Различни патишта, исти желби: Битола го одбележува 12-ти август, Меѓународниот ден на младите
МКЦ-Битола и „Свесност – центар за психотерапија“ денес организираат интерактивна работилница посветена на личните цели, развојот и визијата на младите за иднината.
Младите низ светот денес го одбележуваат Меѓународниот ден на младите, посветен на нивните права, потреби, предизвици и можности. Во Битола, Младинскиот културен центар – Битола (МКЦ-Битола) денот ќе го одбележи со работилницата „Патот до целта“, која ќе се одржи вечерва во просторот на центарот.
Работилницата, организирана во соработка со „Свесност – центар за психотерапија“, започнува во 19.30 часот на летната сцена на МКЦ-Битола на улица „Цар Самоил“ 29.
Наместо класично предавање, активноста е замислена како интерактивен простор во кој младите ќе можат да размислуваат за сопствените цели, да разменуваат идеи и да истражуваат како ги поставуваат и остваруваат плановите за својата иднина.
„Различни контексти, заеднички аспирации“
Темата на Меѓународниот ден на младите 2026 е „Различни контексти, заеднички аспирации“. Пораката зад темата е дека младите живеат во различни општествени и економски услови и се соочуваат со различни предизвици, но делат низа заеднички стремежи, пристап до образование, достоинствена работа, можности за личен развој, учество во заедницата и перспектива за подобра иднина.
Токму прашањето за личните цели и патот до нив е во фокусот на вечерната работилница во Битола. Организаторите ја опишуваат како простор за лично истражување, запознавање и размена, наместо како формално предавање.
По работилницата, од 21 часот, програмата продолжува со неформално дружење и музика со диџеј Чико.