Алхемија на храброста: Приказна за жената што создаде винарија во срцето на Фрушка Гора
Самохрана мајка, претприемачка и визионерка, Наташа Силаѓи од Нови Сад ја претвори личната борба во винаријата „Алхемија“ – место каде храброста, претприемништвото и Фрушка Гора се спојуваат во една инспиративна приказна.
Пред десет години мислела дека живее среќен живот. Денес признава дека тогаш, всушност, живеела во нездрав однос. Од жена која работела во корпоративниот свет и се обидувала да ги исполни очекувањата на животот, станува самохрана мајка, претприемачка и основачка на винарија што денес го носи името „Алхемија“.
Наташа Силаѓи е жена која од „нула“ создава сопствен свет. Во тој свет, болката станува сила, визијата ги заменува предизвиците, а соништата добиваат вкус – на лозје и вино. Таа одлучува да го претвори животниот пресврт во нов почеток.
Денес, нејзината приказна не е сторија за вино, туку за храброст, достоинство и истрајност на една жена.
– Пред десетина години јас бев една сосема поинаква личност и жена. Тогаш сè уште не бев мајка, не бев сопственичка на овој бизнис, бев мажена и мислев дека сум среќна. Меѓутоа, тогаш околностите се променија и сфатив дека живеам во еден нездрав однос- раскажува таа.

Пресвртот во нејзиниот живот се случува кога Наташа решава да започне од почеток. Со магистратура по економија и работно искуство во корпорациски системи, сфаќа дека креативноста на претприемништвото е нејзината иднина. Во исто време, приватниот живот доживува пресврт. Како самохрана мајка, Силаѓи одлучува да не се предаде.
Наместо тоа, таа создава. Свој бизнис, свој бренд, но, и нова верзија од себе.
„Го имам овој еден живот“ – моментот што променил сè

Во срцето на Фрушка Гора денес расте винаријата „Алхемија“, која симболично го носи името на „каменот на мудроста“ и личната трансформација што ја поминала нејзината основачка.
Една жена, два хектара лозје и визија за винарија како важно место на Фрушка Гора.
– Го имам овој еден живот и тој е многу краток. Замислете за 50 години да кажам дека немав храброст да се обидам да направам нешто од својот живот. Па што е најлошото што може да се случи? Да не успеам! – вели таа, откривајќи ја својата одлучност.
Кога претприемништвото станува лична борба
Токму таа мисла станува двигател на нејзиниот пат. За Наташа, претприемништвото никогаш не било само план за бизнис или за профит. Тоа е борба за достоинствен живот. Пат исполнет со падови, неизвесност и огромни жртви.
– Бескрајно е тешко кога сè паѓа на ваши плеќи. Тогаш работев уште една работа, а сега работам три. Но гледам напредок, навистина го гледам тоа скалирање. Некако, самата себе се убедив дека ме чека среќен крај – вели таа.
Во овие ставови крие суштината на нејзината приказна. Наташа не го романтизира успехот, туку искрено сведочи за цената што се плаќа за да се живее слободно и исполнето.
Женска поддршка и мрежа што создава нови можности
Освен што гради винарија, Наташа активно работи и на зајакнување на жените во бизнисот. Се приклучува на Стопанската комора на Србија и на Стопанската комора на Војводина, каде пронаоѓа мрежа на жени со слична визија и енергија.
– Тоа беше мојата деловна сигурна куќа. Таму се дружам, соработувам и се поврзувам со жени кои имаат претприемачки дух и сакаат да направат нешто повеќе во животот. Остваривме многу соработки и многу патувавме. Патувањата се нови очи, нов прозорец кон светот. И имам можност да пишувам нови иницијативи – вели таа.
Силаѓи била и иницијаторка да се креира платформата на Стопанската комора на Војводина, која носи наслов „Мој маркет“, и која ги обединува производите на српските претприемачки, овозможувајќи им продажба преку интернет. Идејата за ова на Наташа ѝ дошла од личната потреба, откако сфатила дека саемите и социјалните мрежи не се доволни за да можат овие претприемачки да ги пласираат своите производи.


Наташа избра достоинство наместо страв
За оние што ја познаваат, Наташа не е само успешна претприемачка. Таа е симбол на изборот да се остане исправен и кога е најтешко. Претприемачката Ивана Петриќ за неа вели:
– Таа избра достоинство наместо страв и храброст наместо молчење. Познанството со Наташа за мене е драгоцено. Тоа е дар од Бога, кој ми е испратен. И не само мене. Таа инспирира многу жени. Знам многу жени кои ѝ се восхитуваат. Енергијата всушност е сè. А таа ја има во изобилство, добра енергија.

Фрушка Гора како нов дом на една голема визија
Била прoгласена за претприемачка на годината во 2023 година. Денес, винаријата „Алхемија“ произведува три сорти вино, а визијата на Наташа продолжува да расте. Винаријата се наоѓа на Фрушка Гора, помеѓу селата Свилош и Грабово, каде Наташа гради комплекс за уживање, сместен во срцето на лозјето.

„Алхемија“ веќе привлекува внимание и надвор од Србија и е добитник на бронзен медал на Wine Vision by Open Balkan 2022. Но за Наташа, најголемата награда сè уште е чувството дека останала верна на себе.
– Кога тој мој деловен сон ќе се оствари, зад мене ќе остане една фрушкогорска винарија од 700 м2, на три нивоа, во срцето на лозјето. И мислам дека тоа, ако веќе сето ова досега не е омаж на мојата храброст, ќе биде клучната точка каде навистина ќе можам да си кажам: што повеќе сакаш сега? – вели таа со насмевка.
„Ништо не ни се случува нам. Сè се случува за нас“
Можеби токму таму лежи и најсилната порака на приказната за Силаѓи: дека успехот не започнува кога ќе имате сè, туку кога ќе одлучите да не се откажете од себе.
– Многу сум благодарна. Благодарна сум и кога имам сè што сакам, благодарна сум и кога немам. Ништо не ни се случува нам. Сè се случува за нас – вели таа.
Пристапната видео приказна за Наташа, погледнете ја во видеото:
Неколку фотографии од приватната архива на Силаѓи. Кликнете на фотографиите за поголема верзија:



Видео прилогот ќе биде достапен и за гледачите на јавните сервиси во нашата земја, како и во Војводина и Босна и Херцеговина: Македонска радио-телевизија, Радио-телевизија на Војводина и Радио-телевизија на Босна и Херцеговина.
Новинарка: Илијана Бербер
Видео и фотографии: Роберт Гонди
Монтажа: Ратомир Цениќ
Анимација: Андријана Весовска
Илустрации и графички дизајн: Ружица Мандичевска
Уредничка поддршка: Славица Ќурчинска, Маја Раванска, Климентина Илијевски
Мултимедијална пристапност: Асоцијација за пристапност и инклузија – АПИ: Кристијан Лазарев и Ванеса Лазарева.
Аудионарација: „Самоглас“: Христијан Попсимонов, Ангела Стојановска
Музика на шпица: „Тело за на ТВ“, „Дупер“; Автори: Борис Какуринов („Дупер“), Илчо Нечовски („Дупер“), Мартина Баракоска – тапани, перкусии, пратечки вокали.
Продукција: Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“ – Скопје, за потребите на проектот „People of Change – transformation, resilience, progress“.
„Innovation. Media. Minds: ЕУ поддршка на новинарството во јавните сервиси на Западен Балкан“, е проект финансиран од Европската унија што се спроведува од страна на „Goethe-Institut“, во име на Европската комисија и во соработка со партнерот за спроведување „DW Akademie“. За оваа содржина исклучиво е одговорно Здружението „Паблик“ и не мора да го одразува мислењето на Европската унија.

На овој линк може да ги најдете и сите приказни од овој серијал. Подолу погледнете ги и видео-приказните: