Актив арт, Доза вести, Лице в лице

Македонскиот павилјон на Венециското биенале се отвора на 8 мај: Жерновски со „Пиета во прекривките на ургентноста“

Пиета со прекривката - Венеција

Во Венеција пристигна уметничкиот тим што ќе ја претставува Македонија на 61. Биенале за уметност. Отворањето на Македонскиот национален павилјон е закажано за петок, 8-ми мај, во 18.30 часот, каде ќе биде изложен проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ на мултимедијалниот уметник Велимир Жерновски. Нашето претставување го организира Музејот на современа уметност – Скопје (МСУ-Скопје). Македонскиот национален павилјон е на локацијата Спацио Кастело 77 на влезот во престижното Арсенале. Куратори на проектот се Тихомир Топузовски и Аманда Буткез од Канада, а комесар е Авни Ќаили.

Според кураторите Топузовски и Буткез, инсталацијата на Жерновски ги преиспитува границите на човечкото, размислувајќи надвор од нив, создавајќи нови етички сензибилитети. Авторот во своето монументално дело ја обвиткува препознатливата Пиета со златни ургентни прекривки, изработени од метализиран пластичен филм, материјал првенствено произведен за вселенски мисии. Тие се водоотпорни, рефлективни и ја задржуваат телесната топлина. Кураторите објаснуваат дека уметникот со овој материјал повторно ја облекува Пиетата за да создаде нови значења. Златото ја обвиткува фигурацијата на делото во афективна сфера на емоции, страсти и страдање.

Повеќе за делото на Жерновски на овој линк:

Македонска „Пиета“ во време на кризи: Велимир Жерновски носи ургентност на Венециското биенале

Венециското уметничко биенале е најстарата ликовна манифестација во светот и ќе се одржи од 9-ти мај до 22-ри ноември. На 9-ти мај требаше да бидат доделени и главните награди „Златен лав“ во неколку категории, но оваа церемонија е одложена за 22 ноември, откако Меѓународното жири кон крајот на минатата недела поднесе колективна оставка.

– Поради оставките на Меѓународното жири на 61. Интернационална уметничка изложба и поради моменталната меѓународна геополитичка ситуација, Биеналето реши церемонијата на доделување награди да се одржи на 22-ри ноември, последниот ден отворен за јавноста- пишува во соопштението на Венециското биенале.

Тема на годинашната голема изложба е „Во молски тоналитети“ („In Minor Keys“), чиј куратор е Којо Куох, (Koyo Kouoh) која почина пред една година. Изложбата ќе ја реализира тимот која таа сама го избрала. На изложбата ќе бидат претставени дела од 110 уметници од целиот свет. Дополнително, на локациите Арсенале и Џардини ќе бидат вклучени 100 национални претставувања и 31 дополнителен настан.

Венециското биенале веќе 130 години е една од најпрестижните културни институции во светот. Првата Меѓународна уметничка изложба била организирана во 1895 година.