Доза вести

„Сестра, брат и шахта“ го освои Токио, Манчевски со Гран при за новиот филм

„Сестра, брат и шахта“ го освои Токио, Манчевски со Гран при за новиот филм

Новиот долгометражен филм на режисерот Милчо Манчевски ја освои главната награда на Меѓународниот филмски фестивал во Токио. Ова е историски успех за македонската кинематографија и прво вакво признание по победата на „Пред дождот“ во Венеција во 1994 година, известија од тимот на Манчевски.

„Многу ми е мило што светот ја сака нашата шахта“, изјави режисерот Милчо Манчевски по освојувањето на главната награда на Филмскиот фестивал во Токио со неговиот најнов филм „Сестра, брат и шахта“, кој ја освои наградата „Токио гран при“, едно од најзначајните признанија на фестивалот, со што македонската кинематографија забележа историски успех.

Од тимот на Манчевски соошпштија и дека ова е првпат, по „Пред дождот“ на Манчевски, кој во 1994 година освои „Златнен лав“ во Венеција, македонски филм да ја освои главната награда на меѓународен фестивал од А-ранг.

Претседателот на жирито, австралискиот режисер Ролф де Хер, го прочита образложението за наградата, во кое особено беа истакнати хуморот, трагедијата и драмата, како и човечноста и сочувството кон ликовите.

– За беспрекорното спојување на хуморот, трагедијата и драмата, за човечноста и сочувството што ги покажува кон своите ликови, за сложениот, но кохерентен филм, кој истовремено успева да биде трогателен и разигран, големата награда на Токио – Наградата на гувернерот на Токио за најдобар филм – му се доделува на „СЕСТРА, БРАТ И ШАХТА“.

По доделувањето, Манчевски им се заблагодари на филмската екипа, актерите, финансиерите и поддржувачите на проектот.

– Многу ми е мило што светот ја сака нашата шахта. Благодарност до феноменалната екипа, глумците, финансиерите, спонзорите – за довербата во еден чуден филм. Ете пример дека истрајноста и правдата победуваат. Напред, шахта! – изјави Манчевски.

Наградата на свеченото затворање ја подигнаа главните актери, Сара Климоска и Филип Трајковиќ, заедно со продуцентот Јане Ќортошев. Тој во обраќањето ја опиша долгата и неизвесна патека до реализацијата на филмот, од прашањето дали воопшто ќе успеат да го снимат до вечерта во која ја примаат главната награда во Токио.

– Во Токио дојдовме со шахта, а во Македонија се враќаме со оваа прекрасна награда. Мислам дека ова е навистина добра зделка! Од неизвесноста дали воопшто ќе успееме да го снимиме филмот, до оваа вечер, кога стоиме тука, во Токио – навистина поминавме долг пат. Голема благодарност до сите кои веруваа во нас и нè поддржуваа на тој пат. Галина Тонева, Ју-Фаи Суен, Светлана Левичева… – еве нè тука. Благодарност до Меѓународниот филмски фестивал во Токио, кој веруваше во нашиот филм и до жирито што му ја додели оваа прекрасна награда. Аригато гозаимас! – изјави Ќортошев.

Приказна од маргините со универзална порака

„Сестра, брат и шахта“ е комедија за оние што имаат и оние што немаат, но и лута сатира и суптилна поема за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството. Во препознатливиот авторски стил на Манчевски, филмот ги поместува жанровските граници и ги спојува смеата и тагата, отворајќи прашања за човечките односи и начинот на кој живееме во современиот свет.

Иако приказната се случува во денешна Македонија, нејзините теми имаат поширок контекст. Преку ликовите што се наоѓаат на општествените маргини, филмот зборува за нееднаквоста, достоинството и човечката поврзаност.

На годинашното издание на фестивалот во Токио пристигнале 1.892 филмови од 112 земји и региони. По селекцијата, 15 филма се натпреварувале за главната награда. Жирито го предводел Ролф де Хер, а во него членувале филмски професионалци од Австралија, САД, Јужна Кореја, Јапонија и Франција.

Деветти долгометражен филм на Манчевски

„Сестра, брат и шахта“ е деветтиот долгометражен игран филм на Милчо Манчевски. Оваа година тој го реализираше и документарниот филм „Добри луѓе“, посветен на трагедијата во Кочани, со што во иста година пред меѓународната публика претстави две различни филмски остварувања.

Филмот е снимен со меѓународна екипа на локации низ Скопје и неговата околина. Главните улоги ги играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски. Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија. Кастинг директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. 

Продуцент на филмот е Јане Ќортошев, а во копродукцијата учествуваат компании од Бугарија, Србија, Италија, Велика Британија и Албанија. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, национални филмски фондови и приватни инвеститори од земјите копродуценти, како и од македонски компании и културни институции.

Фотографии: ©2026 TIFF и приватна архива