Над 200 млади усвоија Декларација за инклузивно владеење и градење мир на форумот „Тука сме за да останеме!“
Националниот младински форум „Тука сме за да останеме!“ во Скопје обедини над 200 млади, институции и организации, кои преку заедничка декларација побараа поголемо младинско учество, функционални институции и услови за достоинствен живот во Македонија.
Над 200 млади од различни градови, заедници и организации усвоија Младинска декларација за инклузивно владеење и градење мир на Националниот младински форум „Тука сме за да останеме!“, кој се одржа минатава недела во Скопје. Испраќајќи силна порака дека младите бараат реално учество во носењето одлуки, функционални институции и услови за достоинствен живот и иднина во Северна Македонија.
Форумот се одржа во Ботаничката градина при Природно-математичкиот факултет во Скопје и обедини млади луѓе, институции, локални самоуправи, граѓански организации и меѓународни партнери во заедничка дискусија за младинските политики, довербата во институциите и можностите за останување и развој во државата.
Во усвоената декларација, младите повикуваат на функционални локални младински совети, вистинско учество во носењето одлуки, безбедни и достапни младински простори, поголема поддршка за менталното здравје, културата и креативноста, како и поголема институционална отчетност и доверба.
Документот претставува заеднички повик за посилна имплементација на Законот за младинско учество и младински политики, но и за системски промени што ќе овозможат младите да бидат препознаени како рамноправни партнери, а не само формално консултирани чинители.
Во декларацијата се истакнува дека мирот и социјалната кохезија не се апстрактни концепти, туку секојдневна одговорност што се гради во училиштата, локалните заедници, младинските простори и јавниот живот. Младите бараат и повеќе инвестиции во културата, медиумската писменост, претприемништвото и локалните можности за развој.

– Нашата генерација не смее да биде само сведок на состојбите, туку мора да биде дел од нивното менување. Останувањето има смисла само ако значи учество, одговорност и борба за подобро општество – порача Борјан Ефтимов од зоната „Youth Power Lab“.
Во рамки на форумот беа отворени и прашањата за јавниот превоз, животната средина, културата, креативните простори и претприемништвото. Модераторите и учесниците порачаа дека младите не можат да градат иднина ако секојдневно се соочуваат со системски бариери, недоверба и недостиг на поддршка.
– Младите се движечка сила на секоја промена и затоа е важно да бидат информирани, едуцирани и активно вклучени во општествените процеси. Зелената зона покажа колку е потребна граѓанска едукација која им ја враќа моќта на младите да учествуваат и да бараат промени. Воедно, важно е да ја надминеме воздржаноста кај младите за јавно ангажирање и да ги охрабриме гласно да се борат за своите основни права – чист воздух, вода и здрава животна средина, изјави Анастасија Павловска, модераторка на зоната „Green Voices Corner“.

Форумот беше организиран од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во партнерство со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, и со поддршка на RYCO – Регионалната канцеларија за младинска соработка.
Текстот на Декларацијата е достапен на овој линк.
Повеќе за форумот на овој линк.
Фотографии: ХЕРА
- Отворен повик за 5 млади амбасадорки за дигитална безбедност: зајакнување на жените во сајбер просторот
- Дејан Дуковски: Фестивалот „Војдан Чернодрински“ има многу важна улога за мене како автор
- Скопје домаќин на национална конференција за социјално претприемништво: фокус на политики, партнерства и локален развој
- Ден посветен на Дејан Дуковски на „Војдан Чернодрински“: Изложба, промоција на драми и разговор со авторот
- Отворен 60. МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот живее додека има сцена, публика и приказни