Доза вести

„Само сонот е стварност“ е пораката со која „МакеДокс“ го најавува своето 17. издание

Постер за 17. издание на Фестивалот на креативен документарен филм кој ќе се одржи од 20 до 27 август 2026 година

Годинашното мото, инспирирано од поетот Тин Ујевиќ и делото на филмологот Илинденка Петрушева, го става документарниот филм во фокус како простор за меморија, љубов и сведоштво.

Под мотото „Само сонот е стварност“, од 20 до 27 август на неколку локации во Скопје ќе се одржи 17. издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Организаторите велат дека годинашната тема е инспирирана од истоимената песна на Тин Ујевиќ, но и од книгата на македонската филмологинка и филмска критичарка Илинденка Петрушева, оставајќи простор фестивалот да биде место каде документарниот филм се доживува како сведоштво, меморија и простор за дијалог.

Мотото како повик да се зачува љубовта кон документарниот филм

Годинашното мото не е избрано случајно. Организаторите велат дека преку него сакаат да потсетат дека токму соништата ги движат луѓето да создаваат, истражуваат и веруваат во моќта на филмот.

– „МакеДокс“ и оваа година останува простор каде што документарниот филм не е само форма, туку живо сведоштво – за времето, за луѓето и за вистините што понекогаш најлесно ги согледуваме токму низ објективот на камерата. Ова е место каде што љубовта кон филмот се претвора во дело, а страста на авторите – во слики што траат – велат организаторите.

Посвета на Илинденка Петрушева

Во образложението на мотото, организаторите посочуваат дека годинава му оддаваат почит и на делото на филмологинката Илинденка Петрушева, која со децении работеше на зачувување на филмското наследство, обновата на старите киносали, поддршката на аматерскиот филм и афирмацијата на филмската критика.

– Иако таа веќе е во некои повисоки, вечни киносали, ние – нејзините наследници – чувствуваме силна внатрешна потреба да ја продолжиме нејзината неуморна мисија: обновата на старите кина, за кои напиша бројни книги; поддршката на аматерскиот филм, на која ѝ беше верна до последниот здив; како и нејзината посветеност на филмските архиви, критиката и кинематографијата воопшто – велат од „МакеДокс“.

Документарниот филм како простор за паметење

Фестивалскиот тим споделува и дека секој документарен филм е „сон внимателно создаден, споделен и оживеан пред публиката“, а „МакеДокс“ останува место каде љубовта кон филмот се претвора во простор за средби меѓу авторите и гледачите.

Илустрации за визуелниот идентитет на ова издание на „МакеДокс: Наташа Андонова

–  Зашто, што е филмот, ако не сон запишан на филмска лента и претворен во стварност на платното? Еден мудрец рекол: Amo ergo sum! (Љубам, значи постојам!) Затоа, како вистински аматери – вљубеници во филмот и киното, ве покануваме ова лето во нашите магични кинопростори: Куршумли ан, Сули ан и платото пред Музејот на Македонија. Да ја проследите најсвежата документарна продукција и заедно да сонуваме…- порачуваат организаторите.