Доза вести

Отворен повик за 5 млади амбасадорки за дигитална безбедност: зајакнување на жените во сајбер просторот

Повик до млади сајбер амбасадорки

Програма за млади жени oд 18 до 30 години нуди обуки, менторство и лидерски вештини за борба против онлајн родово базирано насилство и за унапредување на дигиталната безбедност

Отворен е повик за пет млади амбасадорки за дигитална безбедност во рамки на иницијативата „Women’s Digital Risk Map and Youth Cyber Ambassadors for Safe Digital Democracy“, чија цел е да се зајакне улогата на младите жени во борбата против онлајн родово базирано насилство и унапредување на дигиталната безбедност во заедницата.

– Целта на програмата е младите жени да станат активни носителки на промена и да придонесат кон побезбеден, поинклузивен и поодговорен дигитален простор – велат организаторите, организацијата „Вимен фор сајбер“

Повикот е отворен до 10 јуни 2026 година, а програмата е наменета за млади жени од нашата држава, со посебен фокус на вклучување на девојки од различни региони и ранливи заедници. Не се бара претходно техничко знаење од областа на ИТ или сајбер безбедност, туку мотивација, интерес за општествени промени и желба за учење.

Обука, менторство и работа со заедницата

Избраните млади амбасадорки ќе поминат низ специјализирана програма која вклучува 2–3 обуки (онлајн и хибридни) посветени на дигитална хигиена, заштита на приватност, препознавање на онлајн родово базирано насилство и безбедно користење на дигитални платформи.

Покрај обуките, секоја учесничка ќе добие менторска поддршка за да организира најмалку пет врснички едукативни сесии во својата универзитетска средина, локална заедница или мрежа. Овие активности имаат за цел да го зголемат знаењето за дигитални ризици и да поттикнат побезбедно онлајн однесување меѓу младите.

Програмата вклучува и учество во завршна кампања за јавна свест, како и придонес во развојот на „Дигиталната мапа на ризици за жени“, прва ваква алатка насочена кон мапирање и разбирање на онлајн заканите со кои се соочуваат жените.

Кој може да се пријави?

Повикот е отворен за млади жени од земјава, кои се на возраст од 18 до 30 години: студентки, млади професионалки, активистки, новинарки и креаторки на содржини. Се охрабруваат пријави од жени од сите региони, како и од припаднички на ранливи и маргинализирани заедници.

Клучни критериуми се силна мотивација за родова еднаквост, човекови права и дигитална безбедност, како и подготвеност за активно учество во сите фази на програмата.

Што добиваат учесничките?

Избраните амбасадорки ќе добијат специјализирана едукација, сертификат за учество, Digital Safety Toolkit, како и поврзување со мрежи од областа на сајбер безбедност и граѓански активизам. Програмата нуди и развој на лидерски вештини, дигитална писменост и можност за директно влијание во заедницата.

Како да се аплицира?

Апликацијата треба да содржи CV и кратко мотивациско писмо (до 300 зборови) или видео до една минута, со одговор на прашањето: „Зошто сакам да бидам Млада амбасадорка за дигитална безбедност и како можам да им помогнам на девојките во мојата средина да бидат побезбедни онлајн?“

Пријавите се испраќаат на: [email protected], со назнака „Апликација за Млада Амбасадорка за Дигитална Безбедност“. Рокот за пријавување е 10 јуни 2026 година.
Сите информации се на овој линк.