затоа „Само сонот е стварност“ – за нас не е само мото. Тоа е нешто што тивко го носиме во себе, нешто што нè оттурнува напред кога стварноста станува претесна, кога зборовите не се доволни, кога ни треба нешто повеќе – слика, звук, тишина… чувство. А филмот отсекогаш бил токму тоа. Еден сон што некој се осмелил да го сподели. Една вистина што некој ја почувствувал доволно силно за да ја зачува. И можеби токму затоа документарниот филм е толку близок – затоа што е направен од луѓе што длабоко чувствуваат и љубат. Ова издание е и тивка посвета. На една љубов кон филмот што не згаснува. На една мисла што продолжува да живее. На Илинденка Петрушева – нашата Бабе – која со својата заразна енергија изнедри генарации на посветени филмаџии и филмољупци и нè научи дека киното не е само простор, туку состојба на духот. Дека филмот не е само гледање, туку паметење, грижа и упорност. Затоа ве поканувам – оваа година не само да гледате филмови, туку и да им се препуштите. Да дозволите да ве поместат, да ве вознемират, да ве утешат. И да понесете нешто со себе… Можеби некое прашање. Можеби некое чувство. Можеби еден нов сон – рече Петрула Вељановска, програмска координаторка на „МакеДокс“.
Шпанија во фокусот
Годинава земја во фокус е Шпанија, со избор од современи документарни филмови од тамошната сцена. Програмата ќе вклучи и кратки документарци од Канарските Острови, како и експериментални краткометражни филмови од Перу.
Во рамки на фестивалот ќе има и македонски премиери на новите филмови на Милчо Манчевски и на Елена Чемерска.
Фестивалот ќе биде отворен на 20 август во Куршумли ан со краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим.

Покрај филмските проекции, програмата носи и серија разговори и едукативни содржини. Во „Лабораториум“ ќе се одржат мастеркласовите „Сè што ги обликува документарците“, со Мигел Еек и Ксавиер Марадес, и „Збогум филмски критичари, здраво навивачи“, со Алесандро Стелино.
Таму ќе се одржи и панелот „Филмска критика во ера на алгоритми?“, посветен на промените во филмската критика и нејзината улога во време кога начинот на кој публиката открива и избира филмови сè повеќе го обликуваат дигиталните платформи и алгоритмите. На панелот ќе учествуваат филмски критичари и професионалци од Северна Македонија, Австрија, Шпанија и САД, а модераторка ќе биде Кристин Камдесу од Франција.
Од филм до разговор и практична работа
Дел од програмата е посветен и на оние кои директно работат на создавање документарни филмови. Од 22 до 25 август ќе се одржи работилница за монтажа под менторство на Касија Боњецка и Пер К. Киркегард. Фокусот ќе биде ставен на почетокот на филмот и на начинот на кој првата секвенца може да ја насочи структурата на целото дело.
Во попладневните часови во Куршумли ан ќе се одржуваат „Муабети под смоквата“, додека вечерите по проекциите ќе продолжуваат со концертната програма „Ноќни приказни“.
Пред официјалниот почеток на фестивалот, овој петок, на 14 август во „Котур“ ќе има загревање за „МакеДокс“ со настап на Марко Кочишки (M.I.K).
Осмо издание на МакеКоПроДокс
Индустрискиот сегмент на фестивалот, „МакеКоПроДокс форумот“, ќе се одржи од 25 до 27 август. Форумот е основан во 2019 година и е посветен на развојот на копродукциите во областа на креативниот документарен филм на Балканот.
– Осмото издание на „МакеКоПроДокс форумот“ ќе ги обедини директорите на националните филмски центри од Балканот, меѓународни филмски професионалци и тимовите на осум избрани документарни проекти во развој, кои во изминатиот месец беа дел од работилницата за развој на проекти под менторство на тројца интернационални ментори од индустријата, Виктор Ед, Зејнеп Ѓузел и Бриџид О’Ши. Во духот на годинашното фестивалско мото, форумот ќе се осврне на тоа како документарните соништа можат да се развијат и да стигнат до својата конечна форма, а завршените филмови до својата публика. За време на форумот ќе се одржат пичинг на проекти, средби на продуценти, доделување награди, јавна панел-дискусија со директорите на регионалните филмски центри, како и панел за француско-балканските копродукции и дистрибуцијата на балканските документарни филмови. Форумот продолжува да се развива како важна регионална точка за размена на знаења, создавање партнерства и отворање нови можности за соработка, финансирање и меѓународна видливост на регионалниот документарен филм – истакна Сара Ферро, раководителка на индустри програмата на „МакеДокс“.
Во рамки на фестивалот ќе биде претставена и современата документарна сцена во Словенија, во соработка со Словенечкиот филмски центар, како и проектот „Документарница“.
Пет фестивалски награди
На 17. „МакеДокс“ ќе бидат доделени петте награди: „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Наградата за најдобри етички идеи, за кои ќе одлучуваат 15 меѓународни професионалци од светот на документарниот филм.
Целосната програма, распоредот на проекциите и информациите за фестивалските активности се достапни на официјалната страница на „МакеДокс“.
Фотграфии: МакеДокс / Кристиан Христов