Блог, Лице в лице

Вештините што на возрасните им требаат на работа, на децата им требаат на игралиште

Вештините што на возрасните им требаат на работа, на децата им требаат на игралиште - фотографија од www.magnific.com.

Колку често од децата бараме да се смират, да се концентрираат или да не реагираат импулсивно, без притоа да им покажеме како? Саморегулацијата и вниманието не се нешта што децата едноставно треба да ги „знаат“, туку се животни вештини што се учат, вежбаат и живеат, секојдневно.

Смири се!
Не се нервирај.
Нема потреба да се лутиш.
Ајде, концентрирај се.
Размисли пред да реагираш.
Не плаши се.
Ајде сега заспиј.

Колку пати сте му го кажале ова на вашето дете?

Важно прашање кое треба да си го поставиме е и: Дали некогаш сме го научиле детето како да го прави сето ова? Како да се смири кога телото му е преплавено со емоции? Како да го насочи вниманието кога мислите му летаат на сите страни? Како да направи пауза пред да реагира? Како да препознае што му се случува? Како да се врати кон себе?

Некако очекуваме децата да ги знаат овие работи, а тие се вештини и како и секоја друга вештина се учат.

Замислете дете кое никогаш не возело велосипед, го ставаме на велосипедот и му велиме – Ајде, вози! Кога ќе почне да се ниша, да му кажеме Држи рамнотежа! Кога ќе се исплаши – Не плаши се! Кога ќе падне – Ама ти реков да држиш рамнотежа! За ова, знаеме дека треба да му покажеме, да го придржиме, да проба, да падне и повторно да проба, па полека неговото тело да научи нешто што претходно не знаело.

Но, кога станува збор за вештините кои не можеме да ги видиме, понекогаш забораваме дека и тие треба да се научат и да се вежбаат.

Саморегулацијата е вештина. Исто како и насочувањето на вниманието. Препознавањето на она што ни се случува е вештина. Правењето пауза пред да реагираме е повторно, вештина, која се учи.
Можеби токму затоа наместо уште едно смири се, понекогаш ни треба да кажеме: „Ајде да видиме како може“.

Од кого учат децата?

Кога ќе го поставиме ова прашање, тогаш работите стануваат малку понезгодни. Децата не учат само од она што им го кажуваме, учат и од она што го гледаат. Можеме сто пати да му кажеме на детето „Застани пред да реагираш“.

Но, што гледа кога ние, родителите сме лути? Можеме да му кажеме – „Не се нервирај“. Но, што правиме ние кога нешто нема да оди според планот? Можеме да му кажеме – „Смири се.“ Но…

Дали ние знаеме како да се смириме?

И тука, за мене родителството станува многу повеќе од воспитување дете. Станува можност и ние повторно да учиме. Не за да станеме совршени родители, туку, заедно со нашите деца да стануваме малку повешти во животот.

Затоа мантрата која ја постојано ја повторувам е:

Вештините што нам, големите, ни се потребни на работа, на децата им се потребни на игралиште.

Саморегулација, фокус, трпение, комуникација, справување со фрустрација, способност да застанеме, да забележиме што ни се случува и да избереме што ќе направиме понатаму. Не мора да чекаме децата да станат „големи“, за да почнат да ги учат. Не ни треба една совршена алатка што ќе функционира за секое дете, во секоја ситуација, секој ден.

Не како уште едно морам и не: седи мирно! Затвори ги очите! Концентрирај се! Реков дека сега медитираме!

Туку како можност за пауза, за внимание, саморегулација, поврзување, за неколку мирни минути заедно и можеби најважно, можност детето полека да открива што му треба сега и што од она што го знам може да ми помогне?

Верувам дека животните вештини не се нешто за кое е доволно да читаме и да знаеме. Тие се учат, вежбаат и се живеат.

Токму на оваа тема е продолжението од серијата е-книги „Како може да станеме и останеме среќни родители“, во која ја истражуваме медитацијата како една од алатките преку кои можеме да вежбаме пауза, внимание, саморегулација, поврзување и однос. Материјалот е достапен за симнување, може да ме контактирате на [email protected] за да го добиете.

Пишува: Ана Салтирова Давидовски
Фотографии: Magnific.com

Авторката е NLP тренер и коуч, со над 20 години искуство во развојот на луѓето, основачка на #ЛиченИЗБОР и #КЛУБзаРОДИТЕЛИ. Повеќе за нејзината работа: anasaltirova.mk. Оригиналната објава е на овој линк.

Доколку сакате да бидете дел од секцијата во која вие, граѓанките и граѓаните учествувате во содржините на „Лице в лице“, кликнете на линков

Сподели твоја содржина со нас !