Платформата против сиромаштија бара итна акција за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост
Македонската платформа против сиромаштијата бара од Владата системски мерки за поддршка на децата, семејствата, работниците и постарите лица, како и политики што ќе го штитат човековото достоинство.
Речиси 22% од граѓаните во земјава живеат под линијата на сиромаштија, а 29,5% од децата се соочуваат со сиромаштија. Овие податоци ги сподели Македонската платформа против сиромаштија (МППС), која упати отвореното писмо до Владата по повод 17 октомври – Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата. Платформата бара итно донесување сеопфатна Национална стратегија против сиромаштијата и отворање широк и инклузивен дијалог за политики што ќе обезбедат достоинствени услови за живот.
Според податоците наведени во писмото, 38% од децата се наоѓаат во состојба на повеќедимензионална сиромаштија и живеат во услови што можат да го загрозат нивното здравје, учење, безбедност и развој. Воедно, само 19% од домаќинствата со деца добиваат детски и семејни додатоци, наспроти 88% во Европската Унија. МППС посочува и дека осочува дека најпогодени се децата во многудетните семејства, децата на самохраните родители и децата од ромските семејства.
Ограничени услуги за грижа, дополнителен товар за жените
Сиромаштијата е поврзана и со ограничениот пристап до услугите за грижа за деца и стари лица, наведува МППС во писмото. Во градинка одат 45,5% од децата на возраст од три до шест години, додека кај децата Роми стапката изнесува 17%. Во писмото се наведува дека стапката во Европската Унија е 95%.
Недостигот од услуги за грижа особено ги погодува жените, кои извршуваат 72,5% од неплатената домашна работа и грижата за децата, старите и изнемоштени лица. Според МППС, ова ја ограничува нивната економска независност и придонесува повеќе од половина од жените во земјата да бидат неактивни на пазарот на труд.
Платформата оценува дека сиромаштијата во земјата останува долготраен, структурен и системски проблем, додека социјалната заштита е под сè поголем притисок. Како дополнителен проблем го посочува недостигот од стратегија уште од 2020 година и префрлањето на одговорноста меѓу централната и локалната власт, што, според организациите потписнички, остава граѓани без соодветна системска поддршка.
Што бара МППС од Владата?
Во отвореното писмо, Македонската платформа против сиромаштијата бара итни и координирани мерки во шест области:
Детска сиромаштија: спроведување на Европската гаранција за децата, воведување универзален детски додаток и мерки за превенција на детската сиромаштија.
Домување: вклучување на домувањето во социјалните политики, превенција на бездомништвото, достапно домување за младите и заштита од нереални цени и незаконски практики.
Грижа и социјални услуги: поголем пристап до градинки, услуги за деца со попречност и услуги за грижа и нега на постари лица.
Работнички права: намалување на сиромаштијата меѓу вработените преку доследна примена на механизмите за заштита и надзор врз работничките права.
Здравство: усвојување политики за намалување на плаќањата од џеб што ги прават граѓаните за здравствени услуги.
Стареење и пензионирање: соодветни пензии, флексибилни патеки за пензионирање, поддршка за активно стареење и пристап до квалитетни услуги за нега и социјална инклузија.
Бараат политики што ќе го прекинат пренесувањето на сиромаштијата
МППС бара донесување сеопфатна Национална стратегија против сиромаштијата, по примерот на европските цели за нејзино искоренување. Според платформата, потребна е стратешка рамка што ќе ги следи различните димензии на сиромаштијата во текот на животот и ќе обезбеди поддршка во клучните премини, од детство кон младост, од младост кон вработување и од работен век кон пензија.
Во писмото се нагласува дека стратегијата не смее да остане документ без буџет и механизми за спроведување. Платформата бара таа да биде усвоена преку инклузивен и транспарентен процес, со учество на граѓанските организации и механизми за следење на реализацијата.
Организациите потписнички, заедно со луѓето што имаат непосредно искуство со сиромаштијата и социјалната исклученост, нудат да го споделат своето знаење и искуство во креирањето на политиките.
„Кога се соочуваме со сиромаштијата, солидарноста е отпор!“, порачува МППС во отвореното писмо, повикувајќи ги институциите да преземат одговорност за заштитата на правата, обезбедувањето соодветна социјална заштита и зачувувањето на достоинството на сите граѓани.
Отвореното писмо е потпишано од Македонската платформа против сиромаштијата, што претставува сојуз на здруженија на граѓани со повеќе од 50 членови, заедно со мрежи, коалиции и организации од граѓанскиот сектор.
- „Ниту една повеќе!“ повикува на протест против фемицидите и институционалното насилство
- Александар Видиновски: „На местото на настанот“ потсетува дека најтешките битки не се водат на фронтовите, туку во време на мир
- Македонскиот паметен систем Динг.мк освои регионална награда на натпревар за зелени бизниси
- Од раскази до црно-бели светови: „Обичи и необични“ приказни патуваат во Кина
- „Робиња сам твоја“: Кога контролата ја нарекуваме љубов, а жени што пријавуваат, не добиваат заштита од насилство