Јубилеен 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп: „Мачкина глава“ го отвора, „Црно злато“ го затвора фестивалот
Најголемиот македонски театарски фестивал, со 10 претстави во официјална и 4 во придружна програма, четворица добитници за животно дело, ја носи темата за кризата на човекот и општеството.
Фестивалот што повеќе од половина век ја дефинира македонската театарска сцена годинава пристигнува со јубилејно, 60. издание, кое носи силна програма, јасна тематска линија и избрани продукции од домашната и регионалната сцена.
Јубилејното издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи во Прилеп од 5-ти до 12-ти јуни 2026 година, под мотото „Храбриот нов театар“ и со фокус на темата „Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“.
Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Мачкина глава“ во продукција на Драмски театар – Скопје, а ќе биде затворен со гостувањето на Београдско народно позориште и изведбата на „Црно злато“, во режија на Оливер Фрљиќ.
Силна селекција и фокус на Дејан Дуковски
Во официјалната селекција се избрани 10 претстави, додека 4 се дел од придружната програма. Фестивалот годинава носи и нагласен авторски фокус на авторот Дејан Дуковски. Уметничката директорка, Ана Стојаноска истакнува дека изборот бил еден од најпредизвикувачките досега, со 54 изгледани претстави од институционални и независни продукции.
Четворица уметници со награди за животно дело
По одлука на Собранието на фестивалот, годинава четворица уметници добиваат награда за животно дело: актерот Атила Клинче, режисерот Сашо Миленковски, сценографот и основач на Театарот за деца и младинци, Љубомир Чадиковски, и актерот Веби Ќерими.
– По предлог на фамилијата на актерот Кирил Ристоски, Собранието на Фестивалот донесе одлука наградата за главна машка улога од годинава да го носи името на големиот актер, заради неговиот придонес кон македонскиот театар, воопшто – велат организаторите.
Театар со став и критика на општеството

Според Стојаноска, современиот театар мора да има јасен став и критички однос кон реалноста.
-За мене, современиот театар денес треба да има став и коментар на состојбата во која се наоѓаме, треба гласно и јасно да ги детектира аномалиите на општеството и да покажува сериозна професионалност. Од она што го видов на македонските театарски сцени, има одлични примери во независната продукција и ретки исклучоци во институционалната продукција – вели Стојаноска.
Таа додава дека затоа и концептот на ова издание е креиран според темата „кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“.
– Оваа селекција покажува дека има актери кои некако логично доаѓаат до своите претстави и доминираат во нив. Станува збор за неколку избрани актерски креации кои вреди да бидат презентирани.
Стојаноска појаснува и дека, да се направи селекција за 60-годишниот јубилеј е еден од доминантните предизвици на подготовките на овогодишниот фестивал.
– Како театролог, писателка и, пред сè, како вљубеник во театарот, оваа сезона за мене беше една од најпредизвикувачките за селекцијата на претставите – вели Стојаноска во експликацијата на програмата.
Таа сподели дека, од изгледаните 54 претстави во македонските институционални театри и независната продукција, доминирале мал број режисерски имиња и квазикомедии кои, како што кажа Стојаноска, треба да ни покажат дека публиката доаѓа во театар од една причина, како и препрочити на одамна веќе излитени драми.
– Недостига поголем простор за македонската драма, независно дали е современа или не, а особено претстави кои сериозно би ја поставиле македонската драма во современ контекст. Иако на репертоарите на театрите имаше македонски драми, сепак, недостигаше современ ракопис кој треба да покаже како треба да изгледа денешната современа драма кај нас, а истовремено некои од претставите работени според македонските драми не беа на соодветно ниво во однос на актуелниот театарски контекст – вели таа.
Програма на фестивалот
Претстави во официјалната селекција се претставите:
„Амадеус“ од Петер Шефер во режија на Андреј Цветановски, продукција на Турски театар – Скопје.
„Едмонд“ од Дејвид Мамет, во режија на Оливер Мицевски, продукција на Народен театар – Битола
„Ивона принцезата на Бургунд“, од Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска, продукција на Театар Комедија – Скопје
„Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Народен театар – Куманово
„Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Драмски театар – Скопје.
„Носорози“ од Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев, продукција на Албански театар – Скопје
„Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар –Штип
„Страв и надеж“ по мотивите на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје
„Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп
„Челинџ“, автор и режија Јане Спасиќ, Театар за деца и младинци – Скопје
Во придружна програма се избрани претставите (подредени по азбучен ред на насловот на претставата) се:
„Вилицата на Ибен Бајерс“ од Филип Грујиќ во режија на Борис Василевски, продукција на „Штрих“ – Скопје
„Драга Јелена Сергеевна“ од Људмила Разумовскаја, во режија на Шенај Мандак, копродукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје и Македонскиот народен театар – Скопје
„Невиност“ од Деа Лоер, дипломска претстава на класата по актерска игра, под менторство на проф. м-р Зоја Бузалковска и вонр. проф. м-р Александар Степанулески
„Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, театар „Златен елец“
За наградите на фестивалот ќе одлучува жирито во состав: Снежана Конески-Руси, актерка, режисерка, Дарко Лукиќ, театролог, независен театарски научник и автор од Хрватска и Аида Буквиќ, наградувана театарска и филмска режисерка од Хрватска.
Јубилеј со изложби, перформанси и младинска програма
Во рамките на големиот јубилеј, ќе биде посветен ден на Авторот во фокус, Дејан Дуковски, ќе бидат организирани три изложби, од кои едната со фокус на 60 години фестивал ќе биде отворена за време на отворањето. И годинава ќе биде организиран Музеј во движење со фокус на творештвото на актерите Благој Ивчески,
Лидија Иваноска и Трајче Иваноски.
И годинава фестивалот ќе ја организира Детската зона, студентите на ФДУ ќе учествуваат во улични театарски перформанси, ќе бидат организирани промоции.
- Хакатон во Охрид: Млади идеи за зелена и поинклузивна иднина
- Онлајн конференција „Како да креираме општество без бариери?“ отвора дебата за пристапност и инклузивни градови
- КРИК носи „Критичко читање низ филмови“: киното како простор за грижа, сеќавање и политичко промислување
- Продолжено породилно до 12 месеци: помош за мајките или ризик за уште подолга исклученост од пазарот на труд?
- Младите не се апатични: илјадници волонтери во Македонија создаваат реални промени