People of Change, Интерактивни приказни

Од животна крстосница до поддршка за други: Приказната на Марија која ја претвори болката во сила

Марија - социјална менторка на „Паблик“

Животната приказна на социјалната менторка Марија Цветановска – Трпески е пример како личната загуба може да се претвори во сила и професионална мисија. Зборуваме за издржливост и трансформација на личност која, го пронаоѓа својот пат преку работа на себе и социјално менторство. Денес, таа им помага на луѓето од ранливи категории да ја пронајдат својата насока и место во општеството.

Понекогаш, најголемите пресврти во животот не доаѓаат како избор, туку како неизбежност. Приказната на социјалната менторка Марија Цветановска – Трпески започнува токму така, со загуба што ја става пред едно од најтешките прашања: како да продолжи понатаму сама?

На само 18 години, по смртта на нејзината мајка, Марија се наоѓа на животна крстосница. Без родителска поддршка, со многу неизвесност и одговорности, таа морала брзо да созрее и да го пронајде својот пат. Наместо да потклекне на предизвиците, одлучила да се соочи со нив.

Работејќи во агенција за вработување, паралелно започнува да го гради и својот втор, подлабок повик, социјалното менторство. Но, тој пат не бил лесен, ниту брз.

– Ме водеше беше желбата за личен развој, односно денес да бидам подобра верзија од себеси од вчера- вели Марија.

Патот до „своја подобра верзија“ бил исполнет со многу работа на себе: едукации, тренинзи, разговори, психотерапија и постојано преиспитување. Чекор по чекор, таа успева да ги надмине тешките моменти и да изгради јасна визија за својата иднина.

Од лична борба до мисија преку социјално менторство

Она што ја издвојува Марија не е само нејзината истрајност, туку начинот на кој го користи сопственото искуство. Наместо да го доживува како товар, таа го претвора во алатка со која ќе им помогне на другите во заедницата.

Нејзиниот ангажман како социјална менторка во „Паблик“ не е случаен. Таа се пријавува на отворен повик, каде веднаш се издвојува од останатите кандидати. Извршната директорка на „Паблик“, Климентина Илијевски споделува дека кај Марија веднаш препознале многу важни елементи.

– Тоа е местото од коешто оперира, односно пасијата – зошто сакам да го работам ова, која е мотивацијата за да бидам дел од еден ваков тим. Тоа е тоа што на некој начин ја издвои. Најмногу ми се допадна и нејзината автентичност, нејзината љубопитност. И во исто време, нејзиното длабоко познавање на тоа што е ранливоста. Од друга страна, и што подразбира борбеноста, што значи да не се откажеш. И таа е, на некој начин, тој ветер во грб, тоа светло што им го отвара на лицата со кој што работи за да видат кај сакаат да стигнат – вели Илијевски.

За Марија е прпознатливо тоа што таа не зборува за предизвиците од дистанца, туку ги има почувствувано и самата. Токму тоа ѝ овозможува да биде вистинска поддршка за луѓето со коишто работи. Не како некој што советува „од страна“, туку како некој што разбира.

Социјалното менторство на „Паблик“, е пристап што им помага на луѓето кои потешко доаѓаат до работа полесно да влезат и да се задржат на пазарот на труд. Создадено врз основа на долгогодишно искуство со различни маргинализирани групи, се темели на индивидуална поддршка, практични алатки и постојано следење на напредокот. Целта е едноставна – секој да ги препознае своите силни страни, да ги развие своите вештини и да пронајде свое место во работната средина.

Градење сила низ искуство

Дополнителна димензија на нејзината емпатија доаѓа од личното искуство со близок член од семејството со попреченост. Преку таа реалност, Марија одблизу го запознава патот до инклузија кој е долг, тежок и често неправеден. Но, наместо тоа да ја обесхрабри, ја оформува како личност. Ја учи да препознае каде е потребна поддршка, како да се пристапи и до кој степен може да се помогне. Тоа искуство станува темел на нејзиниот пристап кој е внимателен, свесен и човечки.

Денес, таа е „ветер во грб“ за многумина. Личност што им помага на другите да ја видат својата насока и да веруваат дека можат да стигнат таму каде што ќе наумат.

Успехот како процес, не како дестинација

За Марија, успехот не е нешто што се случува одеднаш. Тој е резултат на континуирана работа, правилни избори и луѓе кои знаат да бидат поддршка во вистински момент.

– Вербата во себе и издржливоста одат заедно. Најважно е да издржиме – вели таа.

Нејзината филозофија е едноставна, но моќна: да се остане истраен дури и кога е најтешко, затоа што токму тогаш започнува промената.

Марија денес е пример дека дури и кога животот ќе те доведе до точка каде што сè изгледа неизвесно, тоа може да биде почеток на нешто многу посилно.

И нејзината порака е јасна:

– Издржи. Ќе биде така како што сакаш.

Кликнете на фотографиите за поголема верзија.
Пристапната видео приказна за Марија и неговата лична и професионална трансформација, погледнете ја во видеото.

Видео прилогот ќе биде достапен и за гледачите на јавните сервиси во нашата земја, како и во Војводина и Босна и Херцеговина: Македонска радио-телевизија, Радио-телевизија на Војводина и Радио-телевизија на Босна и Херцеговина.

Новинарка: Бјанка Станковиќ
Видео и монтажа: Горан Бошковски
Фотографии: Ирина Крстевска
Анимација: Андријана Весовска
Илустрации и графички дизајн: Ружица Мандичевска
Уредничка поддршка: Славица Ќурчинска, Маја Раванска, Климентина Илијевски
Мултимедијална пристапност: Асоцијација за пристапност и инклузија – АПИ: Кристијан Лазарев  и Ванеса Лазарева.
Аудионарација: „Самоглас“: Христијан Попсимонов, Ангела Стојановска
Музика на шпица: „Тело за на ТВ“, „Дупер“; Автори: Борис Какуринов („Дупер“), Илчо Нечовски („Дупер“), Мартина Баракоска – тапани, перкусии, пратечки вокали.
Продукција: Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“ – Скопје, за потребите на проектот „People of Change – transformation, resilience, progress“.

„Innovation. Media. Minds: ЕУ поддршка на новинарството во јавните сервиси на Западен Балкан“, е проект финансиран од Европската унија што се спроведува од страна на „Goethe-Institut“,  во име на Европската комисија и во соработка со партнерот за спроведување „DW Akademie“. За оваа содржина исклучиво е одговорно Здружението „Паблик“ и не мора да го одразува мислењето на Европската унија.

Дисклејмер со логоа од проектот People of Change


На овој линк може да ги најдете сите приказни од овој серијал. Погледнете ги и останатите видео-приказни од овој пристапен серијал, за Блажо, Роза, Валентин и за Иштван, на линковите подолу.

Блажо Сапунџиев: Од дијализа до скеле, тивок херој што гради нов живот
Социјалното менторство помага на младите приматели на помош да најдат работа