Скопје домаќин на национална конференција за социјално претприемништво: фокус на политики, партнерства и локален развој
Скопје на 17 јуни 2026 година ќе биде домаќин на национална конференција посветена на социјалното претприемништво, која ќе се одржи во хотел „Александар Палас“, со почеток во 10 часот. Целодненвиот настан претставува значајна платформа за дијалог меѓу институции, граѓански организации, социјални претприемачи, донатори и претставници од приватниот сектор.
Настанот ќе го поттикне развојот на социјалното претприемништво и ќе ја зајакне соработката меѓу различните општествени чинители, со акцент на создавање одржливи локални и регионални политики.
Организаторите посочуваат дека конференцијата има пошироко значење од еднократен настан, бидејќи претставува национален простор за размена на искуства, идеи и политики кои треба да придонесат кон развој на поинклузивно и поодржливо општество. Во дискусиите ќе бидат вклучени претставници од јавните институции, граѓанскиот сектор, академската заедница и бизнис заедницата, со заедничка цел да се унапреди екосистемот за социјални иновации во земјата.
Во текот на конференцијата ќе се отвори прашањето за креирање одржливи јавни политики кои ќе го поддржат развојот на социјалното претприемништво, како и потребата од посилна меѓусекторска соработка. Посебен акцент ќе биде ставен на градењето партнерства меѓу младински организации, социјални претприемачи и донаторски институции, со цел зголемување на општественото влијание на нивните иницијативи.
Дополнително, ќе се дискутира и за улогата на локалните самоуправи и регионалните политики во креирање инклузивни заедници, како и за можностите за финансиска и институционална поддршка на социјалните претпријатија.
Програмата на настанот предвидува три тематски панел-дискусии. Првиот панел ќе биде посветен на креирање одржливи јавни политики и ќе отвори дискусија за регулативите и стратешките насоки кои се потребни за развој на социјалното претприемништво. Во него ќе учествуваат експерти од областа на социјалните иновации и граѓанскиот сектор, меѓу кои Ирена Ѓоргиевска, Маја Раванска и Никица Кусиникова, кои ќе споделат искуства и препораки за унапредување на институционалната рамка.
Вториот панел ќе се фокусира на меѓусекторската соработка и градењето партнерства, при што ќе се анализира како поврзувањето на различни актери може да доведе до поголемо општествено влијание. Во оваа сесија ќе учествуваат Ивона Трајановска, Ирина Јаневска, Владимир Ѓорѓевски и Ирина Тошева, кои ќе дискутираат за модели на соработка и можности за креирање посилни мрежи на социјални иноватори.
Третиот панел ќе ја отвори темата за локалните и регионалните политики и нивната улога во градењето инклузивни заедници. Во оваа дискусија ќе учествуваат професорот Стојан Дебарлиев, Сузана Трајковска Кочанковска и Илија Вучков, кои ќе се осврнат на улогата на општините, финансиските механизми и јавните политики што можат да го поттикнат развојот на социјалните претпријатија.
По завршувањето на панелите, конференцијата ќе продолжи со отворена дискусија и заедничко формулирање заклучоци и препораки, кои ќе бидат насочени кон понатамошен развој на социјалното претприемништво во Северна Македонија. Завршниот дел ќе биде посветен на неформално вмрежување, каде учесниците ќе имаат можност за дополнителни разговори и воспоставување нови соработки.
Организаторите нагласуваат дека учеството на сите засегнати страни е клучно за квалитетот на дискусијата и за креирање политики кои навистина ќе одговорат на потребите на заедницата.
Заинтересираните може да го потврдат своето присуство најдоцна до 15 јуни 2026 година, а заинтересираните можат да се пријават на овој линк.
Објавата е дел од проектот „RAISE CSOs – Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемништво за младите преку градење капацитети на локални граѓански организации во Северна Македонија“, имплементиран од Младински Сојуз – Крушево во соработка со Центар за истражувања и анализи „НОВУС“ и Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“, со поддршка на Европска Унија преку ИПА програмата за граѓанско општество 2022-2023.
- Што ги движи протестите и зошто општествените движења не се само левичарски каузи?
- Патувачкото кино на „МакеДокс“ повторно тргнува низ Македонија: Бесплатни проекции во шест места
- Историски успех: „Приказната за Силјан“ е првиот македонски филм номиниран за наградите „Еми“
- „Зрно“ 2026 ги претставува избраните автори од меѓународниот отворен повик
- Книгите не можеме да ги вратиме, но можеме да помогнеме „Антолог“ да создава нови