„Марш на исклучените“ во Скопје: Повик за подостапни јавни простори и еднакво учество за луѓето со попреченост
Настанот ќе се одржи на 6 јуни во рамки на 5. издание на Фестивалот на инклузија inFusion и ќе испрати порака дека пристапноста е основно човеково право.
Оваа сабота, на 6 јуни, во Скопје ќе се одржи „Марш на исклучените“, настан што е дел од програмата на петтото издание на Фестивал на инклузија „inFusion“. Маршот ќе започне во 10 часот пред зградата на Владата и ќе трае до 12 часот, кај Летната сцена „Лепеза“ во Градскиот парк во Скопје. Маршот е со порака за поголема пристапност, еднакви можности и активно учество на лицата со попреченост во општеството.
Организаторите посочуваат дека настанот претставува простор за заедничка поддршка, видливост и застапување на правото на слободно и безбедно движење, како и на правото на рамноправно учество во сите сфери на јавниот живот.
– Ги покануваме сите граѓани да ни се придружат: семејства, деца, млади, постари лица, лица со попреченост, родители со колички, велосипедисти и сите кои веруваат во поинклузивно и попристапно општество. Со заедничко присуство и позитивна енергија ќе испратиме силна порака дека јавните простори треба да бидат достапни за секого – велат организаторите, здружението „Икуалити“.
Пристапноста како право, а не привилегија
Маршот има за цел да го насочи вниманието кон секојдневните бариери со кои се соочуваат лицата со попреченост, но и да потсети дека пристапноста не е привилегија, туку предуслов за достоинствен и независен живот.
Организаторите нагласуваат дека инклузијата е заедничка одговорност и дека промените започнуваат со присуство, солидарност и препознавање на потребите на сите членови на заедницата.
Забавна и инклузивна програма во Градскиот парк
По завршувањето на маршот, програмата ќе продолжи на Летната сцена „Лепеза“ во Градскиот парк, каде посетителите ќе имаат можност да учествуваат во различни активности наменети за сите генерации.
Предвидени се музичка програма, друштвени игри, искуства со виртуелна реалност и други интерактивни содржини кои ја промовираат инклузијата, заедништвото и еднаквиот пристап до културни и јавни настани.
Организаторите ги повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да дадат поддршка за поинклузивно, посвесно и подостапно Скопје.
„Инфјужн“ одбележува пет години инклузија, уметност и заедништво
„Маршот на исклучените“ е дел од програмата на јубилејното, петто издание на inFusion – Фестивал на инклузија, кој годинава се одржува под мотото „Почувствувај во боја“. Организаторите велат дека пет години по првото издание, фестивалот продолжува да создава простор каде различностите се слават, а заедницата се гради преку заеднички искуства, уметност и активизам.
Програмата започнува на 4 јуни и продолжува на 5, 6, 13 и 20 јуни, носејќи содржини за различни генерации и интереси. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во музички настапи, изложби, театарски содржини, гејминг, креативни работилници и бројни активности што ги поврзуваат луѓето и ја промовираат инклузијата.



- Отворен повик за 5 млади амбасадорки за дигитална безбедност: зајакнување на жените во сајбер просторот
- Дејан Дуковски: Фестивалот „Војдан Чернодрински“ има многу важна улога за мене како автор
- Скопје домаќин на национална конференција за социјално претприемништво: фокус на политики, партнерства и локален развој
- Ден посветен на Дејан Дуковски на „Војдан Чернодрински“: Изложба, промоција на драми и разговор со авторот
- Отворен 60. МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот живее додека има сцена, публика и приказни