Доза вести

Патувачкото кино на „МакеДокс“ повторно тргнува низ Македонија: Бесплатни проекции во шест места

Од 10 до 17 јули, караванот на Патувачкото кино na МакеДокс ќе помине низ шест населени места и градови, продолжувајќи ја својата мисија да го донесе документарниот филм на големо платно до места каде што ретко има можност да стигне.

Од 10 до 17 јули, караванот на „МакеДокс“ ќе донесе документарни филмови под отворено небо во Неготино, Пепелиште, Демир Капија, Долни Дисан, Негорци и Гевгелија.

По седумнаесетти пат, Патувачкото кино на „МакеДокс“ повторно ќе ги понесе документарните филмови надвор од киносалите и ќе ги претвори плоштадите, училишните дворови и јавните простори во места за заедничко филмско доживување. Од 10 до 17 јули, караванот ќе помине низ шест населени места и градови, продолжувајќи ја својата мисија да ја доближи документарната кинематографија до публиката во средини каде што ваквите проекции ретко се достапни.

Годинашното патување започнува на 10 јули во Неготино, каде проекцијата ќе се одржи кај Спомен-костурницата. Следниот ден, на 11 јули, Патувачкото кино ќе гостува во Пепелиште, во дворот на основното училиште „Страшо Пинџур“. Караванот продолжува на 13 јули во Демир Капија, на градското шеталиште, а на 14 јули ќе биде во Долни Дисан, во дворот на училиштето „Гоце Делчев“. Последните две проекции се закажани за 16 јули во Негорци, во училиштето „Ристо Шуклев“, и 17 јули во Гевгелија, во училиштето „Јосиф Јосифовски“.

Во изминатите 17 години Патувачкото кино прерасна во една од најпрепознатливите програми на „МакеДокс“, носејќи документарни филмови до заедници во кои киното не е секојдневно достапно. Секоја станица од патувањето е повеќе од филмска проекција и е можност за средба, разговор и заедничко споделување приказни што отвораат важни општествени прашања и поттикнуваат дијалог.

– Патувачкото кино не се само проекциите, туку и средбите пред и по филмот, разговорите што продолжуваат откако ќе се изгасне проекторот и приказните што се пренесуваат до следното место – велат од „МакеДокс“.

Сите проекции се бесплатни, а деталната програма ќе биде објавена на официјалните комуникациски канали на „МакеДокс“.