Интерактивни приказни, Одговорно претставување

Мировно образование: како да изградиме мостови, таму каде што другите подигнуваат ѕидови?

Балони на небо со пораки за мир - 15 години мировно образование Меѓаши

Програмата за мировно образование на Детската амбасада МЕЃАШИ гради капацитети за општествени промени: критичко мислење за конфликт и неговите корени, ненасилна комуникација, меѓукултурно разбирање, емпатија, почит за различноста и граѓанска одговорност.

„Сакам да се врати мирот. Сакам да се вратам во моето училиште. Ми недостасуваат наставниците и пријателите.” Маха, 11 години, седи на урнатини во Рафа, Газа, јануари 2024. Извор: UNICEF USA, „What It’s Like to Be a Child in Gaza Right Now

„Ми недостасуваат мојот живот, мојот учител, моето училиште.”
 Хасан, 13 години, сириски бегалец во кампот Заатари, Јордан. Извор: World Vision, „Children’s Emotional Scars from Syria’s Civil War”)

„Здраво лидери. Јас сум мало девојче од Газа. Ве молам не нè повредувајте.  Нахранете нè. Заштитете нè. Дозволете ни да живееме” Лин Ал Фара, 3 години, Газа.

Пораката од Лин стана симбол на украденото детство на децата од Газа. Лин не зборува за политика. Таа зборува за тоа дека сака да готви. Дека сака да живее. И токму ова, во сиот своj ужас, е најсилниот аргумент за мировното образование: затоа што некои деца мораат да молат за правото да бидат деца. Овие гласови го будат светот. Служат како жив доказ дека војната не е само политички конфликт, туку длабока човечка трагедија која најпрво го напаѓа правото на детето да биде дете.

Светот е на критична крстосница. Додека насловите во медиумите се преплавени со воени стратегии и извештаи за нови жаришта како и со страшни насилства меѓу младите,  често го забораваме најважниот фронт на кој се гради иднината: училницата.

Мировното образование веќе не е само „пожелен“ дел од наставната програма или апстрактен идеалистички концепт. Тоа е најмоќна алатка за превенција што ја поседува човештвото во овој миг.

Лабораторија за емпатија – 15 години сеење мир

Мировното образование не е привилегија за мирни општества, туку должност на целото човештво. Генерациите кои растат под бомби, во шатори за бегалци, без учители и без книги, како и генерациите кои растат во општество каде се нормализира насилството и се банализираат емпатијата и солидарноста, ќе го градат утрешниот свет. Прашањето е само со какви алатки.

Постои убедување, широко распространето и удобно прифатено, дека мирот е „природна состојба”, дека тој едноставно постои кога нема пукање. Но, токму тоа убедување го прави нашиот свет ранлив.

Мирот не се случува сам од себе. Се гради, со зборови, со вештини, со вредности, со образование. И оваа вистина ја знае Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ веќе 15 години (линк до новата веб-страница). Уште од 2011 година, кога тргна по еден скромен, но смел пат: да го внесе мировното образование во македонските училишта. Нивната Програма за мировно образование (ПМО), започна во соработка со германската „KURVE Wustrow“, поддржано од BMZ.

Тимот на МЕЃАШИ задолжен за Програмата за мировно образование

Мировното образование е доживотен процес на учење кој го негува мирот. Тоа значи создавање генерации кои знаат како да ги трансформираат конфликтите на ненасилен и конструктивен начин. Програмата се фокусира на развивање емпатија, критичко размислување и активна граѓанска улога кај младите.

Со бројките, станува јасно дека за Детската амбасада МЕЃАШИ, оваа програма не е изолиран проект, туку систематски и долгорочен процес, во кој целиот тим вложува многу. Програмата денес опфаќа 49 средни и 25 основни училишта и градинки, во сите региони на земјата, со над 300 наставници кои учествувале на повеќекратни обуки и повеќе од 8000 ученици директно вклучени во активности што го промовираат мирот, дијалогот и ненасилството. Зад овие бројки стои мрежа на луѓе кои применуваат нови методи и активно го трансформираат начинот на кој функционира училишната заедница. Тие создаваат генерации способни за дијалог, за различност, за активен граѓански живот.

– Не можевме ни да сонуваме дека една идеја ќе успее да направи системска промена во воспитно-образовниот систем во Македонија. Не го сменивме светот, но, мислам дека направивме голема работа за воспитно образовниот систем – вели Гордана Пирковска Змијанац, основачка на МЕЃАШИ и мировна работничка.

Гордана Пирковска Змијанац и Драги Змијанац на четвртата Конференција за мировно образование, одржана минатата година во Скопје.

Таа додава дека, благодарение на години упорна работа, партнерства и јасна визија, модулите за мировно образование (линк овде) стануваат дел од наставните програми во средните училишта, а сè повеќе се вклучуваат и основни училишта.

– Оваа системска промена ни дава уште поголема мотивација да продолжиме. Ова не е само наш успех туку е резултат на вложувањето на самите наставнички и наставници кои не прифатија статус кво, туку работат на општествени промени свесни дека мирот е акција. Или, како што потенциравме на четвртата конференција за мировно образование, дека „Мирот е глагол“. Важно е да градиме похумано и поправедно општество за сите, а особено за послабите – вели таа.

Пирковска Змијанац посочува и дека мирот е активен процес на градење социјална правда и еднаквост. МЕЃАШИ учат на „позитивен мир“, амбиент каде секое дете се чувствува вреднувано, без оглед на неговата етничка или социјална заднина.

– Образованието игра голема улога во поттикнувањето на чувството дека сите припаѓаме на ист свет. Не е доволно само да ги учиме децата да читаат, да пишуваат и да бројат. Образованието треба да се темели на заемно почитување и да придонесува во создавањето на мирот во заедницата – вели таа и додава дека дека образованието за мир и промоцијата на мирот преку образованието е приоритет на УНЕСКО.

Мировното образование нуди алтернатива – претворање на конфликтот во шанса за дијалог. Училиштето престанува да биде само фабрика за оцени и станува лабораторија за емпатија.

– Мирот се учи, се живее и се пренесува. Не е лекција од учебник. Без практикување тој е невозможен, а тоа практикување треба дасе учи од најмали нозе, уште од градинките. Значи мирот е избор и тој се учи- нагласува Пирковска Змијанац.

Како се учи тоа што не е во учебниците?

Како се пренесуваат вредности што не можат да се најдат меѓу кориците на ниту еден учебник? Како се учи емпатија, одговорност или храброст да се спротивставиш на неправдата? Во работата на Детската амбасада МЕЃАШИ, одговорот лежи во искуството, во начинот на кој се создава простор за учење.
Една од најсилните карактеристики на нивната програма е т.н. „овозможувачка“ методологија, пристап кој не им кажува на младите што да мислат, туку ги охрабрува сами да истражуваат, да преиспитуваат и да дејствуваат.

Ана Битољану, мировна работничка на „Меѓаши“, дел од Програмата за мировно образование

– Суштината не е во тоа да им се порача на децата „бидете добри“, туку да им се дадат алатки со кои ќе можат да се снаоѓаат во реалниот, често сложен свет –  објаснува мировната работничка Ана Битољану.

Вака, учењето станува жив процес, длабоко поврзан со секојдневието. И токму таму, меѓу разговорите, дилемите и заедничките искуства, се гради нешто што не може да се запише во учебник, но, може да го промени начинот на кој младите го гледаат светот, и своето место во него.

Петнаесет години „тивка“ мировна МЕЃАШИ револуција (2011 -2026)

Програмата за мировно образование на МЕЃАШИ е една „тивка револуција“ што веќе 15 години ја менува образовната реалност во Македонија. Влијанието не застанува на ниво на училница. Еден од најзначајните исчекори е институционалниот напредок. Веќе пет години активно функционира Координативно тело во кое се вклучени Министерството за образование и наука (МОН), Бирото за развој на образованието (БРО), и Државниот просветен инспекторат (ДПИ), што претставува важен чекор кон системско препознавање и поддршка на мировното образование. Ова значи дека идејата за мир не останува само иницијатива, туку постепено се вградува во образовните политики.

Наместо да постои како издвоен предмет, се проткајува во различни наставни содржини, во начинот на комуникација, во односите меѓу учениците и наставниците – токму таму каде што промената има најголемо значење.

Фатмире Ајдари – Мурсели, мировна работничка во МЕЃАШИ, вели дека младите денес се желни за нови познанства, дискусии и дружења.

Но, местата каде би можеле да се сретнат и да разменуваат искуства не се многу, а кога ги има, тие на почетокот се многу резервирани во дискусите.

– Но, по завршување на настаните, гледаме нови другарства, каде јазичните бариери се гледаат како предизвици, а не како пречки. Тоа се тие „мали победи“, кога група која на почеток била резервирана, поделена или полна со предрасуди, на крајот успева да води отворен разговор. Тоа се тие тивки, но, длабоки промени што покажуваат дека сме на вистинскиот пат – вели Ајдари – Мурсели.

Во свет, вели, каде што сите сакаат да бидат слушнати, вистинската сила е во тоа да умееш да разбереш.

– За градење мир не треба да се избегнуваат конфликти, туку учење како да се справуваме со нив, на начин што гради, а не руши. Важно е да се слуша вашиот глас, но, исто толку е важно и да создадете простор за да се слушнат и другите – нагласува таа.

Дел од тимот за мировно образование на Меѓаши

Значаен дел од оваа трансформација се и конкретните алатки што се развиваат низ годините. МЕЃАШИ работи со луѓе и создава и ресурси што остануваат: модули за мировно образование, прирачници и публикации што им помагаат на наставниците да работат со чувствителни теми (повеќе за ова на овој линк).

Преку соработка со експерти и организации од регионот, особено од земјите со слично историско искуство, се гради поширока мрежа на знаење и поддршка.

Ако се постави прашањето „што навистина е постигнато“, одговорот не е само во бројките.

– Треба да се работи со цел да се подигне свесноста за мирот. Нема да се откажеме од нешто во кое веруваме, а во исто време ќе ги негуваме вредностите кои се потпираат на дијалог и комуникација, кои може да дадат само позитивни резултати – вели наставникот Исни Алији.

Раст на иницијатива до програма заслужна за системски промени

По деценија и половина години посветена работа, ПМО влегува во својата најзрела фаза – кога искуството, резултатите и научените лекции се претвораат во јасна визија за иднината. Целта повеќе не е создавање изолирани „острови на мирот“ во одделни училишта, туку градење систем во кој мировното образование ќе стане суштински дел од образовната политика.

Еден од најважните чекори во оваа фаза е формирањето национална мрежа на мировни училишта – функционална платформа за соработка, размена и заедничко учење. Кога една иницијатива ќе прерасне во движење, а движењето во мрежа, тогаш веќе станува основа за системска промена. Токму таму, на пресекот меѓу визијата и практиката, се наоѓа следното поглавје на мировното образование во Македонија.

Наставниците како архитекти на мирот

Во срцето на процесот се мировните работници од МЕЃАШИ наставниците кои поминале обуки и кои секојдневно го носат овој пристап во училниците, стручните лица кои ја следат неговата психолошка димензија, и младите, кои биле дел од овие часови.

Наставничката Грозданка Саздова, вели дека дефинитивно, мирот се учи:

– Мирот е вистинскиот избор, од срце! Понекогаш се чувствуваат поделби меѓу некои ученици, но, интерактивните работилници нè подготвија со добри практики за надминување на најразлични бариери. Иднината, со вакви негувани вредности меѓу младите, може да биде само полна со љубов кон другите луѓе, и љубов кон науката, која ќе создаде поквалитетен живот – вели Саздова.

Наставничката Вилдан Даут споделува дека да се избере мирот е свесна и храбра одлука. Овој чекор подразбира да се задржи критичка дистанца, да се слушне другиот и да се бара решение што не повредува, туку поврзува.

– Мирот денес значи да не одговараме импулсивно со навреди или агресија, да се стремиме кон дијалог наместо конфронтација, да ги препознаваме и менуваме сопствените предрасуди. Мирот е вештина, став што се развива преку образование и искуство – вели таа.

Преку мировното образование, учениците учат како да комуницираат асертивно, да ги разбираат различностите како вредност, а не како закана, да размислуваат критички и одговорно.

– Кога овие компетенции се негуваат од најрана возраст, мирот престанува да биде апстрактен идеал и станува секојдневна практика. Токму затоа, изборот на мир не е слабост туку зрелост, одговорност и активна грижа за заедницата – вели Даут.

Таа потенцира дека, во таква иднина, конфликтите ќе се решаваат на конструктивен и ненасилен начин.

– Ќе имаме поодговорни граѓани, посилни заедници и институции што се градат врз доверба, а не врз страв и поделби – додава Даут и споделува дека инвестирањето во овие вештини е инвестирање во мирна и одржлива иднина.

И за наставничката Музафера Кофрц, мирот е мост, храброст, поврзување, пауза пред реакција, сослушување.

– Тоа не значи да молчиш, но, претставува избор да не одговориш со гнев, со неправедност, агресија. Сето ова се гради со, некогаш вродени, или со стекнати навики преку едукација и работилници со учениците – вели Музафера.

При реализирање на работилниците, најголемо задоволство за неа е, додава, кога ќе ја прашаат кога ќе се продолжи пак да се работи на истата тема, и кога ќе побараат нови ученици да бидат вклучени во процесот.

Променетиот начин на размислување е трајна вредност од мировното образование

Поранешниот ученик кој посетувал часови за мировно образование, Стојан Стојчевски, се потсетува на ситуација кога негов соученик бил жртва на булинг, но, благодарение на наученото, не останал тивок.

– Пред да бидам дел од програмата за мировно образование, полесно беше да останам тивок и да се дистанцирам. Но, преку програмата научив дека, како дел од заедницата, имам одговорност да реагирам. Одбив да бидам пасивен набљудувач и застанав на страната на тоа што е исправно. Научив дека молчењето често го одржува проблемот, а дури и мала реакција може да го смени текот на ситуацијата – споделува тој.

Стојчевски сведочи дека промената на неговиот начин на размислување била трајната вредност што ја добил. Но, и не само тоа.

– Форум театарот беше техника преку која имав можност да бидам „во чевлите“ на другиот и свесноста за туѓите постапки да ја преточам во информации за тоа што стои зад нивното однесување. Со време, од техника ова прераснува во начин на размислувањ. Денес, дури и кога не се согласувам со некого, прво се обидувам да разберам, па потоа да реагирам -вели тој.

Со вештините за ненасилна комуникација против врсничкото насилство

Конфликтите се дел од животот. Во училишниот контекст се секојдневие. Но, што се случува кога дете учи да препознае и именува конфликт, наместо да реагира импулсивно? Психологинката Ана Попризова вели дека од исклучително значење е како училиштето ќе се справува со конфликтите.

–  Преку содржините за препознавање на конфликтот, детето има можност да развива ставови и вредности кои ќе поттикнуваат конструктивно разрешување на конфликти и соодветно саморегулирање на сопствените емоции – вели Попризова.

Ова, вели таа, придонесува за развој на здрави и активни индивидуи, како и за намалување на врсничкото насилство.

Но, и не само тоа. Бидејќи содржините од ПМО се темелат врз принципите на интерактивност и партиципативност, каде учениците го кокреираат процесот на учење во хоризонтален однос со наставникот, преку поттикнување на љубопитноста за учење низ секојдневни животни искуства, тие се и солидна основа за превентивно делување за намалување на насилството во училиште.

– Програмата е вредносно ориентирана кон еднаквост на сите човечки суштества, грижа за слабите и почитување на достоинството на секое живо суштество, градење култура на мир каде фрустрациите и недоразбирањата се решаваат/се трансформираат на начини кои не ги навредуваат/повредуваат другите суштества -вели Попризова.

Додава дека поради ова, програмата за Мировно образование може да биде основа за градење на култура за мир и толеранција во училишната средина.

– Со ова би се намалило насилството и би се работело на градење на здрави личности кои ќе имаат вештини и капацитети за справување со анксиозност, депресивност и социјална изолација – потенцира таа.

Меѓаши лого - Програма за мировно образование

Поврзана вест

Прва детска амбасада во светот „Меѓаши“ одбележува јубилеј – 34 години борба за детски права, мир и поддршка за децата


Пишува: Анета Ристеска
Фотографии: Архива на Детската амбасада МЕЃАШИ