Највредните искуства не се мерат со пари: моето лето како волонтерка во „Лице в лице“
На 17 години, Леа го минува летото како волонтерка во „Лице в лице“. Во оваа лична приказна пишува за изборите што не носат брза заработка, но оставаат трајна промена во начинот на кој го гледаме светот – приказни, нови перспективи и сознанието дека општествените промени почнуваат многу порано отколку што мислиме.
Што би избрале ако имате едно цело лето пред вас: работа во кафуле каде што ќе заработите сигурна дневница и џепарлак за излегување, или време вложено во нешто што нема веднаш да ви донесе пари, но може засекогаш да ви го промени начинот на кој го гледате светот?
Денес, најголемиот дел од моите врсници летото го гледаат како можност да заработат што повеќе пари за џепарлак, што е сосема разбирливо. Јас имав поинаква намера. Мојата најголема инспирација за поразличен чекор дојде од дома.
Израснав со родители кои се новинари и кои целиот свој живот го поминуваат во редакции. Научив колку е важно да се разбере приказната зад секој човек. Гледајќи ги нив, научив дека зад секоја тивка или заборавена суштина во општеството, стои приказна што заслужува да биде слушната. Ме научија дека, да слушаш со разбирање, е чин на почит. Ме научија и дека, да му дадам глас на нечиј неприметен свет, е можеби најважното нешто што можам да го направам.
Идејата за овој конкретен чекор дојде токму од мајка ми, која ми го предложи волонтирањето во „Лице в лице“. Кога им ја споменав оваа можност на моите другари, реакциите беа исполнети со зачуденост:
„Зошто би работела нешто за без пари кога можеш да извадиш дневница?“, ме прашаа.
Во свет каде што успехот на летото најчесто се мери според тоа колку пари имаш во џебот за излегување, мојот избор за нив звучеше нелогично. Јас пак, знаев дека барав искуство што не се купува.
На 17 години, одеднаш пред мене се отвори цело лето исполнето со толку многу слободно време. Сфатив дека овој период од животот е ретка привилегија. Знам дека за неколку години можеби нема да ја имам истата слобода и време да ги правам работите што навистина ме исполнуваат, па си реков: ако не сега, кога?

Всушност, мојата желба за волонтирање започна со едно едноставно прашање: зошто сè во овој свет мора да се мери низ пари и зошто да не му се даде шанса и глас на некој искрено да ја раскаже својата приказна?
Токму затоа „Лице в лице“ веднаш ме привлече како концепт. Тоа е простор каде што секој човек е слушнат, а темите допираат директно до младите и искрено ги инспирираат. Кога за првпат ги видов списанијата и картичките во редакцијата, бев фасцинирана. Тоа е еден прекрасен спој на уметност, култура и општествена свест, изработен од рацете на млади луѓе.
Признавам, мојот првичен впечаток и очекувањата пред да започнам беа доста поразлични од реалноста.
Наместо само да набљудувам од страна, добив простор каде што моето мислење навистина се слуша и се вреднува. Да имаш можност да го кажеш својот глас и да бидеш дел од нешто поголемо – за мене тоа стана најважниот дел од целото ова искуство.
Иако сè уште не сум избрала со целосна сигурност што точно ќе студирам, знам дека моите интереси ме влечат кон природните науки, а не кон новинарството. Но, тука сфатив една важна работа: не мора да студираш новинарство или социјална работа за да те засегаат општествените промени и за да ти е важно да се чуе гласот на луѓето.
Во училиште, општествените предмети никогаш не ми предизвикуваа некој посебен интерес. Ми изгледаа како суви дефиниции и теорија. Но, кога се соочив со реалноста надвор од училиштето и влегов во една ваква организација, сфатив колку е сè ова всушност поврзано.
И покрај тоа што мојот животен пат веројатно е насочен кон сосема поинаква професионална цел, сфатив дека општеството не е некоја далечна тема од учебник. Сè е испреплетено: и науката, и културата, и општествените вредности, и луѓето околу нас.
Каде и да ме однесе кариерниот пат утре, знам дека преку вакви искуства ги градам вредностите за одговорноста кон заедницата и за разбирањето на светот.
Конкретните задачи беа клучни за промена на мојата перцепција. На пример, кога преведував текстови од англиски на македонски јазик за „Лице в лице“.
Задачата беше превод. Но, низ тие реченици се соочив со општествено важни и чувствителни теми кои ретко се наоѓаат во училишните учебници: од актуелни протести до шокантни примери на неодговорност, како што е недозволеното снимање на луѓе во ранливи состојби.
Преведувајќи ги тие приказни, сфатив што значи вистинска медиумска етика и одговорност. Одеднаш, овие теми не беа само вести на екран, туку нешто што бара сочувство, критичко размислување и длабока почит кон човечкото достоинство.
Тој директен контакт со реалноста ми ги отвори очите дека светот бара повеќе од рамнодушност.

Кафуле или волонтирање?
Oвaа дилема никогаш не треба да биде прашање на осуда или меѓусебно споредување. И работата и волонтирањето си имаат свои незаменливи предности и овој избор треба да биде целосно личен. Работата во кафуле, или било кој друг летен работен ангажман што е актуелен меѓу тинејџерите, носи огромна лекција за тоа како да се управува со сопствените приходи и колку всушност вредат парите. А чувството да си купиш нешто со сопствено заработени средства е едноставно незаменливо, особено на овие години.
Волонтирањето беше мојата избрана насока за ова лето затоа што барав искуства што не можат да се „купат“ со пари. Сфатив колку е важно и суштинско да ги обновиме вредностите на солидарност и на хуманост, особено во општеството во кое живееме денес, каде што пречесто се наоѓаме зад затворени врати и во сопствените микро-светови.
На 17 години сè уште не знам точно каде ќе ме однесе патот, но знам дека летото кога избрав да дадам дел од своето време за една идеја, научив дека и младите можат да бидат дел од промената.
И тоа, не кога ќе станат „возрасни“, туку сега!
Пишува: Леа Георгиев
Илустрации: Зоран Инадески
Прочитајте ги содржините за кои пишува Леа во својот блог:
- Тоа е што е
- Шведска има и свој „Див Запад“: три места што функционираат по свои правила
- Секој четврти ученик на 15-16 години се коцкал за пари, предупредува ХЕРА Млади
- „МакеДокс“ од 20 до 27 август: 71 документарец, Шпанија во фокус и над 100 гости
- Различни патишта, исти желби: Битола го одбележува 12-ти август, Меѓународниот ден на младите