Граѓаните можат, Лице в лице интервју

Младите не се апатични: илјадници волонтери во Македонија создаваат реални промени

Младите - интервју со Александра Ристовски

Програма за младинско волонтерство на Црвениот крст покажува дека младите се активни двигатели на промени, со илјадници вклучени учесници, стотици проекти и реално влијание во заедниците. Разговараме со националната координаторка на програмата, Александра Ристовски, за тоа какво влијание имаат млади вклучени во ЦКА-ПХВ.

Емпатијата и солидарноста се потребни повеќе од кога било. Неодамна, беше промивирана монографијата „Три децении човечност“, која е за програмата „Црвен крст во Акција – Промоција на хумани вредности“ (ЦКА-ПХВ), која пак, е еден од столбовите на младинскиот активизам и волонтерство во Македонија. Она што започна во 1996 година како иницијатива за поддршка на мирот и дијалогот, денес е препознатлив „домашен производ“, кој секоја година трансформира околу 1200 млади луѓе во активни граѓани и хуманитарци.

Преку специфичен модел на обука, овие млади ентузијасти на возраст од 13 до 17 години, учат како да ги препознаат потребите во своите заедници и како тие потреби да ги преточат во конкретни проекти кои менуваат животи. Од препознавање на социјалните предизвици, па сè до реализација на над 130 мали проекти годишно, ЦКА-ПХВ е школа за живот каде што се негуваат толеранцијата, меѓуетничкото разбирање и културата на дијалог. Најдобрите меѓу нив се закитуваат со престижниот ПХВ-пехар, но вистинската победа лежи во илјадниците насмевки на оние на кои им е помогнато и во армијата нови волонтери кои остануваат во редовите на Црвениот Крст.

За влијанието на оваа програма низ годиниве, разговараме со националната координаторка, Александра Ристовски, со која ги откриваме предизвиците на теренот и зборуваме за тоа како малите проекти прават големи промени во нашето општество.

Ако ја споредиме првата генерација ПХВ волонтери од крајот на 1990-тите со денешната „Gen Z“ генерација, кои се клучните разлики во нивниот пристап кон активизмот?

– Волонтерите од 90-тите најчесто беа дел од долгорочни програми, со силна лојалност кон една организација и јасна посветеност на постепено градење промени. Нивниот активизам се темелеше на трпение, континуитет и директна работа на терен. Денешната „Gen Z“ генерација функционира поинаку. Тие се динамични, брзо се мобилизираат и реагираат веднаш кога ќе препознаат проблем. Сепак, нивниот ангажман почесто е краткорочен и фокусиран на конкретни иницијативи.
Разликата е особено видлива и во комуникацијата. Во 1990-тите, активизмот зависеше од состаноци во живо, телефонски повици и печатени материјали. Денес, младите користат социјални мрежи, онлајн состаноци и дигитални кампањи, што овозможува побрзо ширење на пораките, но понекогаш и пократок фокус.
Исто така, додека претходните генерации беа навикнати на бавни, постепени промени, „Gen Z“ очекува побрзи резултати и покажува поголема нетрпеливост кога ефектите не се веднаш видливи. Тоа носи и предности како поголем притисок за реакција и побрза мобилизација. Сумирано, не станува збор за тоа која генерација е „подобра“, туку за различен контекст. Волонтерите од 1990-тите поставија темели во услови со ограничени ресурси, додека денешната генерација има алатки за масовна мобилизација и глобално влијание, но и предизвик да одржи континуитет и длабочина.

Како се менуваше методологијата на програмата низ годините за да остане релевантна во дигиталната ера, а сепак да го задржи директниот контакт со луѓето на кои им е потребна помош?

– ПХВ програмата веќе три децении континуирано се развива, прилагодувајќи ги пристапите, активностите и обуките на општествениот контекст. Сепак, нејзината суштина останува непроменета – директна помош и поддршка на луѓето на кои тоа најмногу им е потребно како и промоција на мир, толеранција и соживот.

За нас, клучот е во младите. Тие се оние кои ги детектираат потребите во заедницата и креираат мали, но значајни проекти. Особено важен е процесот на проценка. Тимски одлучуваат кому и на кој начин ќе му помогнат, како ќе ги распределат задачите и како да ја задржат мотивацијата во групата.

Денес младите се сè повеќе изложени и препознаени преку социјалните мрежи, но и во својата локална заедница. Со текот на времето, во дигиталната ера, ова станува сè поизразено. Токму чувството дека се препознатливи и уважени во својот град е дополнителна мотивација за нив да се вклучат, да придонесуваат и да се докажуваат. Но сепак, и покрај дигитализацијата, човечкиот контакт останува во сржта на програмата. Технологијата е алатка, но емпатијата и непосредната работа со луѓето се она што ја прави разликата.

Имате ли податок за тоа колкава е вкупната вредност (материјална и социјална) на помошта што младите сами ја обезбедиле низ децениите?

– Во изминатите 20 години моделот се применува со конзистентност и дава импресивни резултати. На годишно ниво се вклучуваат околу 1.200 млади кои реализираат мали проекти во заедницата. Вкупно, досега се обучени 20.854 млади, кои реализирале 2.709 проекти и помогнале на 61.574 лица. Зад овие бројки стојат 499.469 волонтерски часови време, енергија и посветеност вложени од младите. Дополнително, тие успеале да мобилизираат 457.382 евра, обезбедени од поединци, компании и институции, средства кои директно се враќаат во заедницата.
Но, вистинската вредност не е само во бројките, туку во довербата што се гради, во солидарноста што се поттикнува и во промените што остануваат, како лични на секој младинец така и во заедницата.

Како се мери „променет живот“ во рамките на ПХВ – и за корисникот, и за самиот волонтер?

– По обуките, младите имаат два месеци да креираат и реализираат мал проект, сите под заедничката тема „Промоција на различности“. Проектите се поделени во две главни области. Првата е акција во заедница, која опфаќа хуманитарни активности, поддршка на институции и еколошки иницијативи од обезбедување основни средства за семејства во ризик до реконструкција на центри и уредување јавни простори. Втората е интеркултурна акција, насочена кон градење соживот, толеранција и меѓусебно разбирање преку едукации, настани и културна размена. За корисниците, промената често значи олеснување на секојдневието, а понекогаш и целосно решавање на конкретен проблем. Но за волонтерите, промената е подлабока. Тие учат како да соработуваат, да носат одлуки, да помагаат и да бидат активни граѓани и двигатели. Често слушаме и од родителите, за нив е важно што нивните деца растат во безбедна средина каде учат емпатија, солидарност и одговорност.

Колку ПХВ искуството го гради карактерот и етичкиот компас на еден млад човек?

– Промените кај младите се видливи веднаш преку тимска работа, чувство на припадност, хуманост и солидарност. Но уште поважни се долгорочните ефекти. Преку волонтирањето и преку изработка на еден мал проект, тие учат големи животни лекции – како да не се откажат, како да работат како тим, како да комуницираат, какао да се слушаат и меѓусебно почитуваат, да презентираат и да поврзат теорија со пракса како и формалното и неформалното образование. Хуманоста станува дел од нивниот карактер. Многумина продолжуваат со волонтерство и во своите професионални средини, иницирајќи позитивни промени. Нивните сведоштва најдобро зборуваат, ова искуство не само што ги оформува како активни граѓани, туку и како подобри луѓе.

Што се случува кога една акција нема да успее како што било планирано?

– Во рамките на програмата постои силен систем на поддршка од локалните тимови, преку инструкторите, до менторите. Уште од самиот почеток младите учат како правилно да направат проценка на потребите на корисниците, да ги разберат потребите и да постават реални цели. Затоа, ретко се случува целосен неуспех. Но, кога проектот ќе треба да промени правец, тоа се гледа како дел од процесот на учење. Најважната лекција што ја носат младите е издржливоста, да не се откажат, туку да продолжат, да се прилагодат и да стигнат до својата цел. И токму во тие моменти се гради вистинскиот карактер.

Ако монографијата е учебник, која е најважната лекција што треба да ја научи еден нов инструктор кој денес почнува со работа?

– Најважната лекција што треба да ја научи еден нов инструктор е дека работата не е индивидуален напор, туку дел од заеднички систем во кој сите имаат улога и влијание. Успехот зависи од соработката, меѓусебната поддршка и подготвеноста секој да учи од другите без разлика на возраст, искуство или образование. И самата монографија е напишана од неколку автори, самите ПХВ инструктори, но и со поддршка на целиот ПХВ тим на инструктори, што повторно ја покажува силната страна на тимот.

Исто така, важно е да се разбере дека добрите резултати не доаѓаат брзо. Потребни се време, посветеност и лојалност за да се изградат квалитетни процеси и односи. Наместо да се очекуваат брзи резултати, треба активно да се создаваат услови за успешна работа.

Новите инструктори треба да гледаат на себе не само како изведувачи, туку и како поддршка и стабилен столб за другите, особено за новите членови, дисеминатори и младите кои се дел од целиот ПХВ процес.

Како ПХВ ги спојува младите со старите (на пример, акции во домови за стари лица)? Колку таа конекција е клучна за здраво општество?

– И во нашиот тим има лица кои се повозрасни, дури и на возраст од 77 години. Вратата никогаш не е затворена за никого, напротив. Секогаш се обидуваме да најдеме модел, простор и начин како да ги вклучиме лицата во третото доба, кои носат огромно искуство, знаење и мудрост. Тоа што го живееме во тимот, се пренесува и на терен.

Многу млади реализираат проекти насочени кон лицата во третото доба, како поддршка за оние што живеат сами, немаат семејство, или преку активности во дневни центри и домови за стари лица. Ова е навистина силна животна лекција за секој млад човек: како да биде трпелив, како да слуша и како да покаже почит кон животот и искуството.

Оваа конекција е клучна за здраво општество, затоа што сите ние се движиме по истиот пат. Колку порано научиме како да се однесуваме со грижа, разбирање и достоинство, толку полесен и похуман ќе биде нашиот сопствен пат.

Во време на инфлуенсери и дигитална слава, колку е тешко да се мотивира еден млад човек да работи на терен, често во тешки услови, без филтри и камери?

– Младите денес живеат брзо и се постојано изложени на различни влијанија. Од сите страни им се нудат многу избори, до точка кога често не знаат што навистина сакаат. Во таа конфузија, понекогаш носат и погрешни одлуки. Голем дел од времето го поминуваат на интернет и социјални мрежи, што ги исцрпува и им ја намалува енергијата.

Дополнително, не сите инфлуенсери нудат позитивни вредности. Дел од нив промовираат нереални очекувања и лесен успех, што може да создаде погрешна слика кај младите за тоа што значи вистински труд и посветеност. Наместо да ги поттикнува на развој, ова влијание често ги задржува во една „комфорна зона“, каде што не создаваат вредност и го губат времето.

Поради тоа, нивната подготвеност за теренска работа и физичка и психичка е намалена. Недостасува мотивација, бидејќи технологијата често управува со нив, наместо тие да управуваат со неа.

Сепак, постои и друга страна. Со квалитетна педагогија и со активни, посветени луѓе во општеството, можно е да се допре до младите. Преку јасен систем, добра методологија и искрена желба, тие можат да се пронајдат и да им се отвори простор за личен развој и ангажман. Токму тоа е суштината на ПХВ програмата, да им помогне да станат најдобра верзија од самите себеси, но и да бидат позитивен пример за другите.

Што би им порачале на оние кои мислат дека младите денес се апатични и незаинтересирани за општествени промени?

– Ние имаме навистина прекрасно искуство со младите. Тие се вредни, искрени, иновативни и посветени и искрено сакаат да ги променат и подобрат нештата околу себе. Но, многу е важно да се стават во соодветен формат, да имаат насока и поддршка. Во нашиот случај, тоа е дисеминатор – личност која ги води, мотивира и инспирира со сопствен позитивен пример.

Потребно е да им се покаже пат по кој можат да го развијат и реализираат својот целосен потенцијал. Уште поважно, треба да ги слушаме, навистина да ги слушаме за да ги препознаеме нивните идеи и визии. Младите сакаат да бидат видени и вреднувани, па затоа е важно да се почитуваат и да се пофали нивниот труд.

Воедно, треба да ги охрабриме да не се обесхрабруваат од коментари или пречки, туку да гледаат на волонтирањето како на вредност што ја градат во себе и ја даваат на другите. Да продолжат да бидат светло за оние на кои тоа светло им згаснало, затоа што токму во таа улога лежи нивната вистинска сила и значење.

И можеби најважното: младите не се апатични, тие само бараат смисла, простор и вистинска поддршка. Кога ќе го добијат тоа, нивната енергија добива смисла за каде навистина треба да ја трошат.

Која е вашата визија за следните 25 години?

– Продолжуваме со истата енергија и посветеност. Денес, програмата се потпира на мрежа од 30 искусни ПХВ инструктори-волонтери кои несебично го вложуваат своето време, знаење и искуство за добробит на нашата заедница. Секоја година обучуваме околу 40 дисеминатори, кои пак работат со групи од млади во своите заедници. Воведовме и менторски систем, кој дополнително ја зајакнува поддршката во процесот. Нашата цел е да продолжиме да привлекуваме нови волонтери, да ја обновуваме енергијата и да го надградуваме моделот кој веќе докажано функционира. Во свет кој станува сè подигитален и поизолиран, нашата мисија останува иста – да градиме заедници базирани на хуманост, солидарност и човечки контакт.

Пишува: Ана Ристевска
Фотографии: Црвен крст на град Скопје