Генерација Z, Доза вести

Како младите во Струга учат дека бизнисот може да создава и општествена промена?

Млади од Нико Нестор Струга

Ученици од СОУ „Нико Нестор“ од Струга, преку проектот „Craft to Impact“ се запознаа со социјалното претприемништво и можностите за развој на одржливи бизнис-идеи што решаваат реални проблеми во заедницата.

Дали бизнисот може истовремено да носи профит и да решава општествени проблеми? Сè повеќе млади луѓе почнуваат да размислуваат токму во оваа насока – како преку сопствени идеи да создадат успешни приказни што ќе имаат позитивно влијание врз заедницата?

Токму на оваа тема беше посветено еднодневното предавање со учениците од СОУ „Нико Нестор“, реализирано во рамките на проектот „Craft to Impact“. Преку интерактивна работа, дискусии и практични примери, учениците се запознаа со концептот на социјално претприемништво и можностите за развој на одржливи и општествено одговорни бизнис-идеи.

Во време кога младите често се мотивираат успехот да го поврзуваат исклучиво со профит, ваквите активности отвораат простор и за разговор за општествената одговорност. Социјалното претприемништво ги охрабрува младите да размислуваат како преку бизнис може да се придонесе кон решавање конкретни проблеми во општеството – како сиромаштија, невработеност, загадување или социјална исклученост.

Преку предавањето, учениците имаа можност да размислуваат креативно, да препознаваат предизвици во својата средина и да бараат иновативни решенија што создаваат и економска и општествена вредност. Организаторите посочуваат дека ваквите активности придонесуваат за развој на претприемачки дух, критичко размислување и поголема свест кај младите дека успехот има пошироко значење кога со него се создава позитивна промена и за другите.

Настанот поттикна и дискусија за важноста на солидарноста, емпатијата и активното учество на младите во градењето подобра и поодржлива заедница. На тој начин, младите не се охрабруваат само да станат идни претприемачи, туку и активни граѓани кои преку своите идеи можат да придонесат кон општествени промени.

Активноста е дел од проектот „RAISE CSOs – Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемништво за младите преку градење капацитети на локални граѓански организации во Северна Македонија“, имплементиран од Младински Сојуз – Крушево во соработка со Центар за истражувања и анализи „НОВУС“ и Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“, со поддршка на Европска Унија преку ИПА програмата за граѓанско општество 2022-2023.