Никола Гелевски: Институциите ја балсамираат културата, а уметноста што не гризе е само мебел
По повод наградата „Македонско стрип наследство“, со Никола Гелевски разговараме за стрипот како субверзивен медиум, за феудализацијата на јавниот простор, за кризата на солидарноста во свет што ги следи војните во живо и за тоа зошто културата мора да остане непослушна.
Подолг период Никола Гелевски ми „боде очи“ како соговорник што никако не стигнувам да го интервјуирам. Не зашто е недостапен, туку затоа што интервјуирањето ми е пасија што упорно одбива да стане рутина или обврска. Коља, како што го знае нашата културна сцена, со години е на онаа моја замислена листа на луѓе со кои морам да си седнам и да разговарам, макар и преку екран. И секогаш нешто ќе се испречеше: друга тема, некој рок, нова итност, криза… А кај нас кризите имаат подобар маркетинг од културата.
Неодамна видов дека годинава е добитник на наградата „Македонско стрип наследство“, што фестивалот „Стрип Трип“ му ја доделува за долгогодишниот придонес кон развојот и афирмацијата на македонскиот стрип. Си реков: ако има време да одговори, а јас конечно немам изговор да не си прашам, сега е моментот.
Поводот е, секако, стрипот. Но со Гелевски тешко е да се остане само на стрипот. Разговорот во продолжение води и кон независната култура, заедништвото како отпор на себичноста и затвореноста, улогата на уметноста во време на безнадежност, кризата на јавниот простор и потребата културата да остане место за слободна мисла, несогласување и имагинација.
Во пресрет на фестивалот „Стрип Трип“, кој започнува утре и ќе трае до 7 јуни во МКЦ (повеќе детали тука), разговаравме со човекот кој повеќе од три децении упорно потсетува дека културата не е партиска работа и дека уметноста што не гризе е само мебел.
Наградата „Македонско стрип наследство“ на фестивалот „Стрип трип“ доаѓа по повеќедецениски ангажман во стрипот, но и во независната култура пошироко. Како денес гледате на вашиот придонес за нашата стрип сцена?

– Баш ме стресе, во позитивна смисла, наградава, и ме натера и да се вратам назад, во времето кога најмногу се бавев со стрип, но и да си ја преиспитам сопствената улога во овој чудесен медиум. Како автор, сценарист, на почетокот на „кариерата“, околу 1990‒та, со двајца исклучителни уметници и мои тогаш добри пријатели, Ацо Станковски и Игор Тошевски, работев на два многу необични стрипа кои останаа незавршени. Со Ацо за неколку години тогаш направивме околу 900 табли од лудиот стрип „Лабрис“. Околу 420 табли од „Лабрис“ објавивме во списанието „Лифт“ кое излегуваше од 1995 до 2001-та. Со Игор направивме 22 продолженија од „Призрак против Сенка“, некаква илустрирана приказна, сосема нестандардна, која во 1991 одеше во „Наш свет“. Во поново време, пред неколку години, со Ристо Аврамовски направивме исто необична стрип-сликовница, „Панда во дрон“.
Како уредник придонесов многу повеќе за стрипот, барем во квантитативна смисла: покрај списанието „Лифт“ многу стрипови објавувавме и во списанието „Маргина“, особено во периодот 1995‒2010. Тогаш направивме и неколку стрип изложби, а македонскиот стрип го претставивме и во Ангулем 2001-та, мислам. Во 2017 ја покренавме стрип едицијата „Лифт“, а во 2018 и годишната награда за стрип (под име „Лифт“, се разбира).
Од друга страна, сепак, кога веќе се преиспитувам, и покрај многуте години и релативно многуте завршени работи во оваа област, сепак сум на страната на квалитетот. Иако и квантитетот, издржливоста, постојаноста, се мошне важни за стрипот, особено денес кога публиката му е драматично намалена.
Кога денес гледате на македонската стрип-сцена, што ве радува повеќе: тоа што преживеала, тоа што успева одново да создава нови автори и нови јазици на изразување, или нешто сосема трето?
– Добро прашање. „Новите јазици на изразување“, тоа е мошне важен израз за мене. Го објаснува моето разбирање на стрипот како суштински „композитен“ уметнички медиум кој постојано е во себеистражување. Таквото разбирање на стрипот малку ме оддалечува од конвенционалните и комерцијалните стрипови, иако и таму има чудесни дела. Сепак, стрипот првенствено ме интересира како ликовно-текстуален експеримент, креативен и субверзивен преплет на двете најмоќни уметности, ликовната и книжевната. Затоа, меѓу другото, и ми беа исклучително важни и формативни соработките со неколку ликовни уметници.
Нашата стрип сцена е мала и кревка, но некако се држи, „со помош на трикови и магии“. Она што може да ја одржи и зајакне е заедништвото, и во креативна смисла – нови храбри споеви и колаборации – и во социјална, па и политичка смисла: стрип авторите можат да се изборат за поголема поддршка ако се заедно и ако се паметни и храбри.
Независната културна сцена е сведена на борба за гол опстанок, како и повеќе позитивни елементи од културното живеење кои се однесуваат на уметност, но и на образование, јавен простор, граѓанско организирање итн. Кои се главните пречки за да може независната културна сцена да биде двигател на општествени промени?
– Независната или неинституционалната културна сцена е „органски“ поврзана со целокупниот граѓански сектор зашто нејзиното настанување, развој, прикажување, главно се одвиваат надвор од институционалната култура. Стиловите, методите, начините на работа исто така се разликуваат од тие во институционалната култура. Со самото тоа независната култура е послободна, поразлична, пошарена, пожива, поблиска до граѓаните, и подемократска.
Кои се главните пречки за развој на нашата земја? Феудализацијата, т.е. монополизираниот простор, и физички и ментален. Примитивизмот, глупоста, себичноста, алчноста… Сето ова, се разбира, го има и кај „независните“, „аполитичните“, резигнираните, исплашените…И во таа смисла немонополизираната култура е исклучително важна, да понуди поинакви енергии, концепти, имагинација, свест, здружување… Јасно е кому таа му пречи. На феудалците и намножените малограѓани, нашата нова ѓомити средна класа, релативно ситуирана, но шуплива.
Во регионот и во светот, повторно сме сведоци на силни националистички и идентитетски наративи кои често ја потиснуваат културата, но и различноста генерално, како простор за дијалог. Има ли културата денес сила да понуди поинаква визија за заедницата, или и самата станува заробеник на политичките поделби? Како би можело ова да го промениме?
– Задачата пред нас, и како граѓани на нашата држава и како граѓани на светот, е преовладувачката култура на себичност и затвореност да ја замениме со култура на вредности и принципи. Здружувајќи се, промислувајќи ги работите поодговорно и малце подалеку од сопствениот нос, ќе треба одново да се воспоставиме себеси; преобликувајќи го „табиетот“ ќе треба да трасираме подобра и поодржлива иднина за целата заедница. Тоа не е лесно, се разбира, но никогаш не треба да стане невозможно. Така зборуваше Хана Арент. Антифашизмот одново станува спасоносна енергија, но обликувањето на таа нова спротиставувачка свест нема да може да се потпира само на старите матрици (кои, се разбира, сè уште инспирираат и заслужуваат почит, но констелациите, и покрај сличностите, не се исти).

Војните и човечките трагедии ги следиме во живо, да не речам, ги стримаме. Информациите се достапни, но колективната способност за реакција, солидарност и политичко дејствување недостасува. Што ни се случува како граѓани, како општества? Оправдување ли е ако кажеме дека сме преоптоварени од сликите на страдањето, или пак сведочиме на една подлабока криза на моралот?
– Овде можеби лежи најголемата опасност за човечкиот род. Ние сме еволуциски животни, кодирани за преживување. Нема култура и морал во екстремни услови, а условите на Земјата полека стануваат екстремни, како во приказната за жабата што почнува да се вари… На таа предвидлива матрица на хомосапиенсот играат и сеприсутните алгоритми кои сè подлабоко ги уредуваат нашите животи.
Консумеризмот се всадува во мозоците, како и стравот од поинаквите, и омразата… Разликите во приходи и богатство никогаш не биле поголеми. Неколкуте илјади најбогати луѓе на планетава се побогати од неколкуте милијарди најсиромашни! И знаете што е најстрашно: можеби „мисијата“ на новите феудалци и господари е еволуциска и еколошка? Можеби тие неколку милијарди сиромашни луѓе и треба да умрат, оти се слаби потрошувачи и оти го загадуваат и узурпираат просторот што не е нивен?! Ова дури и не мора да биде конспиративниот мега план на моќните; можеби е ова планот на еволуцијата, чии сме ние фрагментизирани, несвесни извршители… Драго ми е што стареам.

„Темплум“повеќе од три децении објавува книги кои често одат спротивно на комерцијалната логика и на доминантните културни трендови (и затоа особено ве почитувам!). Ова брзо време ни ја наметнува некако површноста, па сè што бара умствен процес, време, енергија и труд како да е оставено на страна. Колку е едноставно да најдете денес автор(к)и кои имаат што да кажат, но, и читател(к)и кои се подготвени да слушаат нешто надвор од содржините кои ни ги сервираат алгоритмите?
– Ух, тешко прашање. „Темплум“ е комплициран механизам, вака ретроспективно гледано. Во овие 35 години издаваштво неретко било во втор план печатењето книги (иако досега објавивме барем 700 изданија, што ми изгледа неверојатно!). На пример, кога го создадовме здружението „Контрапункт“, со Искра Гешоска, и културниот центар „Точка“ на почетокот на 2000-ите, издавањето книги беше во втор план (иако издавањето на нашето списание „Маргина“ тогаш беше во прв план). Кога го формиравме „Окно“, во 2009, издавањето книги пак страдаше зашто секогаш сум работел во мали тимови, со многу малку пари и со кревка инфраструктура. Така што, тие промени, дури и длабински, од самите почетоци всушност се конститутивни, „идентитетски“, за „Темплум“.
Можеби е „Темплум“ и слика на мојот карактер: не сум баш ни уредник ни писател ни преведувач ни критичар ни теоретичар ни уметник (на живеењето:) ни директор ни менаџер ни претприемач… Досадни се цврстите идентитети. Можеби таа композитност, хетерогеност, е една од причините за долготрајноста на „Темплум“.
Во овој контекст, како да ја храниме книжевната, издавачката, уметничкатаи културната сцена воопшто, која повеќе ќе се занимава со иднината отколку со прогонување на духовите од историјата?
– Се залагам за плурализам, шаренило, непрофитни медиуми, независна културна сцена… зашто нашиот формален заеднички апарат („државата“) е трокиран. То ест партизиран е, затворен, себедоволен (личи на господарите на планетава спомнати погоре).
Кај нас институциите ја балсамираат културата. Таа во моментов во голема мера преживува на улица, то ест по дома. Институциите градат ѕидови за божем да ја „зачуваат“ уметноста, но уметноста кај нас не само што не се чува, туку токму институциите ја оневозможуваат новата уметност. Културните артефакти не се „случуваат“ со декрет, печат или министерско одобрение, туку се раѓаат случајно, инстинктивно, по потреба, во бунт и отпор, како крик, на дистанца… Добрите културни политики (добрите држави, ако сакате) се свесни за тоа и го помагаат културниот плурализам зашто тој го прави општеството посплотено (и навнатре и нанадвор) и понапредно.
Кога зборуваме за кризата на јавниот простор и физички и симболички, каде денес се создава критичката јавност во Македонија? Каде е улогата на независните медиуми, малите издавачи и културните организации?
– Независните медиуми треба да бидат дел од таа голема независна култура, суштинска за граѓанското организирање. Таа граѓанска мрежа треба да се занимава со секојдневниот живот, малите луѓе, еколошките прашања, со грижата за јавните простори, со алтернативното образование, со малите фирми и организации кои имаат еманципаторски потенцијал…
Независната култура постои за постојано да потсетува дека културата не е партиска работа. Дека уметноста не е државна служба. Дека уметноста која не гризе не е уметност, туку мебел. Дека уметноста треба да биде огледало што ги покажува пукнатините на општеството. И терен за вежбање креативност. А креативноста може да биде едно од ретките оружја против сè пораширената безнадежност.

Прашање за препорака. Што читате, гледате, слушате, што би можеле да го препорачате на нашите читатели?
– Годинава работиме многу интересен проект „Дисензус“, скромно поддржан од „Хартефакт“. Концептот „дисензус“ потекнува од современиот француски филозоф Жак Рансиер. Тој не подразбира обично несогласување или дебата, туку е „пукнатина во начинот на кој ја гледаме стварноста“, во тоа кој има право да зборува, кој да биде слушнат и што воопшто се смета за политичко или уметничко прашање. Општествениот поредок утврдува кои гласови, облици, простори, теми… се видливи, присутни, дозволени во јавниот простор.
Концептот „дисензус“ го нарушува тој поредок. Кога „невидливите“ стануваат видливи во општеството, тоа е чин на дисензус. Во уметноста делото не треба да биде пропагандно; доволно е да го направи видливо она што обично е скриено, или да го покаже познатото на неочекуван начин. Уметноста е политичка оти создава нов начин на гледање, слушање и чувствување.
Значи, годинава интензивно се занимавам со „маргиналните уметници“ (иако тоа отсекогаш била моја сфера на интерес; пред година и пол, на пример, објавив книга „Сто филмови за попреченост“, која сосема влегува во рамката „Дисензус“). Годинава, значи, открив десетици навистина генијални луѓе, а надвор од сите официјални канони. Се трудам таквите луѓе да ги откривам и кај нас, и во минатото и денес.
Всушност, пак станува збор за најстарата „Темплум“ тема: преиспитување на нормите, каноните, границите, поредокот, културата…
Еве линк кон стотина прилози на „Окно“ на тема „Дисензус“.
Пишува: Маја Раванска
Насловна фотографија: Небојша Гелевски.
Портретите на Никола Гелевски, распоредени низ интервјуто, ги направија Ацо Станковски, Владимир Лукаш и Димитрие Дурацовски.
- Отворен повик за 5 млади амбасадорки за дигитална безбедност: зајакнување на жените во сајбер просторот
- Дејан Дуковски: Фестивалот „Војдан Чернодрински“ има многу важна улога за мене како автор
- Скопје домаќин на национална конференција за социјално претприемништво: фокус на политики, партнерства и локален развој
- Ден посветен на Дејан Дуковски на „Војдан Чернодрински“: Изложба, промоција на драми и разговор со авторот
- Отворен 60. МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот живее додека има сцена, публика и приказни