„Робиња сам твоја“: Кога контролата ја нарекуваме љубов, а жени што пријавуваат, не добиваат заштита од насилство
По фемицидот во Богданци, прашањето не е само дали институциите постапиле, туку дали жените што пријавуваат насилство навистина добиваат заштита.
„Робиња сам твоја, убиј ме!“
„Можеш да ме милујеш, можеш да ме силујеш…“
Стихови од песни што со години се слушаат, пеат, нарачуваат по кафулиња и веселби. Ги знаеме напамет, ги пееме без многу да размислуваме за нивното значење. А можеби токму тука треба да застанеме и да се запрашаме: што всушност славиме кога пееме за жена што е робинка, за љубов што силува, за страдање што се претставува како доказ за посветеност?
Не, песните не го предизвикуваат насилството! Но, културата во која постојано се повторуваат вакви пораки има влијание врз тоа како ги разбираме љубовта, односите и границите. Кога со години слушаме дека љубовта значи да си нечија сопственост, да трпиш, да страдаш и да останеш по секоја цена, тогаш не е чудно што понекогаш не успеваме да ја препознаеме границата меѓу љубовта и насилството.
Како општество, успеавме да ја романтизираме љубомората, контролата, посесивноста и страдањето. Ги нарекуваме силни емоции, голема љубов, темперамент, па дури и грижа. А кога ќе се случи насилство, е тогаш, се чудиме како не сме ги препознале знаците.
Во Богданци беше убиена уште една девојка. Имаше само 17 години. Овој фемицид, по кој сторителот, според официјалните податоци, си го одзел и сопствениот живот, не смее да биде сведен на уште една црна хроника, на „љубовна драма“ или на приказна за несреќна љубов.
Според досега објавените официјални информации, девојката претходно се соочувала со насилство и закани и побарала заштита од институциите. А сепак, денес ја нема.
Токму затоа, покрај болката и гневот, мора да поставиме и едно многу важно прашање: што значи институциите да постапат, а што значи една жена навистина да биде заштитена?
Постои огромна разлика меѓу институционалното „ПОСТАПЕНО Е“ и реалното „ЗАШТИТЕНА Е“.
Можно е да биде примена пријава, да биде направен записник, да бидат преземени одредени законски и административни чекори. Но дали со тоа жената е безбедна? Дали ризикот е правилно препознаен и проценет? Дали некој проверува што се случува по пријавата? Дали постои план што ќе се преземе ако заканите продолжат, или ако сторителот ги прекрши изречените мерки?
Во случајот со 17-годишната девојка од Богданци, според досега објавените информации, претходно имало пријава за физичко насилство и закани, а подоцна и пријава за загрозување на сигурноста. Од Обвинителството вчера информираа дека биле определени и мерки за заштита од семејно насилство. Сите околности на случајот допрва треба да бидат целосно утврдени.
Важно е, понатаму да знаеме дали жената навистина добила заштита.
Заштитата не е административна постапка, туку е резултат што треба да го почувствува и да го живее жената, за која системот постапува.
Одговорноста, во конкретниот случај треба да се утврди врз основа на сите факти и информации. Но, секој ваков случај мора да нè натера да го преиспитаме начинот на кој функционира системот за заштита на жртвите на родово базирано насилство. Особено кога постојат претходни пријави, закани и сигнали дека нечиј живот е во опасност.
Пријавете, им велиме на жртвите. Но, што потоа?
Ние постојано им велиме на жените: пријавете, не молчете, побарајте помош, не останувајте во насилна врска. И тоа е важно. Но, мораме да си го поставиме и другото прашање: што ги чека кога ќе го направат токму тоа? Дали ќе наидат на систем што ќе ги заштити или на систем во кој ќе мора повторно и повторно да докажуваат дека се во опасност?
Не можеме од жените да бараме храброст да пријават, а потоа да не им обезбедиме реална сигурност.
Не можам да престанам да размислувам за девојката од Богданци. За тоа колку живот имала пред себе. За тоа што препознала дека нешто не е во ред и, според објавените информации, побарала помош. И за прашањето што мора да нè прогонува сите нас: како да изградиме општество во кое една девојка нема да мора да се бори сама за сопствената безбедност?

Не дозволувајте нејзиниот живот да стане само уште една вест што ќе ја прочитаме, ќе ја споделиме, ќе се вознемириме неколку дена и потоа ќе продолжиме како ништо да не се случило.
Мораме да го смениме начинот на кој зборуваме за љубовта. Начинот на кој ги воспитуваме децата. Начинот на кој ги препознаваме првите знаци на насилство. И начинот на кој институциите ја разбираат својата одговорност – не само да постапат, туку навистина да заштитат.
Љубовта е слобода да бидеш свој, без да се плашиш дека поради тоа ќе бидеш повреден/а. И не, никој не е ничија робинка. Никој не е ничија сопственост. И никој не смее да плати со живот затоа што одлучил да замине.
Пишува: Магдалена Чадиноска – Кузманоски, социјална менторка во „Паблик“, која работи со жени жртви на насилство.
Илустрации: Зоран Инадески
Доколку сакате да бидете дел од овој дел на платформата, во кој вие, граѓанките и граѓаните учествувате во креирање на содржините на „Лице в лице“, кликнете на линков:
Сподели твоја содржина со нас !